Македонија
Николоски и Зеколи-Шаќири: Политичкото влијание подалеку од воздухопловниот сектор, ја подржуваме професионализацијата во системот на воздушна навигација

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик минстерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, денеска се обратија на конференцијата во организација на Меѓународната федерација на здруженија на контролори на летање.
Тие ја потенцираа важноста за професионализација на оваа дејност, суштинска за давање на услуги во делот на воздухопловната навигација.
Николоски истакна дека Владата и министерството дава подршка на овој сектор преку обезбување на висока професионалност и унапредување на
авиосообраќајот во земјава.
„Како потпретседател на Владата и како министер давам подршка за професионализација на оваа дејност. Овде мора да се употребат највисоките стандарди бидејќи нема простор за грешки и волунтеризам. Работиме на тоа да го зголемиме обемот на ависообраќајот во земјава притоа имаме јавен повик за субвенционирање нови линии преку патници во доаѓање. Во моментов тече евалуцација на понудите и наскоро ќе објавиме нови линии од аеродромите во Скопје и Охрид. Имаме идеја која сакам да ја споделам со вас, а тоа е да воведеме и прекуокеански летови од скопскиот аеродром. Имаме голема дијаспора, ова е голема амбиција но ќе повторам ова е само идеја на која треба да работиме но веруваме дека ќе имаме голем бенефит ние и цел регион”- истакна Николоски.
Заменик министерката Калтрина Зеколи Шаќири во совето обраќање истакна дека Меѓународната федерација на асоцијации на контролори на летање има мисија да ја подобри безбедноста на воздушниот сообраќај, да ја промовира професијата и да ја обликува иднината во управувањето со воздушниот сообраќај.
„Оваа мисија, заснована на професионализам и најдобри интереси на воздухопловството, е целосно неполитичка. За нас во Македонија ова претставува предизвик. Да се чува политичкото влијание подалеку од воздухопловниот сектор и да се осигури дека одлуките се носат исклучиво врз основа на ефикасноста и безбедноста е задача на која нашето Министерство за транспорт е целосно посветено да ја реализира” истакна таа.
Настанот беше коорганизиран од Македонското здружение на контролори на летање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.