Македонија
В понеделник ќе продолжи судењето за убиството на Вања и Панче
Велешанецот Боре Видевски, еден од обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски е вратен во Истражниот затвор Скопје. Тој поради влошена здравствена состојба кон крајот на минатиот месец беше пренесен на болничко лекување.
Поради хоспитализацијата на Видевски, Основниот кривичен суд Скопје ги отповика рочиштата за судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски кои беа закажани за минатата недела, информирајќи дека судењето продолжува на следниот закажан термин на 14 октомври.
Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември. Им се суди на првообвинетиот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа најдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС не може да најде простор за поддршка на одлуката за поголеми плати
Како и секогаш до сега кога се во прашање важни одлуки како зголемување на платите, СДСМ повторно не може да најде простор за поддршка, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека очигледно е дека повеќе би сакале да молчат, отколку да признаат дека нашата влада презема вистински чекори.
„Шегата на страна, ВМРО-ДПМНЕ сериозно се грижи за граѓаните и затоа ја донесе одлуката за зголемување на платите, за подобрување на животниот стандард на сите. Ова е важен чекор кој СДС, наместо да го игнорира, треба да го поддржи за доброто на народот. Молкот на СДС е уште еден доказ за нивната неодговорност и недостиг на визија. Граѓаните заслужуваат повеќе, заслужуваат одговори и дела, а не плитки избрзани критики во слабост од луѓе кои за 7 години буквално ја уништија државата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд почина денеска во Охрид
Алекс Салмонд поранешен прв министер на Шкотска почина денеска во Охрид, каде учестувуваше како панелист на вториот Форум за културна дипломатија, информираат од Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Салмонд вчера имаше излагање на второто издание на Форумот за културна дипломатија во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин.
Салмонд од 2007 до 2014 година беше прв министер на Шкотска.
Македонија
Тошковски најави засилен видео-надзор откако првооделенци сакале да силуваат ученик во Скопје
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска, најави засилување на видео-надзорот, како и присуството на полициски службеници, откако завчера двајца првооделенци од училиштето „Димитар поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров, се обиделе да силуваат свој соученик.
Во одговор на новинарско прашање, Тошковски вели зголемувањето на видео-надзорот и присуството на полициски службеници нема да ги реши ваквите девијантни појави, но ќе допринесе за зголемување на безбедноста на граѓаните.
„Многу ми е жал што е случен таков настан и што е споделен со јавноста, бидејќи станува збор за малолетници. Искрено целокупната јавност е згрозена од ваков тип на настани. Министерството за внатрешни работи во делот на негова надлежност ќе постапи во иднина во насока на она што сметаме дека треба да биде темел на идната работа на полицијата, а тоа максимално засилување на целокупниот видео-надзор и присуството на полициските службеници на терен. Но, тоа нема да ги реши овие девијантни појави и да ги искорени, но во секој случај ќе допринесе да ја зголеми безбедноста и да овозможи на граѓаните да се чувствуваат побезбедно. Овој тип на девијантни појави имало и ќе ги има, наша работа е да сториме сѐ што е во наша надлежност за да ги спречиме од аспект на преземање на конкретни дејствија“, рече Тошковски.
Според Кривичниот законик, додаде, малолетниците немаат кривично-правна одговорност, така што подетална надлежност за овој тип на предмети имаат други институции.
„Мислам дека подетална надлежност за овој тип на предмети имаат други институции, отколку Министерството за внатрешни работи, затоа што станува збор за малолетници, деца кои што немаат кривично-правна одговорност согласно Кривичниот законик“, рече Тошковски.
Според соопштението на МВР, двајца првооделенци од училиштето „Димитар поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров, завчера, со тврд предмет се обиделе да силуваат свој соученик. Случајот во полиција го пријавил неговиот татко.
„Во СВР Скопје, 44 годишен маж од Скопје пријавил дека во периодот од 11 до 15 часот во двор на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, неговиот малолетен син бил физички нападнат од двајца негови соученици, кои со тврд предмет се обиделе да извршат полово дејствије врз него“, стои во соопштението на МВР.