Топ
МВР го објави идентитетот на загинатите во сообраќајката кај Катланово, сите се велешани
Три лица загинаа на лице место во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово кога се преврте комбе.
Загинатите се А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес.
Од овој град се и лицата кои се здобија со тешки телесни повреди – возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41).
Според информациите од МВР, до несреќата дошло кога комбето во кое се превезувале излетало од патот и се превртело.
Увид на местото на несреќата извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телата на починатите биле предадени на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
(Видео) Уапсени 13 лица за проституција и дрога во Тетовско и Охрид, едно лице е во бегство
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, а под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведоа координирана акција во рамките на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од земјата. Во акцијата од слобода се лишени 13 лица, а едно лице е недостапно на органите на прогонот. Извршени се претреси на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид, соопшти МВР.
При претресите пронајдени и одземени се патнички возила, поголема количина на пари и злато, ресивери, нож, гасен пиштол, 3 лаптопи, радио врски, книги за евидентирање на гости и сметководствена документација. Во угостителските објекти пронајдени се 35 девојки по потекло од Украина, Русија, Р.С. Македонија, Србија, Молдавија , Албанија и Колумбија.
Групата одреден временски период се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело. Организираната група ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во с. Жеровјане, с. Горно Седларце и во Охрид наведувал на проституција девојки-странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.
Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот), додека третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во нашата земја, како и за олеснување на процедурите за добивање на документи за легален престој за странските државјанки, а давал и насоки за криминалните активности на другите припадници на групата во однос на сместување и превоз на девојките. Петмина припадници на злосторничкото здружување биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, најчесто кокаин, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и посебно бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и бил задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите за што ги информирал членовите на групата. Двајца осомничени припадници на групата учествувале во наведувањето на проституција на девојките. Тие биле задолжени за обезбедување на девојки кои ќе работат во стриптиз клубовите, ги наоѓале преку нивни контакти во странски држави, веб страници и на интернет, го организирале нивниот влез во земјава, организирале изработка на лажна документација за фиктивен престој на девојките по хотели во нашата земја со што ги заобиколувале процедурите за добивање легален престој од управните органи. За превоз на девојките од аеродром и автобуските станици до стриптиз клубовите каде престојувале и биле сместени, како и превозот при нивното движење пред и по работата во ноќните клубови бил задолжен дванаесеттиот осомничен. Дел од криминалната група биле и две службени лица – затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки. Со повеќемесечни координирани дејствија на истражителите од Истражниот центар на ОЈОГОКК и припадниците на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР активностите и задолженијата на секој член во ова злосторничко здружување се детално документирани и утврдени, информира полицијата.
Македонија
Јакимовски до Јаневска: И се извинувам што ја нареков „северџанка“, мора да разговараме и заедно да обезбедиме услови за нормално функционирање на училиштата во Карпош
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски јавно и се извини на министерката за образование Весна Јаневска затоа што вчера ја нарече „северџанка“, и истовремено ја повика на средба на која би ги разгледале можностите за решавање на проблемот околу долговите за греење на училиштата во Карпош.
-Имам високо мислење за госпоѓата Јаневска. Јавно и се извинувам за тоа што ја нареков „северџанка“. Мислам дека госпоѓата не го заслужува тоа. Но, ние мораме да разговараме. Не можеме да кажеме „ние сме ги исплатиме парите, а општината треба да знае да менаџира со нив“. Замолувам за наредниот буџет да се расчистат овие работи. Станува збор за околу 16 милиони денари, токму тие пари ни недостасуваат. Минатата година плативме 6 милиони денари, годинава имаме 8,3 милиони денари за греење. Тоа се големи пари за локалната самоуправа. Од друга страна имаме општини кои се бањаат со пари. Замислете општина Желино ќе финансира академија на науки и уметности. Жал ми е што мораме вака во јавност да се препукуваме. Вистински одговор е „да, има помалку средства за училиштата во Карпош, ама се надеваме со наредниот буџет дека тие средства ќе се контрибуираат за да се платат тие сметки. Во спротивно треба да се фрлиме на штедење. Со задоволство би сакал да се видам со министерката. Таа е релативно кратко во тоа министерство. Знам дека има многу проблеми. Има преку 400 училишта. Но, сите како општество треба да видиме што можеме да направиме за да обезбедиме услови за нормално функционирање на училиштата во општината“, изјави Јакимовски.
Македонија
Струмица не доби пари оти конкурирала со веќе почнат проект, Мицкоски апелира до 16 ноември да поднесат нови проекти
Четирите локални самоуправи што не добија пари од унгарскиот кредит, Струмица, Град Скопје, Сарај и Теарце, до 15 ноември може да поднесат нови проекти и повторно да се обидат да добијат финансирање од централниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски апелира градоначалниците да постапат како што постапиле и сите други.
„Струмица не доби пари затоа што конкурира со проект кој веќе е почнат и има избран изведувач, кој е во тек. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти што би можеле да ги финансираме. Понатаму, Општина Теарце, која поднесе проекти преку приватна имејл-адреса, го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници на начин на кој сето тоа се прави. Имаме некомплетна документација поднесена од Општина Сарај. Очекувам до 10-15 ноември и ова да биде отстрането. Станува збор за патна инфраструктура во едно населено место, мислам дека е Ласкарци, и плус еден водовод. Очекувам до 10-15 ноември и тоа да биде надминато“, рече премиерот Мицкоски.
Тој не гледа политика во одбивањето на проектите поднесени од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Град Скопје е одбиен бидејќи конкурира со проекти што се некомплетни. Бараат автобуси, бараат средства за одржување на хигиената на улиците, а истовремено веќе имаат од Владата пренесени речиси 10 милиони евра, 600 милиони денари, кои стојат на сметката за реализација на една капитална инвестиција, булеварот Хасан Приштина. Веќе две години, за жал, ништо не е направено по таа основа. Очекувам во следниот период и таму да се подобрат инвестициските перформанси“, рече денес премиерот при посетата на Радиовце, општина Брвеница.
По одбивањето на проектите, градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, обраќајќи им се на струмичани, рече дека нивниот град повторно е трн во окото и дека против нив е отворен фронт, кој ќе биде зачеток на нов порив за слобода.
Со пари од унгарскиот кредит Владата извести дека одлучила да финансира вкупно 274 проекти во 77 општини со вкупна вредност од 65 милиони евра. Проектите ги одобрија евалуациони комисии од шест ресорни министерства.