Македонија
Запленети златен накит, лекови, облека, цигари и друго
Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани златен накит, лекови, облека, електроинсталациони производи, цигари и фалсификати.
Златен накит (прстени, обетки, нараквици златен часовник)
– 19 парчиња златен накит и еден златен рачен часовник, откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал на редовна линија на релација Истанбул-Печ, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. При преглед на автобусот и багажот на патниците, во ранец на косовски државјанин, патник во автобусот, бил пронајден беџ за посета на саем за накит во Истанбул. При личен претрес на патникот, во џеб од неговите фармерки биле пронајдени 10 златни приврзоци со син камен, 1 прстен бело злато со бел камен, 1 златен прстен со виолетов камен, 2 златни прстени со зелен камен, 2 обетки од бело злато, 3 златни нараквици и 1 златен часовник марка GENEVE, а во неговиот паричник била пронајдена една златна монета. Истите се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Лекови
– 56 пакетчиња DYSPORT 500 mg, 18 парчиња Оxymetholone, 150 инекции тестостерон TITANS и 50 таблети тестостерон ТITANS, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, на бензинска пумпа на регионалниот пат Скопје – Блаце, покрај паркиран автобус со турски регистарски таблички, било забележано лице како префрла производи од најлонска кеса во кутија од стиропор со мраз. При извршената контрола било утврдено дека се работи за 56 пакетчиња со лекови DYSPORT 500 mg, кои возачот, турски државјанин, имал намера да ги пренесе во Косово. Автобусот сообраќал на релација Истанбул – Призрен.
Во вториот случај, при контрола на такси возило, сопрено на влезот во Скопје кај клучката во Хиподром, биле откриени 18 парчиња Оxymetholone, 150 инекции тестостерон TITANS и 50 таблети тестостерон ТITANS. Лековите биле пронајдени во чанта сместена на задното седиште и во вреќа сместена на подот зад предните седишта.
Во двата случаи лековите се привремено задржани а против возачите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Облека
– женска бунда, 2 машки костуми, 2 женски чанти и 2 батерии за дрон, откриени при контрола на автобус со македонски регистарски таблички пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце. Непријавените производи, кои имале ознаки на познати светски брендови и чија вредност е проценета на 3,9 милиони денари а избегнатите давачки изнесуваат 1,2 милиони денари, биле пронајдени во
куфер сместен во тоалетот на автобусот. Возачот изјавил дека куферот го преземал како пратка од лице од Италија и не знаел што има внатре.
Производите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 197 парчиња женска облека, откриени од страна на Службата за мобилни скенери при контрола на македонски автобус кој сообраќал на релација Белгија – Македонија, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При скенирање на автобусот биле забележани неправилности во просторот за багаж, по што била извршена физичка контрола. Притоа, во една торба и неколку кеси биле пронајдени непријавените производи, со вредност од 147 илјади денари и избегнати давачки од околу 59 илјади денари. Истите се привремено задржаниа против возачот, македонски државјанин ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 156 парчиња женска и машка облека откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, со кое за влез во државата на граничниот премин Богродица, се пријавиле две возрасни и две малолетни лица, сите македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во црни вреќи сместени во багажникот и во просторот помеѓу предните и задните седишта, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Вредноста на производите е проценета на 70.600 денари а избегнатите давачки инесуваат 27.268 денари.
Електроинсталациони производи
– 691 електроинсталациони производи (светилки, конектори, приклучници и напојувања) и 3.971 метри кабел за електрични инсталации, откриени при контрола на стока од испраќач од Турција наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3. Непријавената стока, која не била опфатена со царинските документи, е привремено задржана а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Цигари
-16 штеки цигари, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. При извршениот преглед покрај пријавените три штеки цигари пронајдени се 12 штеки цигари PS и 4 штеки цигари WINSTON.
Непријавените цигари се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Производи за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост
– 314 звучници и 9.000 светилки за патнички возила со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на стока со потекло од Кина сместена во јавен царински склад наменета за фирма увозник од Скопје. Производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права на интелектуална сопственост, и согласно законските прописи поведена е постапка за утврдување на нивната оригиналност. Вредноста на производите, доколку би се продавале како оригинални, е проценета на околу 2,2 милиони денари.

