Свет
Шефот на австриската дипломатија го обвини Израел за кршење на меѓународното право
Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг го обвини Израел за кршење на меѓународното право наведувајќи неколку напади врз мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) како очигледен пример.
„Сосема е јасно дека секој напад врз мисијата на ОН, како што е УНИФИЛ во јужен Либан, е јасно кршење на меѓународното право и е неприфатливо, без разлика дали е намерно или ненамерно“, рече Шаленберг за јавниот радиодифузен сервис ОРФ. Како што додаде, работата на министерот за надворешни работи е „особено тешка во овој момент“.
Педесет и петгодишниот политичар од владејачката конзервативна Австриска народна партија (ОВП) повика на прекин на огнот и „повеќе простор за дипломатија и дијалог“.
Откако ги осуди израелските напади врз мисијата на Обединетите нации, водителот на ОРФ го праша шефот на австриската дипломатија за тоа што неговото министерство, за разлика од Франција и Германија, не го поканило израелскиот амбасадор да ги потсети на нивните меѓународни обврски.
Шаленберг рече дека Австрија тоа многу јасно го соопштува преку својата амбасада во Израел и израелскиот амбасадор во Виена.
Министерот за надворешни работи додаде дека разговарал со својот израелски колега и го објаснил ставот на Австрија.
„Заштитата и безбедноста на војниците во оваа мисија УНИФИЛ на ОН, вклучително и 160 австриски војници, не е изборна, туку јасна должност“, рече Шаленберг.
Тој посочи дека мандатот на мисијата на ОН се заснова на резолуцијата на Советот за безбедност и дека тоа е обврска за сите земји членки на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.