Македонија
Одвојувањето на Албанија и прекинот на преговорите со ЕУ е голем пораз на Мицкоски, оценува СДСМ
Според СДСМ, одвојувањето на Албанија и прекинот на преговорите со ЕУ е голем пораз на погрешните политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„И како опозиција и како власт, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски свесно и намерно го блокираат европскиот пат на државата. Резултат на тие погрешни политики и дипломатски промашувања го гледаме денеска. Албанија продолжува напред по патот на ЕУ а Македонија влегува во нова неизвесност, без план како да понатаму.
Наместо да биде ден кога сите политички субјекти и граѓаните заедно ќе се радуваат на нов национален и државен успех, на нова надеж за подобро утре, денеска со горчина може да контстаираме дека Македонија повеќе нема европска перспектива.
Никој друг не е виновен за тоа освен Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ не може да биде параван за промашените политики на Мицкоски за ЕУ“, нагласуваат од оваа партија.
Додаваат дека со визионерски и храбри одлуки, СДСМ ги реши отворените прашања кои ги имавме, ја внесе Македонија во НАТО и ја донесе пред прагот на ЕУ.
Како што оценуваат од опозициската партија, последниот чекор кој ВМРО-ДПМНЕ намерно и свесно не го направи е единствено поради лични и бизнис интереси на Мицкоски и неговите соработници.
„Сега власта треба да излезе пред граѓаните, да им се извини и да каже која е алтернативата“, бара СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
(Видео) Герасимовски: Започна новогодишното украсување, Центар е прва општина што украсува
Градоначалникот на Општина, Центар Горан Герасимовски информира дека вчера почна новогодишното украсување на улиците во Општина Центар.
„И оваа година со празнично украсување внесуваме новогодишна магија во секое катче на нашата општина. Со внимателно одбрани декорации, елки, светлосни фигури и уникатни украси, целта е да создадеме атмосфера што ќе ги инспирира и обедини сите наши сограѓани“, вели Герасимовски.
Празничното украсување ќе се реализира на повеќе локации, со посебен акцент на познатите јавни простори како Сквер Јадран, Боемска, Сквер Капиштец и паркот Капиштец, кои ќе блеснат во светлоста на празниците.
„Дополнително, ќе се постават дрвени куќички и декорации кои ќе ја надополнат зимската бајка. На плоштадот „Јадран“ ќе биде организиран новогодишен базар, кој ќе се одржува неколку дена пред новогодишната ноќ, со бројни настани и забави. Во моментов се договараат македонски музичари кои ќе ги забавуваат граѓаните предновогодишно.Целта на овој ангажман е да се поттикне заедничко празнување, радост и оптимизам во пресрет на Новата година. Општина Центар продолжува со својата посветеност да го направи овој период од годината посебен за секој жител и посетител. Планот е до 2 декември Општината да биде во новогодишна бајка“, порачува Герасимовски.
Македонија
Намалена видливост поради магла на патниот правец Лисец – Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози на повисоките и претежно суви коловози на пониските места. Намалена видливост поради појава на магла од 40 – 50м. има на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, наместа во западните делови пообилни (над 40 l/m2). Ќе дува засилен јужен ветер, кој во текот на ноќта ќе го промени правецот во северен (над 70 km/h). Во текот на ноќта врнежите од дожд најпрвин на планините ќе преминат во снег, а потоа и на некои пониски места и ќе се формира снежна покривка. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје претежно облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Во текот на ноќта со засилен северен ветер ќе има услови во повисоките делови од котлината врнежите од дожд да преминат во снег со слаб интензитет. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во сабота во претпладневните часови времето ќе биде променливо облачно со повремен снег, претежно во западните делови. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 70 km/h). Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и тивко со ниски утрински температури и појава на магла по котлините.