Македонија
Над 14.000 граѓани пријавени во првите три дена за бесплатна вакцинација против сезонски грип
На веб страницата – vakcinacija.mk, каде пред три дена почна пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип за ризични групи население, веќе се пријавени над 14.000 граѓани.
„Предвидено е вакцинацијата да почне во текот на следната недела. Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип. Министерството континуирано го зголемува бројот на обезбедени вакцини. Потсетуваме дека пријавувањето се врши со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: Министерство за здравство – Вакцинација против COVID-19 (vakcinacija.mk). На тој начин, директно се регистрирате за вакцинација во системот Мој Термин. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс ќе добиете повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинирате“, посочуваат од Министерство за здравство и додаваат:
„Со бесплатна вакцинација се опфатени следните ризични групи: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН: Младите во Македонија ја менуваат перцепцијата за тутунот, неговата употреба се намалува, но се зголемува на електронските цигари
„Во образовниот систем во Македонија одамна е поставен механизам за превенција од употреба на психоактивни супстанци, но тој мора да се менува и надополнува, затоа што се менуваат и трендовите во однесувањето на младите – се намалува употребата на тутунот, но се зголемува употребата на електронските цигари и на тоа мора да се делува“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција во Институтот за јавно здравје каде беше презентиран последниот извештај на Европскиот проект за истражување во училиштата за употреба на психоактивни супстанци, од 2024 година. Во документот има препораки што ќе помогнат при креирање на идните политики за зголемување на свеста кај младите за штетноста на психоактивните супстанци.
„Јас ќе споделам дека теми кои се поврзани со грижата за сопственото здравје се застапени во сите одделенија во редовните предмети, особено во природните науки. Но, за да ја подигнеме здравствената писменост, од оваа учебна година со поддршка на Светската здравствена организација воведовме и нов изборен предмет „Учам за моето здравје“ во VII одделение“, рече Јаневска.
Министерката информираше и дека на почетокот на годинава направени се законски измени со кои основните и средните училишта имаат обврска покрај програми за заштита од насилство, спречување на дискриминација, поголема толерантност и слично, задолжително да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол, тутун и други психоактивни супстанци.

„Заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, во октомври и ноември годинава спроведовме обуки за наставници и стручни соработници во 50 основни училишта во Скопје, Струмица, Штип, Прилеп, Кочани и Гостивар, кои ќе ја реализираат превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма која е базирана на докази и ја спроведуваат над 100 земји во светот, а има за цел да ги подготвува младите да не подлегнуваат на врснички притисок, односно да прават здрави избори и да не користат штетни психоактивни супстанци“, информираше министерката.
Наша задача е, рече Јаневска, како нови институционални раководства да продолжиме да работиме во интерес на новите генерации и заштитата на нивното здравје.
„Тоа и го правиме и затоа јавно алармираме за одредени состојби, ги обединуваме напорите и бараме вклучување на сите релевантни чинители кои можат да помогнат во креирање и спроведување на најдобрите превентивни политики“, потенцираше министерката.
Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги (ЕСПАД) е најстарата истражувачка иницијатива во Европа посветена на следење на трендовите на употреба на супстанции кај адолесцентите, основана во 1995 година од денешната Агенција за дроги на Европската унија (ЕУДА). Последното истражување во Македонија беше спроведено во 2024 година во 96 средни училишта и 182 паралелки. Опфатени беа 2831 ученик, од кои 1397 или 49,3% момчиња и 1434, односно 50,7% девојчиња.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова ја посети шивалната во КПД Идризово: Секој заслужува втора животна шанса – работењето е клучно за ресоцијализација на осуденичките
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети шивачката работилница, којашто функционира во рамките на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, Скопје, каде оствари разговор со осуденичките, кои се вклучени во процесот на шиење и везење.
Осуденичките ја запознаа претседателката со нивните работни активности, мотивацијата и желбата за работа, инспирацијата и стекнатите вештини, и лично ги претставија своите изработки – торби, марами и несесери коишто се продаваат надвор од затворот под логото „везење надеж зад решетки“.

Шивачката работилница, којашто за првпат е отворена на иницијатива на модната дизајнерка Ирина Тошева, истовремено и менторка на осуденичките, Сиљановска-Давкова ја оцени како позитивен модел на ресоцијализација, самоодржлив, но и профитабилен.
Таа ја поздрави соработката на затворската управа со општествено одговорните компании и поединци, што резултира со успешни приказни за реинтеграција и го охрабри проширувањето на ваквата пракса и во другите затворски одделенија.

Според неа, ресоцијализацијата е една од клучните цели на казнено-поправниот систем, посочувајќи дека казната не е само изолација, туку и подготовка на осудените лица за одговорно и активно вклучување во општеството.
Претходно, претседателката оствари средба со директорот на установата, Зоран Јовановски и директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов кои ја запознаа со условите и состојбите во затворот, со планираните структурни промени за решавање на актуелните проблеми поврзани со почитување на човековите права, здравствената заштита и недостатокот на сместувачки капацитети.

На средбата, беше поздравено функционирањето на затворска судница, што овозможува безбедни услови и пониски трошоци за судските процеси.
Претседателката го реафирмираше ставот за потребата од нов Закон за помилување, потенцирајќи дека при помилувањето не се оценува делото на затвореникот, туку се евалуира нивната ресоцијализација.

Работниот ангажман на осудените лица е предвиден во Законот за извршување на санкциите. Преку работа, тие стекнуваат практични вештини и работни навики, со што се зголемуваат нивните можности за вработување по излегувањето од затвор и се намалува ризикот од повторно сторување кривични дела.

За време на посетата на шивалната, осуденичките на претседателката ѝ подарија рачно изработена торба, а таа во знак на поддршка на нивната работа купи од нив новогодишни подароци.
Македонија
Герасимовски избран за потпретседател на ЗЕЛС
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) едногласно е избран за нов потпретседател на организацијата.
Герасимовски се заблагодари на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба и ја потврди својата заложба функцијата да ја извршува во интерес на граѓаните.
„Очекувам новиот состав на ЗЕЛС да биде на висина на својата задача и да воспоставиме конструктивна и конкретна меѓуопштинска соработка, без политизација и со целосна посветеност на граѓаните. Во следните четири години пред нас е сериозна задача: зајакнување на процесот на децентрализација, поголема фискална самостојност и пошироки ингеренции, со една единствена цел, да обезбедиме подобри проекти и услуги во нашите општини“, рече Герасимовски.
На седницата за претседател на ЗЕЛС е реизбран градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а покрај Герасимовски за потпретседател е избран и Изет Меџити.
Делегатите дискутираа за предлог-стратегијата на ЗЕЛС за 2026–2030 година, како и за актуелните предизвици во локалната власт, со цел унапредување на работењето на општините и зајакнување на соработката меѓу локалните самоуправи.

