Регион
(Видео) Село кај Јабланица во БиХ се уште е отсечено: „Единствениот начин е со чамец или пеш низ шумата“

Селото Чивељ кај Јабланица беше целосно отсечено од остатокот на Босна и Херцеговина по катастрофалните поплави што ја погодија земјата. Поминаа седум дена од трагедијата, но патната комуникација до одредени места се уште е блокирана.
Чивељ е мало место на Јабланичкото езеро кое нема голем број жители, а бидејќи трагедијата се случи поради врнежите минатата недела, тие немаат можност да стигнат до градот со приватни возила, пишува Кликс.
Единствениот начин да се стигне од ова село до Јабланица е, пишува порталот, со брод преку езерото или пет часа пешачење низ шумата. Спасувачите со чамци и сплавови им доставуваат храна и вода, а имаат и проблеми со струјата.
Претходно се случуваше локалниот пат да биде блокиран поради порои и наноси од карпи кои паднаа на коловозот. Мештаните за Кликс изјавија дека причината е блискиот каменолом, кој исто така овојпат направил проблем.
Посочуваат дека во Чивељ дошло до целосно излевање на потокот во близина на каменоломот и дека наносите на земја престанале на само 50-ина метри од куќите. На ова место немаше жртви во поплавите неодамна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Завршени обдукциите на четворицата државјани на Малта кои загинаа во сообраќајна несреќа во Хрватска

Давењето е најверојатната причина за смртта на двата брачни пара од Малта кои загинаа минатиот четврток во тешка сообраќајна несреќа во Буница кај Сењ, Хрватска, кога нивниот автомобил излеѕа од Јадранската магистрала во морето.
Ова го открија прелиминарните резултати од обдукцијата спроведена во Риечкиот институт за судска медицина и криминалистика, пишува риечкиот портал Бурин.
Иако лабораториските тестови сè уште се во тек, давењето се смета за најверојатна причина за смртта. Починатиот Џереми Гамбин (68), неговата сопруга Лорејн (67), Кевин Боничи (67) и неговата сопруга Александра (66) претрпеле само полесни повреди кои не можат да се поврзат со смртта.
Се верува дека сите носеле безбедносни појаси кога нивниот „ленд ровер дискавери“ излетал клисурата, а потоа и во морето.
Веднаш по несреќата, се сомневаше дека на возачот му се слошило, поради што ја изгубил контролата врз возилото на малата кривина. Сепак, обдукцијата не ја потврдила оваа шпекулација, објавија хрватските медиуми.
Утврдено е дека сите жртви имале здрави срца, без претходни срцеви удари или други здравствени проблеми што би можеле да ја предизвикаат несреќата.
Останува нејасно зошто возачот, за кој се верува дека е Кевин Боничи, ја изгубил контролата врз возилото. Тој бил пронајден во скутот на патникот Џереми Гамбино, додека нивните сопруги биле на задното седиште.
Трагедијата покрена голем број прашања, првенствено зошто патниците не можеле да излезат од автомобилот, кој потонал на длабочина од 11 до 12 метри.
Никој од нив не претрпел повреди што би предизвикале губење на свеста, но вратите од смачканото возило не можеле да се отворат.
Автомобилот, кој мажот од Малта го изнајмил на аеродромот во Загреб, бил извлечен од морето минатиот петок. Нуркачи и камион за влечење учествувале во операцијата.
Полицискиот службеник Јасмин Мујаковиќ, кој прв пристигнал на местото на настанот, скокнал во морето и нуркал неколку пати, но безуспешно се обидел да ја отвори вратата. Телото на една жена исплутало од возилото, додека другите три жртви биле пронајдени во автомобилот.
фото: принтскрин
Регион
(Видео/Фото) Србите и Унгарците одржаа заедничка воена вежба

Србија и Унгарија одржаа заедничка воена вежба „Соседи 25“ со цел зголемување на нивото на соработка меѓу армиите на двете земји и размена на борбени искуства, соопшти српското Министерство за одбрана.
Вежбата се одржа на воениот полигон Пасуљанске ливаде со учество на припадници на Првата бригада на српската армија и 30-та механизирана бригада на Унгарија.
За време на повеќедневната вежба, војниците заедно ги вежбаа дејствата на единиците во тактички операции, вклучително и употребата на современи борбени возила, комуникациски системи и опрема за собирање и обработка на разузнавачки информации.
Ова е десетта заедничка вежба наречена „Соседи“ што ја спроведуваат вооружените сили на Србија и Унгарија.
Регион
Во Бугарија и Романија на сила црвен метео аларм поради обилни дождови

Во Бугарија и Романија на сила е црвен метео аларм поради обилни дождови. Обилните дождови продолжија да ја погодуваат Бугарија, што доведе до затворање на патишта, прогласување црвен метео аларм во неколку области, а 51 населено место останаа без електрична енергија поради бурата. Надлежните органи го интензивираат надзорот над сите мостови и инфраструктура што е потенцијално оштетена од поплавите, пишува денес „Новините“. Службениците предупредија дека секоја локација што е изложена на ризик ќе биде веднаш затворена.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни, да избегнуваат патувања и да ги следат упатствата на надлежните служби. Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен метео аларм, највисоко ниво на предупредување, за осум области каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар, пренесува Танјуг.
Во исто време, властите објавија дека Бугарија ќе побара помош од Европскиот фонд за солидарност за погодените места поради предизвиканите штети.
Метеоролозите во Романија денес го продолжија црвениот временски аларм поради предвидените обилни врнежи од дожд за пет области и градот Букурешт со можност за врнежи до 140 литри на квадратен метар.
Според најновото предупредување на Романската национална метеоролошка управа (ANM), од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат обилни врнежи од дожд во неколку области, пишува романската новинска агенција Аѓерпрес.
Фото: принтскрин