Македонија
Средба Муцунски – Дрекслер: нагласена важноста од натамошно унапредување на меѓусебната соработка на патот кон ЕУ

Денес, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски ја прими на средба амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од развојот на одличните билатерални односи меѓу двете земји, кои се одликуваат со редовен политички дијалог и интензивна размена на посети на високо ниво во изминатиот период. На таа линија, беше изразено задоволство од неодамна одржаната средба на министерот Муцунски со германската сојузна министерка за надворешни работи, Аналена Бербок во Берлин, на која беа поздравени одличните билатерални релации и реафирмирана германската поддршка за нашиот европски процес.
Посебно беше нагласена важноста од натамошно унапредување на меѓусебната соработка во рамки на евро-интегративниот процес на нашата земја и продолжување на цврстата поддршка на Германија на тој пат.
Во овој контекст, министерот Муцунски додаде дека земјата останува силно посветена на исполнување на неопходниот реформски процес за членството во Европската унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Кој ќе одговара за последниот смртен случај на Кардиохирургија?

СДСМ бара итна и целосна истрага за скандалот на Кардиохирургија и утврдување на одговорност за последниот смртен случај каде пациент почина со пукната аорта, велат од партијата.
„Условите и околностите кои довеле до овој трагичен исход мора да бидат истражени и да следи одговорност.
Дали навистина, како што се тврди на Клиниката за кардиохирургија, операционите сали не функционирале кога пациентот во критична состојба бил донесен на клиниката?
Зошто пациент со пукната аорта – состојба што бара итна интервенција – не бил опериран?
Зошто бил вратен, и покрај тоа што неговиот живот висел на конец?
Ова не е само здравствен, туку и човечки и морален скандал.
На Онкологија нема лекови, луѓе умираат по клиники, хаосот во здравството со ДПМНЕ и Таравари зема преголем замав.
Човечки животи не смеат да бидат изгубени поради хаос, немарност и недостиг на одговорност. Овој случај мора да добие јасен одговор и одговорност!“, пишува во соопшението на СДСМ.
Македонија
Министерот Муцунски денеска ќе учествува на 4. Анталија Дипломатски Форум

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес ќе учествува на 4. Анталија Дипломатски Форум (ADF2025), што се одржува од 11 до 13 април 2025 година во Анталија, Република Турција, под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган и во организација на Министерството за надворешни работи на Турција.
Во рамки на Форумот, министерот Муцунски ќе се обрати на панел-дискусијата на тема: „Regional Ownership for a Prosperous Future in the Balkans“, а ќе оствари и бројни билатерални средби со негови колеги – министри за надворешни работи.
Во ера на зголемена нестабилност и непредвидливост, обележана со комплексни предизвици и повеќекратни кризи, Анталија Дипломатскиот Форум има за цел да ги анализира системските предизвици со кои се соочува мултилатералниот поредок и да поттикне конструктивен дијалог за враќање на дипломатијата во брзо менувачката меѓународна средина. Согласно најавите, Форумот ќе собере глобални лидери, креатори на политики, академици, бизнис експерти, како и претставници на медиумите и граѓанското општество, со цел размена на мислења за тоа како дипломатијата може да придонесе кон заедничка акција и одговор на глобалните предизвици во фрагментираниот свет.
Македонија
Герасимовски до управителите: Противпожарната безбедност не смее да се игнорира

Во Општина Центар се одржа работна средба на градоначалникот Горан Герасимовски, Секторот за инспекциски работи и голем дел од управителите на станбени и станбено-деловни објекти, како и претседатели на куќни совети.
На средбата се разговараше за предизвиците во делот на противпожарната заштита и одржувањето на фасадите.
„Имавме одличен одзив на нашето барање до управителите да достават информации за состојбата со противпожарната заштита. Важно е да продолжиме со меѓусебна соработка – само така можеме да обезбедиме безбедни згради за сите граѓани. Главен приоритет се ПП апаратите, проодноста на скалите и хидрантите. Ќе продолжиме да бараме системски решенија и соработка со ЗЕЛС и Дирекцијата за заштита и спасување“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Од општинската инспекција појаснуваат дека е потребна постојана и отворена комуникација со управителите.
„Доколку се забележат проблеми, особено заградени противпожарни скали, апелираме тие веднаш да се пријават. Ако објектот е небезбеден, градежен инспектор ќе излезе на терен, ќе состави записник и ќе донесе решение. Но, сè започнува со навремено пријавување. Контрола на сите згради во секое време е невозможна, затоа очекуваме одговорност и иницијатива од управителите“, посочија инспекторите.
На средбата беше потенцирано дека постојат чести случаи на кражби и обивање на сандачињата со противпожарна опрема. Управителите истакнаа дека вложуваат напори за заштита на системите и подобрување на состојбата во секоја зграда. И тие бараат под итно да се донесе системско и унифицирано решение за противпожарната заштита што ќе важи за сите локални самоуправи во државата.
Се разговараше и за проблемите со оштетени и небезбедни фасади, при што беше најавено дека Општина Центар во април и мај ќе има нови повици за субвенционирање на санација на фасади, кровови и лифтови.