Македонија
Министерот Мисајловски на состанокот на министрите за одбрана на НАТО
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денес и утре ќе учествува на серија состаноци на министрите за одбрана во рамките на Северноатлантскиот совет на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел.
Во текот на овие два дена предвидено е да се дискутира за глобалната безбедносна состојба, за статусот на мисиите и операциите на НАТО, а ќе се реализира и работна вечера на Советот НАТО – Украина. Во рамки на предвидените состаноци за прв пат ќе бидат вклучени и партнерите од Индо – Пацификот, а ќе учествуваат и претставници и од Европската Унија.
На маргините на состанокот, предвидено е да се потпише Aнекс на Писмото за намери за хармонизирање на Коридорот 8 и предвидено е да се реализираат билатерални средби со колегите министри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Талески: Власта на Мицкоски спроведува опасна партизација на АНБ, Христовски да биде разрешен
Со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, власта на Мицкоски и ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции. Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ, кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган, истакна на денешната прес-конференција Миле Талески, пратеник на СДСМ.
Целта на овие законски одредби, како што рече е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото.
Според Талески, со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ.
„Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО.
Мицкоски и ДПМНЕ го враќаат времето на директни злоупотреби на безбедносните служби во партиски цели.
Граѓаните многу добро знаат како злонамерно беа користени како класична политичка служба за прислшкување, следење, но и дискредитирање, уценување и малтретирање на политичките противници и сите други кои не им беа по волја на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
АНБ во изминатите години се реформираше и професионализираше, а со овој чин власта на Мицкоски врши сериозен удар и врз професионализмот и врз безбедноста.
Сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што спроведуваат опасна партизација, ги загрозуваат стандардите на професионализмот, туку ја доведува во прашање и безбедноста на државата“, нагласи тој.
Праша како Христовски воопшто ја поминал безбедносната проверка?
СДСМ, нагласи Талески, се противи на оваа политизација на безбедносните служби и бараат власта да го повлече незаконското назначување. Христовски треба да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ, вели пратеникот на СДСМ.
За ова СДСМ, како што нагласи, ќе ги извести стратешките партнери, земјите членки на НАТО преку нивните амбасасади и Европската комисија.
Мора да се заштити професионализмот и АНБ да биде во функција на заштита на државните интереси, а не на интересите на поединци и партиите на власта. Безбедноста на граѓаните и државата мора да биде над партиските игри и интереси, потенцира Талески.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Играњето оро, чочек и блех-музиката го однесе СДС во слеп тунел
Има ли светло на крај од тунелот на СДС, демолиран рејтинг и контрадикторни соопштенија. СДС се уште не може да се разбуди од кошмарот кој го доживеа на изборите па пишуваат небулозни соопштенија спротивни со здравиот разум. Во постизборен шок секојдневно самите со комични соопштенија си пукаат во нозе, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оценуваат дека СДС е целосно во хаос и секојдневно тоне во сопствените илузии во обид да се консолидира.
Наместо нонсенс соопштенија, како што додаваат од владејачката партија, СДС нека се потрудат народот да дознае кој им е лидер.
„Рејтингот на СДС е во слободен пад за што говорат и последните анкети каде ВМРО-ДПМНЕ има тројна предност пред СДСМ, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски 5: 1 наспроти Венко Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ има повеќе проекти и реализација во првите 100 дена отколку СДС во 7 години.
СДС нема право да зборува за инвестиции, бидејќи во нивно време најголем настан беше играње чочек и трубачи во тунел.
Во време на СДС кога милијарди народни пари беа во прашање СДС дозволија надзор да им бидат фирми за производство на долна облека.
СДС нека се потсетат како нивниот министер за транспорт и врски Бочварски дозволи главниот коридор да им биде воден од Артан Груби, а надзор да им бидат фирми за производство на гаќи.
СДС во 7 години лопата не фрлија, затоа наместо политиканство и акробации да се реформираат бидејќи на државата и е потреба силна опозиција за просперитетна држава“, истакнуваат во соопштението.
Македонија
Минчев: Сакаме да создадеме јавна администрација која ќе ги задоволи потребите на граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на првата трибина во рамките на Платформата „100 oтсто Посветено за тебе“, одржана во Медија центарот на Владата.
На настанот присуствуваше и Есма Адиловиќ Фазлиќ, раководител на сектор за реформа во јавната администрација.
Министерот Минчев ја истакна важноста на новото министерство во реформите на јавната администрација, нагласувајќи посветеност на зголемување на ефикасноста и транспарентноста на истата. Тој ги презентираше новите иницијативи, вклучувајќи системски и ефективни закони, систем заснован на заслуги и формирање на Академија за обука на јавната администрација.
„Сакаме да создадеме јавна администрација која ќе ги задоволи потребите на граѓаните и ќе биде во согласност со европските стандарди. Овие реформи имаат за цел да ја модернизираат и професионализираат администрацијата за да се одговори на барањата на нашето општеството“, изјави Министерот Минчев.
На трибината присуствуваа и високи претставници од Министерството за финансии, Министерството за економија и труд, Управата за јавни приходи и Царинската управа, што дополнително ја потврди важноста на соработката меѓу различните институции во напорите за подобрување на јавниот сектор.
Платформата „100% Посветено за тебе“ претставува иницијатива на Владата со цел да се осигура транспарентност и отворен дијалог со граѓаните, пружајќи им можност да се информираат за активностите и напорите на Владата во првите 100 дена од мандатот.