Македонија
ДУИ: Се вршат големи политички притисоци со закани за откази кон вработените во некои државни органи
Демократската Унија за Интеграција денеска преку прес-конференција презентираа тематско резиме на пост-изборните случувања во однос на политичкиот систем и односите меѓу заедниците, но и генерално политичките прашања во земјата.
„Денеска сме сведоци на блокирањето на евроинтеграцискиот пат, без јасна перспектива кога ќе се деблокира. Сведоци сме на најслабата застапеност и со најниски капацитети на Албанците во институциите, сето тоа без легитимитет.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека 75 отсто од институциите се условно кажано вратени од Албанците и оти губитниците од ВРЕДИ не добиле ништо. Никој не ја негираше оваа изјава.
Денеска сме сведоци дека на чело на Охридскиот договор седи Путинистот, негирачот на независноста на Косово, Иван Стоилковиќ, каде што до денес се отпуштени од работа десетици Албанци. Стотици други Албанци исто така се отпуштени од своите работни места во многу институции.
Буџетот за Охридскиот договор и одбележувањето на Денот на азбуката беше осакатен и оставен во рацете на Стоилковиќ.
Негирањето на Охридскиот договор продолжи и во Уставниот суд, каде што беше поништена етничката припадност за да се спречи принципот на правично и адекватно застапеност и да се отвори пат за поништување на Бадентеровиот принцип.
Денеска, поразените на изборите, со џентлменски договор раководат со небитни институции. Никој не ги прашува за ништо, не можат да завршат ниту едно барање на граѓаните, ниту најмала услуга“, реагираат од ДУИ.
Но, уште поважно, според оваа партија е тоа што се сместиле тие што велеле дека не сакаат извршни функции, туку сакаат да им дадат шанса на младите.
„Националното знаме беше забрането во кабинетот на претседателот на Собранието и на министрите. Албанскиот јазик е тргнат од употреба во 100-тина институции, а повторно заживеа иницијативата за укинување на законот за употреба на јазикот.
Работните простории се одземени од Агенцијата за албански јазик. Народниот ансамбл и музички театар се дискриминирани како никогаш досега.
Откако го нарече Косово моја татковина, нелегитимниот спикер на Собранието беше принуден да се извини. Истиот, ги напушти Албанците во полиција, кои се отпуштени од работа, беа кривично тужени, а други беа разрешени и осудени.
Како резултат на неговата злоупотреба на службената положба, денеска редиците на границата со Косово се долги километри, а се чека со часови.Дозволија затвор и притвор за Блерим Рамадани, поранешниот војник на УЧК, кој поради нивната неспособност беше принуден да избега.
Ја намалија застапеноста на Албанците од 30% на 24% во администрацијата. Тие одлучија државната химна да се пее во сите училишта во државата. Министерот одговорен за добро владеење оди на партиски состаноци со својот службен автомобил и не сноси никаква одговорност.
Џентелменот го назначи целото семејство за директори и функционери. Министерот за економија не знае ниту колку е минимална, ниту просечна плата. Министерот за Европа, не го знае името на амбасадорот на Европска Унија во државата, и затоа, се сретна со Ричард Гир.
Назначуваа и разрешуваа раководители на институции со криминално досие. За прв пат на чело на разузнавачката агенција нема Албанец“, истакнуваат од ДУИ.
Од оваа партија оценуваат дека се изгубени сите раководни позиции во МВР, како и водечката позиција во здравствениот фонд.
„Беа изгубени премногу позиции во извршната власт. Сите албански економски директори во сите клиники се разрешени и чувството на дискриминација на граѓаните се чувствува уште на вратата на клиниката. Ниту една точка од програмата на губитниците на изборите не е дел од владината програма. Унапредувањето на Албанците е нула. Ја понижија претседателката на Косово Вјоса Османи. Вучиќ беше пречекан со цвеќе, Курти со трње. Се вршат големи политички притисоци со закани за откази кон вработените во некои државни органи“, додаваат од ДУИ.
Апелираат до вработените да не бидат жртви и субјект на незаконските притисоци на челниците на институциите бидејќи, како што велат, нарачателите на незаконски дејствија ќе одговараат, кога, тогаш.
Според оваа партија, граѓаните никогаш не биле по понижени, по потценети, по погазени, без европска перспектива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.

