Спорт
Синер преку Ѓоковиќ до титулата во Шангај
Синер победи против Ѓоковиќ по нешто повеќе од еден час и повремен тенис, во сетови – 7:6, 6:3. Со оваа победа Италијанецот и дефинитивно потврди дека е најдобриот тенисер на планетата, откако неколку дена претходно го обезбеди првото место на АТП-листата.
Шангај му е 17-та титула во кариерата, а четврта во серијата Мастерс 1.000, додека Ѓоковиќ допрва ќе треба да ја чека 100-та титула откако влезе во професионалните води.
Покрај тоа, Синер сега трет пат во низа го победи Ѓоковиќ, по Дејвис купот и Австралија опен и израмни на 4-4. Тој од понеделник ќе има 11.920 бодови во рангирањето, дури 4.700 повеќе од првиот вицешампион Карлос Алкараз, додека Србинот со финалето во Шангај го обезбеди четвртото место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ѓоковиќ: Планирам да се натпреварувам и да играм и следната сезона
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека планира да се натпреварува и игра и следната сезона и додаде дека е задоволен од годината иако не освои ниту еден грен слем куп, но освои злато на Олимписките игри во Париз.
„Во однос на резултатите, ова беше една од најлошите сезони. Во одреден момент мораше да има година кога не освоив Грен слем и не можев да го задржам тоа високо ниво по толку многу години. И тоа е во ред, среќен сум со златниот медал на Олимпијадата, тоа беше мојата главна цел оваа година. Се разбира, би сакал да го освојам грен слем, но тоа е тоа“, изјави 37-годишниот Ѓоковиќ на прес-конференција по поразот од Јаник Синер во финалето на Мастерсот во Шангај.
Синер го совлада Ѓоковиќ, но Србинот смета дека имало и добри моменти во неговата игра.
„Мислам дека има некои позитивни работи што можам да ги извлечам. Прво, моето ниво на тенис беше навистина добро на овој турнир, веројатно најдоброто од Олимпијадата во однос на тоа како се чувствував, како играв, како се борев. Денеска направив сè што можев, но Синер заслужи да победи во важните моменти. Исто така, мислам дека одиграв прилично добро во финалето, што ми дава причина да верувам дека сè уште можам да играм против овие момци кои се најдобри во светот. Се надевам дека ќе го задржам тоа ниво во наредните месеци и во иднина“, додаде Ѓоковиќ.
Освојувачот на 24 грен слем купови сака да биде на врвот и следната година.
„Сакам да бидам во позиција да играм против најдобрите во светот на најголемите сцени. Тоа е она за што работам и зошто сè уште ги поместувам моите граници. Не знам што ќе донесе иднината, ќе се обидам да се адаптирам, но сепак планирам да се натпреварувам и да играм следната сезона, ќе видиме до каде ќе стигнам“, додаде Ѓоковиќ, пренесува „Танјуг“.
Спорт
Синер: Поради проблеми надвор од теренот, ја загубив насмевката
Италијанецот, Јаник Синер го потврди статусот на најдобар светски тенисер во моментов со победата над Новак Ѓоковиќ во финалето на АТП Мастерс 1000 турнирот во Шангај и освојувањето на седмата титула сезонава.
„Оваа година беше многу, многу тешка за мене поради други околности и во одредени моменти ја изгубив насмевката, поради проблеми надвор од теренот и се уште понекогаш мислам на нив“, рече Синер на прес-конференцијата по неговиот прв триумф во Шангај, вкупно 17 .трофеј во кариерата, а четврти во серијата Мастерс 1000.
Проблемот со кој се соочува е претстојниот жалбен процес поврзан со неговиот позитивен антидопинг тест, за кој беше ослободен, бидејќи успеа да докаже дека трагата на метаболити на забранетиот анаболичен стероид клостебол, кој беше пронајден во два наврати во неговиот примерок, бил проголтан од крема што ја содржела забранета материја за време на масажа.
Тој беше ослободен, но се’ уште се бара негова суспензија
Независна судска комисија го ослободи Синер од одговорност и му изрече лесна казна, лишувајќи го од бодовите заработени на Индијан Велс, турнирот на кој тој даде два позитивни примероци. Сепак, Светската антидопинг агенција во септември објави дека ќе се жали на одлуката на независниот суд и ќе побара суспензија на Синер во период до две години.
„Луѓето мислат дека со победите и успесите, проблемите исчезнуваат, но тоа не е точно, бидејќи се уште сум во ситуацијата во која се наоѓам. Очигледно не е удобно и посакувам да не бев на оваа позиција во која сум сега“, рече 23- годишниот Италијанец и додаде: Но, морам да го прифатам тоа. Се чувствувам силно кога излегувам на теренот, се трудам да не размислувам за тоа, се трудам да останам фокусиран на се што правам и давам сто проценти на секој натпревар или тренинг.
Првата позиција ја обезбеди на крајот на годината
Зад Синер е убедливо најдобрата сезона во неговата кариера. Одигра 71 натпревар и оствари 65 победи. Во осум финалиња, седум пати беше успешен и на ниту еден од турнирите на кои играше не беше елиминиран пред четвртфиналето, а половина од поразите (три од шест) ги предизвика неговиот најголем ривал, Шпанецот Карлос Алкараз.
„Чувствувам дека сум физички подготвен да играм долго време на највисоко можно ниво. И психички сум подготвен да ја прифатам секоја тешка ситуација на теренот и мислам дека тоа е најголемиот чекор што сум го направил … Се трудам да бидам доволно зрел за да сфатам што функционира и мислам дека тоа имаше големо влијание оваа година. Се надевам дека ќе ми помогне и следната година“, изјави Јаник Синер.
Спорт
Македонија во Ереван, со победа ќе го обезбеди првото место во групата
Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва од 18 часот, во Ереван, против Ерманија ќе го одигра натпреварот од четвртото коло во Лигата на нации.
Македонија вечерва може да го обезбеди првото место во групата 4, во Ц-дивизијата во Лигата на нации.
За да биде реализирано ова сценарио Македонија треба да победи во Ереван и во исто време да нема победник на натпреварот меѓу Фарски Острови и Латвија. Но и доколку има победник на дуелот во Торшван, а Македонија ја победи ерменија, јасно е дека избраниците на Благоја Милевски ќе бида на чекор до освојувањето на првото место.
Првото место во групата носи и пласман во Б-дивизијата во Лигата на нации.
Вечерашниот натпревар ќе биде 15. меѓу двете репрезентации, Македонија има подобар биланс, седум победи, четири порази.