Македонија
Николовски: Зголемените контроли резултираа со повисоки приходи и зголемен пријавен увоз на возила и цигари

„Зголемените контроли на Царинската управа резултираа со повисока наплата на приходи во износ од 35,4 милијарди денари остварени во 100 дена, што е за 9,2 проценти или 3 милијарди повеќе од минатата година. Преку засилување на контролите е евидентиран зголемен пријавен увоз на цигари, возила и облека“. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на првата трибина од Платформата „100 проценти посветени за тебе“.
Во однос на затекнатата состојба директорот потенцира дека истата била крајно разочарувачка односно имало слаби контроли, а откривачките функции биле сведени на минимум.
Воспоставуваме ред при што во јули, како што рече, е остварена историски рекордна наплата на приходи во еден месец во износ од 12 милијарди денари или 16,6 проценти повеќе од лани.
Тенденцијата вели Николовски е задржана и во наредниот период за што е доказ и зголемената наплата на приходи во 100-те дена во износ од 35,4 милијарди денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Четири различни цени за паркинг во Клинички, просторот ќе се прошири двојно

Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека во Клиничкиот центар ќе има четири различни влезови со различни ценовници за паркирање – бесплатен за онколошки пациенти, поевтин за пациенти со упат, поскап за вработените и најскап за граѓаните кои доаѓаат по други причини. Договорот за управување со паркингот ќе го потпише Министерството со ЈП Градски паркинг.
Се најавува и оптимизација на паркинг просторот, со дупло повеќе места и дополнителни влезови, вклучувајќи и еден кај Кардиологија. Ќе се воведе 24-часовен мониторинг со камери и нов систем за следење на плаќањето и активностите. Доколку оптимизацијата не биде доволна, ќе се размислува за изградба на катна гаража.
Македонија
Образец за пријавување прекршок во случај кога не е овозможен визуелен пристап до струјомерите

Врз основа на официјалниот одговор добиен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Инжинери на Република Македонија (ИНРМ) изработи урнек за поднесување на претставка до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, кој може да го користи секој граѓанин што смета дека му е повредено правото на визуелен пристап до сопствениот струјомер.
Министерството потврди дека токму Државниот инспекторат за енергетика е надлежен за спроведување инспекциски надзор во случаите кога операторот на електродистрибутивниот систем (ЕВН Македонија АД) не овозможува пристап до мерниот уред, што претставува повреда на член 164 став (1) точка 19 од Законот за енергетика. Истовремено, овој прекршок е санкциониран со глоба од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност согласно член 286 од истиот закон.
Со цел да се олесни поднесувањето на пријави од страна на граѓаните, ИНРМ изработи шаблон што секој засегнат корисник може слободно да го преземе, пополни и достави по електронски пат или редовно по пошта.
Претставката е достапна на следните линкови:
🔗 ИНРМ веб-страница (преземање на документи):
https://www.inzenerinarm.com/prevzemanje-dokumenti
🔗 Facebook група на ИНРМ каде е објавен документот:
https://www.facebook.com/share/p/16P8CmATVr/
Ги повикуваат сите граѓани на кои не им е овозможен директен увид во бројките на сопствениот мерен уред, да го искористат правото на пријавување, со цел да се заштитат како потрошувачи.
Македонија
Потпишани договори за 40 научно – истражувачки проекти на универзитетите, научните институти и МАНУ

Министерството за образование и наука потпиша договори за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти со државни факултети, научни институти и МАНУ.
Од нив, 15 проекти се од природно-математичките науки, инженерството и технологијата, медицинските и здравствените науки како и од земјоделските и ветеринарните науки.
Исто толку проекти се од општествените и хуманистичките науки.
За прв пат оваа година, се финансираат 10 проекти од областите кои со Стратегијата за паметна специјализација се утврдени дека имаат висок иновациски, истражувачки и економски потенцијал: паметното земјоделство и храна со повисока додадена вредност, ИКТ технологиите, електромашинската индустрија и одржливите материјали и паметни згради.
Проектите беа одбрани на јавен конкурс, вкупниот износ за финансирање по проект изнесува до 8 милиони денари, а истражувачките тимови треба да ги завршат до крајот на октомври 2026 година.
Министерската за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова е трет конкурс по кој се одобруваат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, што јасно ја покажува насоката кон која сакаме да ја придвижиме државата.
„За оваа Влада науката е стратешки ресурс за развој. Затоа ги интензивираме вложувањата во научно-истражувачки проекти, врз основа на прецизни критериуми за селекција: поттикнуваме оригинални и иновативни идеи, поддржуваме млади истражувачи и меѓународно конкурентни и релевантни проекти. Наша цел е да создадеме услови за квалитетна наука која носи реални резултати и има потенцијал да го забрза општествено-економскиот развој на државата“, нагласи Јаневска.
Претходно, Министерството за образование и наука одобри и средства за пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот во рамки на паметната специјализација на државата, во вкупен износ од 30,4 милиони денари.
Минатата недела беа склучени договори со осум јавни научни установи за финансирање на научно-истражувачки проекти, во вкупен износ од 23,7 милиони денари.
Оваа година Министерството за образование и наука издвои буџет од 680 милиони денари за финансирање на наука, што е речиси двојно зголемување во споредба со Буџетот од 2024 година.