Свет
Блискиот Исток: ОН ги отфрлија повиците на Израел за повлекување на мировниците од јужен Либан
Додека војната меѓу израелската армија и либанскиот Хезболах продолжува, Обединетите нации соопштија дека нивните мировни сили во јужен Либан ќе останат на своето место и покрај постојаните израелски барања тие да се повлечат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неколку наврати ги повика привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) да се повлечат од базите на југот на земјата, а на тоа претходеа неколку сериозни инциденти во кои беа ранети припадници на силите на ОН.
Нетанјаху рече дека мировните сили во јужен Либан служат како телохранител на Хезболах.
Шефот на мировните операции на ОН, Жан-Пјер Лакроа, за новинарите во Њујорк изјави дека УНИФИЛ останува на местото да му помогне на цивилното население и да го исполни мандатот што им го дал Советот за безбедност на ОН, кој ја поддржува одлуката.
Повеќе од 20 луѓе беа убиени во израелски напад врз селото Аита во северен Либан во понеделникот, 14 октомври, објавија локалните власти.
Според извештаите, станбената зграда, за која локалните жители велат дека е дом на семејства што неодамна се преселиле од јужен Либан, била целосно уништена.
Од израелската воена команда соопштија дека цел билo едно од упориштата на Хезболах.
„Ги истражуваме тврдењата дека во нападот биле убиени либански цивили“, се додава.
Додека израелските сили ја продолжуваат офанзивата на северните делови на Појасот Газа, особено околу Џабалија, хуманитарните организации укажуваат дека палестинските цивили се на работ на гладување.
„Ситуацијата е катастрофална. Немаме резерви, останува уште многу малку храна и немаме гаранции од Израел дека нешто ќе биде доставено до Џабалија, каде што се заробени повеќе од 100.000 луѓе“, вели Јоргос Петропулос, шеф на хуманитарната агенција на ОН (OCHA) во Газа.
Десетици илјади се раселени од своите домови во областа Џабалија, но има и многу што не може да заминат поради се пожестоките борби.
Според податоците на ОН, во северниот дел на Газа има речиси 400.000 Палестинци.
Според Министерството за здравство во Газа, со кое раководи Хамас, во последните 24 часа на таа територија загинале 55 лица, а околу 330 се ранети.
Израел постојано ги повикува мировните сили да се повлечат од областа на јужен Либан, каде што од 30 септември се водат интензивни борби меѓу израелската армија и Хезболах.
УНИФИЛ досега ги одбиваше овие барања.
Речиси 10.000 мировници на ОН од 50 земји се стационирани во Либан заедно со приближно 800 цивилен персонал.
Од 1978 година тие патролираат во областа помеѓу реката Литани и границата меѓу Либан и Израел, позната како Сината линија, пренесуваат агенциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.