Свет
Најмалку 12 загинати, 33 повредени во автобуска несреќа: трагедија во Египет
Најмалку 12 лица загинаа денеска, а 33 се повредени при превртување на автобус на автопатот меѓу Каиро и брегот на Црвеното Море, соопшти египетското Министерство за здравство.
На местото на несреќата се испратени 28 возила на брза помош, соопшти Министерството, пренесе Ројтерс.
Несреќата се случила на автопатот Ал Галала.
Како што јавија египетските медиуми, во несреќата се повредени студенти од Универзитетот Галала од истоимениот град.
Како што објави каналот Сада ал Балад, првичната истрага покажала дека возачот на автобусот возел пребрзо и изгубил контрола над возилото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блиски исток: ОН ги отфрлија повиците на Израел за повлекување на мировниците од јужен Либан
Додека војната меѓу израелската армија и либанскиот Хезболах продолжува, Обединетите нации соопштија дека нивните мировни сили во јужен Либан ќе останат на своето место и покрај постојаните израелски барања тие да се повлечат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неколку наврати ги повика привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) да се повлечат од базите на југот на земјата, а на тоа претходеа неколку сериозни инциденти во кои беа ранети припадници на силите на ОН.
Нетанјаху рече дека мировните сили во јужен Либан служат како телохранител на Хезболах.
Шефот на мировните операции на ОН, Жан-Пјер Лакроа, за новинарите во Њујорк изјави дека УНИФИЛ останува на место да му помогне на цивилното население и да го исполни мандатот што им го дал Советот за безбедност на ОН, кој ја поддржува одлуката.
Повеќе од 20 луѓе беа убиени во израелски напад врз селото Аита во северен Либан во понеделникот, 14 октомври, објавија локалните власти.
Според извештаите, станбената зграда, за која локалните жители велат дека е дом на семејства кои неодамна се преселиле од јужен Либан, била целосно уништена.
Од израелската воена команда соопштија дека цел билo едно од упориштата на Хезболах.
„Ги истражуваме тврдењата дека во нападот биле убиени либански цивили“, се додава.
Додека израелските сили ја продолжуваат офанзивата на северните делови на Појасот Газа, особено околу Џабалија, хуманитарните организации укажуваат дека палестинските цивили се на работ на гладување.
„Ситуацијата е катастрофална. Немаме залихи, останува уште многу малку храна и немаме гаранции од Израел дека нешто ќе биде доставено до Џабалија, каде што се заробени повеќе од 100.000 луѓе“, вели Јоргос Петропулос, шеф на хуманитарната агенција на ОН (OCHA), во Газа.
Десетици илјади се раселени од своите домови во областа Џабалија, но има и многу кои не можат да заминат поради се пожестоките борби.
Според податоците на ОН, во северниот дел на Газа има околу 400.000 Палестинци.
Според Министерството за здравство во Газа, со кое раководи Хамас, во последните 24 часа на таа територија загинале 55 лица, а околу 330 се ранети.
Израел постојано ги повикува мировните сили да се повлечат од областа на јужен Либан, каде од 30 септември се водат интензивни борби меѓу израелската армија и Хезболах.
УНИФИЛ досега ги одбиваше овие барања.
Речиси 10.000 мировници на ОН од 50 земји се стационирани во Либан, заедно со околу 800 цивилен персонал.
Од 1978 година тие патролираат во областа помеѓу реката Литани и границата меѓу Либан и Израел, позната како „Сината линија“, пренесуваат агенциите.
Регион
Објавени резултатите од пописот во Црна Гора
Според резултатите од пописот одржан во декември минатата година, најмногу граѓани на Црна Гора се изјасниле како Црногорци – 41,12 отсто (256.436). По нив следат Србите со 32,93 отсто (205.370), додека 9,45 отсто од граѓаните (58.956) се изјасниле како Бошњаци.
4,97 отсто од граѓаните (30.978) се изјасниле како Албанци, 2,06 отсто (12.824) како Руси, а 1,63 отсто (10.162) како муслимани.
Пописниот процес беше спроведен од 3 до 28 декември минатата година, откако неговиот почеток беше неколкукратно пролонгиран поради барањата на опозицијата и советите на помалкубројните народи да исполнат одредени услови за негово спроведување.
Според прелиминарните резултати од пописот, во Црна Гора живеат 623.158 жители, што е за два отсто повеќе од 2011 година.
Според пописот од 2011 година, Црногорците биле, исто така најмногубројни. На тој попис 0,33 отсто од граѓаните се изјасниле како Срби-Црногорци (2.103), како Египќани исто така 0,33 отсто (2.054), а како Црногорци-Срби 0,29 отсто (1.833).
Кога ќе се споредат резултатите од пописот одржан минатата година и оној од 2011 година, може да се види дека има 22.429 помалку Црногорци и 27.260 повеќе Срби.
Споредбата покажува и дека бројот на Бошњаците се зголемил за 5.351, Албанците за 539, а Русите од 946 на дури 12.824.
Бројот на оние кои национално се декларирале како муслимани е преполовен, односно е помал за 10.375.
Свет
Силен земјотрес го погоди Мароко
Силен земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала го погоди Мароко, јавува ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на 25 километри од градот Азру, на длабочина од 12 километри.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.