Македонија
Замрзнувањето на „балансерот“ нема да ги спречи новите вработувања, вели вицепремиерот Фетаи
Важно е тоа што конечно ќе се донесе Закон за правична застапеност, кој уставното правило ќе го преточи во законска обврска со контролни механизми. Вакво нешто недостасуваше до сега, а особено со „балансер“, за кој што знаеме дека беше многу злоупотребен и не овозможуваше правична застапеност, смета вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи.
Тој на денешната прес-конференција по повод 100-те дена нова Влада, одговорајќи на новинарско прашање дали се согласува Законот за правична застапеност да биде согласно препораките на Венецијанската комисија според барањето на премиерот, одговори дека е меѓународна пракса да се земе мислење од Венецијанската комисија.
Тој е на ставот дека замрзнувањето на „балансерот“ нема да ги спречи новите вработувања.
-Правичната застапеност е дел од Уставот. „Балансерот“ беше дигитална алатка која овозможуваше реализирање на годишните планови за вработување. Замрзнувањето на „балансерот“ е додека да најдеме ново законско решение. Ова нема да ги спречи вработувањата. Ќе има вработувања според уставното правило на правична застапеност, како што кажа и премиерот. За Законот за правична застапеност се зборуваше со години. Јас сум еден од оние кој во рамките на мојата партија Алијанса за Албанците го изготви овој предлог закон со меѓународни експерти, рече Фетаи.
Според него Венецијанската комисија е механизам кој ни овозможува да донесеме решение кое ќе се вклопува со меѓународните практики на Советот на Европа. Исто така, потенцираше дека процесот на донесување на Законот ќе биде транспарентен, ќе се вклучат експерти, граѓани, цивилното општество.
-Меѓународна пракса е да се земе мислење од Венецијанската комисија. За овој закон се зборуваше со години наназад. Законот доцни 22 години. Требаше да се донесе во моментот кога го усвоивме амандманот 6 од Уставот. Но, важно е процесот да почне. Ќе бидат вклучени експерти, граѓани, цивилното општество, како и медиуми. Процесот ќе биде транспарентен, и секој ќе има можност да даде свое мислење, со цел да се најде најдоброто законско решение за реализирање на уставното право, додаде Фетаи.
На новинарско прашање дали ги слуша препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Фетаи одговори дека ја поддржуваат работата на оваа институција, ги прифаќаат нивните извештаи и ги следат нивните препораки.
-Јас имам постојани контакти со членови на Антикорупцијата. Активно учествуваме во изготвување на новиот Закон против корупцијата и политички ја поддржуваме работата на оваа институција. Се разбира, ги прифаќаме нивните извештаи и ги следиме нивните препораки. Како вицепремиер и како дел од коалицијата, можам да кажам дека сите сме заинтересирани да докажеме дека нашата влада е реформска, посветена на владеење на правото и на борбата против корупцијата. Ќе видите дека за првпат ќе има промена околу пристапот на финансирање на институциите против корупцијата. Какво Влада заинтересирани сме да инвестираме повеќе буџетски ресурси во сите антикорупциски институции, додаде Фетаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Чаир: Утре ќе се одржи комеморативната седница посветена на пејачот Шпат Касапи
Комеморативната седница посветена на пејачот Шпат Касапи ќе се одржи во вторник, 2 Декември 2025 година, во 13:00 часот, во општина Чаир.
„Овој момент на сеќавање има за цел да го пренесе поширокото културно и институционално признание за неговото дело и за влијанието што го остави во албанската музичка уметност.
Паралелно, книгата за сочувство ќе биде поставена во просториите на Општината и ќе биде отворена од вторник до петок, за сите граѓани и претставници на уметничката заедница кои сакаат да го изразат своето сочувство“, велат од општина Чаир.
Македонија
Жан Митрев Клиника со признание за медицински туризам на Меѓународниот саем во Нови Сад
Клиничката болница Жан Митрев е добитник на признанието за „придонес кон иновации и професионален пристап на клиниката како водечка дестинација за медицински туризам“ на годинешниот 56 -ти Меѓународен саем за туризам во Нови Сад, што се одржа од 26 до 29 ноември.
Ова признание претставува силна потврда дека Жан Митрев Клиника се позиционира и е препознаена како реномирана дестинација за медицински туризам, со високи стандарди и иновативен пристап во државата, регионот, но и во светот.

Во последниве 25 години, во Клиниката Жан Митрев остварени се 1,1 милиони посети од повеќе од 400 000 пациенти од Македонија, Косово, Албанија, Хрватска, Швајцарија, Англија, Либија и многу други држави, а извршени се повеќе од 45 000 оперативни зафати. Ова е доволен показател за највисоките стандарди што ги применува Жан Митрев Клиника од аспект на квалитетот на здравствените услуги и грижата за безбедноста на пациентите, за што впрочем говори и последното признание за медицински туризам на саемот за туризам во Нови Сад.
На меѓународниот настан учествуваа околу 250 изложувачи од 10 држави, а Македонија беше држава партнер. Македонското Министерство за култура и туризам предводено од министерот Зоран Љутков ја претстави својата туристичка понуда пред бројните посетители
Учеството на Саемот претставува значајна можност за меѓусекторско поврзување на приватниот и јавниот сектор, преку граѓански организации кои придонесуваат за развој, како и туристички агенции, угостители и хотелиери.

Жан Митрев Клиника изразува благодарност за признанието, кое претставува потврда дека континуираната посветеност, врвната експертиза и довербата што ја ужива меѓу пациентите од Балканот и пошироко, ја прават вистински амбасадор на македонското здравство на меѓународната сцена.
ПР
Македонија
Сиљановска-Давкова: Системските недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција, бараат системски пристап во нивото отстранување
Покрај формалната, нужна е реална заштита на жените од насилство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на јавната расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција, што ја одржа собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Според неа, Извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби и открива системски недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција.
Нејзини клучни препораки се: итно донесување на Националната стратегија 2026 – 2033; проширување на мрежата на засолништа; обезбедување долгорочна финансиска поддршка на жртвите; воведување стандарди во давањето на услугите од страна на социјалните центри; вработување на соодветен, стручен кадар и негова континуирана обука како и побрзо лиценцирање на СОС линиите. Според неа, програми за психосоцијален третман, треба да се спроведуваат не само со жртвите, туку и со сторителите.

Таа смета дека програмите за психосоцијален третман се потребни не само за жртвите, туку и за сторителите.
Претседателката укажа на потребата од јасни критериуми при распределбата на финансиите, врз основа на претходна анализа на трошоците.
Мора да се заостри казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот, истакна таа.
Сиљановска-Давкова предупреди дека жените остануваат незаштитени во критички момент како резултат на дисфункционалноста и некоординираноста на институциите. Заради тоа, фемицид расте, институционалната недоверба се продлабочува и се нарушува нашиот кредибилитет во исполнувањето на меѓународните обврски.

Укажувајќи на поразителната статистика на МВР за бројот на жртвите, учесниците во јавната расправа се заложија за системски промени насочени кон превенција на семејното насилство, како и соодветен одговор на кривичните дела врзани за насилството.
На седницата се обратија претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексовска.
Во дискусијата учествуваа претставници од државните институции на национално и локално ниво, на граѓанскиот сектор и меѓународните организации.

