Македонија
Со нови сведоци продолжува судењето за убиствата на Вања и Панче
Денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Како и претходно, и денеска се очекува да бидат испитувани сведоци предложени од Обвинителството, чија улога е да ги поткрепат обвиненијата против осомничените.
Минатото рочиште беше одбележано со сведочењето на полициски началници од СВР Скопје и СВР Велес, кои изнесоа информации за истрагата и детали за начинот на кој биле водени полициските активности во врска со убиствата на Вања и Панче.
За овие грозоморни убиства Обвинителството ги обвинува Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Сите на првото рочиште од судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Министерството подостапно од денеска и во општина Новаци и општина Могила преку новите подрачни канцеларии
„Денеска сум повторно на посета во општина Новаци, целта е отворање на подрачна канцеларија на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Овој пат оваа канцеларија ќе биде опслужена заедно со вработените од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од општина Новаци.
„Целта е како што ветивме да продолжиме да го отвораме Министерството кон земјоделците. Во оваа општина според Регистарот има некаде околу 1.000 земјоделци кои што своите потреби ги извршувале во општина Битола. Сега ќе можат овдека земјоделците да проверуваат податоци, да аплицираат итн.“, појасни министерот.
Тој посочи дека целта е да се отвори Министерството и да биде подостапно за земјоделците. Тие заслужуваат да бидат информирани за секоја активност на Министерството.
„Исто така потоа заминуваме и во општина Могила да отвориме и таму подрачна канцеларија. Значи општина Могила и општина Новаци ќе бидат со нови подрачни канцеларии“, истакна министерот Трипуновски.
Тој додаде дека и во подрачната канцеларија во општина Могила ќе има вработени од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
„Она што во минатото го направивме заедно со директорот на Платежната агенција сите земјоделци ќе можат во самата подрачна единица да ги следат апликациите, зошто во минатото многу од земјоделците морале да патуваат во поголемите центри па дури и во Скопје. Но, овој пат земјоделците сите тие активности ќе можат да ги прават на лице место. Со тоа сакаме да покажеме дека навистина се грижиме за земјоделците да имаат повеќе време да работат на полињата, а помалку време да губат на бирократијата“, појасни Трипуновски.
Македонија
Тошковски на средба со амбасадорот на Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз.
На средбата беше потврдена досегашната добра полициска соработка во делот на брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија, односно редовно постапување по барања упатени од двете држави за различни видови на проверки во сите форми на организиран криминал.
Двете страни се сложија дека сето тоа придонесува за поефикасно координирање и спроведување на активностите со меѓународните криминалистички служби, во борбата против организираниот и другите видови сериозен криминал и дека ваквите традиционално добри односи и соработка ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот португалски амбасадор, Жозе Руи Вележ Каросо: Португалија целосно го поддржува влезот на нашата земја во ЕУ
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Жозе Руи Вележ Каросо, новоименуваниот амбасадор на Португалската Република, со седиште во Белград.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката истакна дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји и посочи дека постојат бројни можности за натамошно искрено продлабочување на соработката, како на билатерален, така и на меѓународен план, со посебен интерес за интензивирање на економските врски.
Нагласувајќи дека континуираната поддршка од Португалската Република за интеграцијата на земјите од регионот во европските структури, а во тие рамки и на нашата држава, секогаш била од голема важност, Сиљановска Давкова истакна дека е значајно истата да продолжи со уште поголем интензитет во периодот којшто следи.
„Заслужуваме да ги отпочнеме преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одложување. Сакам да повторам дека и јас и Владата остануваме целосно посветени на неопходните реформи поврзани со нашата интеграција во ЕУ. Сепак, овој процес мора да се спроведе во согласност со критериумите од Копенхаген. Ако нашиот процес на интеграција во ЕУ не се дебилатеризира, верувам дека тоа ќе постави штетен преседан за сите идни земји кандидати. Другите држави можат да користат билатерални спорови како изговор за блокада на патот на земјите кандидати“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Португалскиот амбасадор Жозе Руи Вележ Каросо во своето обраќање истакна дека заедничките вредности што ги обединуваат двете земји, како и соработката во рамки на НАТО, во корист на евроатлантската безбедност, се од особено значење за обезбедување на слободата и демократијата. Тој нагласи дека Португалија целосно го поддржува влезот на нашата земја во ЕУ, како и на другите земји кандидати од Западен Балкан додавајќи дека со реформската агенда и Планот за раст, ова е момент на можност за сите кој не треба да се пропушти.
„Во овие времиња на предизвици со кои сега се соочуваме на глобално ниво, со агресивната војна во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и со многу други штетни, насилни и страшни трагедии ширум светот, императив е заеднички да се бранат правдата и мирот, со мултилатерална перспектива, според принципите на Повелбата на Обединетите нации“, рече новоименуваниот португалски амбасадор на церемонијата на предавање на акредитивите.
Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорот Жозе Руи Вележ Каросо му посака успех во извршувањето на одговорната функција.