– 30.000 запалки, 13.000 батерии и 1.440 пакувања жилети со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Дојран. Возилото било натоварено со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово.
Сомнителните производи, чија вредност доколку би се продавале како оригинални се проценува на околу 3,2 милиони денари, се привремено задржани, и согласно законските прописи започната е постапка за утврдување на нивната оригиналност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со приказната за авионот Мицко ја расплака пола Македонија, велат од СДСМ
Многу тажната приказна на премиерот Мицкоски ја доведе до солзи половина Македонија. Авион морало да се купи за да служи во хуманитарни цели. Очигледно за него лично патувањето на море со авион е „хумано“, велат од СДСМ по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.
„Бидејќи морето има лековити дејства, сигурно со нов авион и нови часовници од 60 илјади евра ќе му бидат потребни. Често народот вели дека и парите може да бидат лековити. Хумано не е исто што и хуманитарно. Би било хумано да се зголемат платите на работниците на 600 евра. Затоа што луѓето едвај врзвуваат крај со крај, не можат да ги платат сметките и да обезбедат храната за своите семејства.
А ако се плаши да лета со владиниот авион, како што вели, постојат и комерцијални летови. Е сега не мора со бизнис класа како што е навикнат и со карти од 4.000 евра, може да патува и со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Тука „бизнис“ главно прави тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Сега кога Мицкоски призна дека го водел семејството на море на трошок на граѓаните, нека каже, додаваат од опозициската партија, и кај кого беше на Јадранско море, за на граѓаните да им биде сè јасно.
„Овие жалопојки на Мицкоски тешко се слушаат. Морало кај Орбан, читај Груевски, морало кај сестринската партија по copy-paste инструкции за кампања.
Дури толку ги применува инструкциите што почна да вметнува латински изрази како Вучиќ во своите изјави. Човек не знае дали го слуша Вучиќ или Мицкоски.
Шкодата не му одговара, да, знаеме – подобар е мерцедес. Сигурни сме дека Груевски може и модел да му каже кој е најдобар.
Срцепарателните приказни го понесоа дотаму што кажа дека ако загине, СДСМ ќе биде виновен.
Почнува да звучи како неговата сестринска партија со која негуваат односи – таму секоја недела најавуваат дека нешто ќе му се случи на Вучиќ.
Вистинска филмска сцена, солзите се тука. Само нема одговор за 5-те тони дрога преку граница и зошто не се укине луксузот на власта па работниците да добијат плати какви што заслужуваат“.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска ја повика Јаневска да го повлече предлог-законот за високо образование
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница упати прашање до министерката за образование, Весна Јаневска, кое се однесуваше на предлог законот за високо образование и последиците од неговите решенија врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар.
Таа се осврна на реакциите од академската заедница кои предупредуваат дека законот премногу ја централизира контролата, се фокусира на процедура и административни прашања, а не ги решава суштинските проблеми како финансии, одлив на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд.
„Квалитетот во високото образование мора да биде највисок приоритет не само на надлежниот министер и на владата туку и на сите вклучени во тој степен на образование. И затоа секое законско решение кое го регулира високото образование мора редовно да се осовременува, но тој процес мора да ги вклучува сите чинители и да се сослушаат сите страни.
Откако беше објавен на ЕНЕР предлог законот за високо образование, не стивнуваат реакциите.
Министерке, дали сметате дека овој предлог навистина ги опфаќа сите профили кои студираат на нашите високо образовни институции?
Дали суштински се решаваат проблемите со тоа што се скратуваат можностите на младите да останат да работата на некоја високообразовна институција?
Дали сметате дека предлог законот Не дискриминира? Дали сте подготвени да ги сослушате сите страни? Дали сметате дека закон за високо образование треба да се донесе со сила, со инает, а повторно да останат можностите за “диплома на секое ќоше”? дали сметате дека со вака поставени нешта во високото образование, нема да се продлабочи проблемот со неквалитетните дипломи- додипломски, магистерски, докторски- кои одамна се навлезени во општеството и тие се тие против кои всушност се бориме?
На крај, дали ќе го повлечете законот и ќе пристапите кон изработка на нов предлог закон“, праша Костадиновска-Стојчевска.
Македонија
Нова соработка во FMCG секторот: Нелт Група започнува со дистрибуција на производите на Бамби во Северна Македонија
Бамби, една од најпознатите кондиторски компании во регионот, е нов принципал во портфолиото на компанијата Нелт СТ, членка на Нелт Група. Со оваа соработка, Нелт СТ ја започнува дистрибуцијата на производите на Бамби на пазарот во Северна Македонија.
Партнерството на компанијата Бамби со силен регионален бренд и на компанијата Нелт СТ, која располага со исклучителна локална експертиза во областа на дистрибуцијата и развојот на пазарот, претставува цврста основа за долгорочен раст, унапредување на достапноста на производите и создавање дополнителна вредност за трговските партнери и крајните потрошувачи.

„Со преземањето на дистрибуцијата на брендот Бамби продолжуваме со проширување на портфолиото на стратешки принципали, потпирајќи се на силен дистрибутивен систем и долгорочни партнерства. Силата на Нелт Група произлегува од принципиелната соработка со лидери во различни категории и од високите стандарди што ги одржуваме во секој дел од операциите. Убеден сум дека и соработката со компанијата Бамби ќе биде успешна и долгорочна, бидејќи ги споделуваме истите вредности – квалитетна услуга, професионален пристап и јасен фокус на потрошувачите“, изјави Драган Димоски, менаџер на дивизија Нелт СТ.

Компанијата Бамби е дел од групацијата Coca-Cola HBC Србија, а ја одликува силна пазарна препознатливост, широка база на потрошувачи и значителен потенцијал за понатамошен раст на пазарот во Северна Македонија.

Нелт Група и Бамби веќе со години успешно соработуваат на пазарите во Србија и Босна и Херцеговина, а новата соработка во Северна Македонија дополнително ја продлабочува регионалната соработка. Фокусот на заедничките активности ќе биде насочен кон зајакнување на позицијата на брендот Бамби, развој на портфолиото и проширување на достапноста на производите преку силната дистрибутивна мрежа на Нелт СТ.
ПР

