Македонија
Ексдиректорот на ЗОО Скопје ќе формира фондација со цел да најде пари за вработените и животните

„Поради големиот интерес во јавноста, чувствувам должност да ги известам граѓаните и медиумите дека два месеца по завршувањето на огласот за директор на ЗОО Скопје, огласот сè уште е отворен, а одамна се поминати сите законски рокови за жалби. Во присуство на адвокат денеска бев во ЗОО Скопје да ги подигнам моите документи и од таму одбија да ми ги вратат со банални објаснувања – документите не се разгледани (пликот не е отворен) ниту, пак, се пратени до градоначалничката на град Скопје, поради што ќе следува тужба од моја страна“, вели поранешниот директор на ЗОО Скопје, Ѓорѓи Галетановски.
„Без разлика на сите отежнителни околности со кои се соочувам во моментот, јас не се откажувам од она за што се залагам. Сакам да ги известам посетителите и моите колеги од Зоолошката градина дека мојот следен чекор е формирање фондација со име ‘За европска зоолошка’, чија примарна цел ќе биде обезбедување финансиска поддршка за Зоолошката градина во Скопје и нејзините вработени.
Фондацијата ќе биде посветена на развојот и одржувањето на Зоолошката градина според европски стандарди овозможувајќи соодветни услови за живеење на животните, унапредување на инфраструктурата, како и обезбедување средства за професионален развој и соодветни услови за работа на вработените – какви што впрочем заслужуваат, а во моментот ги немаат“, вели Галетановски и додава:
„Со формирањето на фондацијата ќе се стремам за зголемување на свесноста за важноста на заштитата на животинскиот свет и едукацијата на јавноста за овие прашања во соработка со релевантни европски институции и организации. Воедно, ќе бидат активирани многу домашни и странски фирми и донатори, кои ќе помагаат со финансии за потребите на ЗОО Скопје. Од редот на вработените во ЗОО Скопје ќе назначам и ополномоштам вработен, кој ќе има увид во финансиите, со право да управува со нив.
Сакам да им се заблагодарам за поддршката и да ги охрабрам моите колеги од институцијата, кои работат посветено и професионално, а кои се соочуваат со притисоци – да се борат за своите права и заслуги исто како што се боревме заедно! Никој не смее да се изживува со нив и да врши мобинг. Ги повикувам, доколку имаат потреба од правен совет, мојот адвокат секогаш ќе биде на располагање за какво било прекршување на Законот за работните односи со цел да бидат заштитени.
Департизацијата на Зоолошката градина Скопје останува моја прва и единствена цел и останувам да се борам за тоа!“, вели Галетановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред пратениците, Владата од него очекува макотрпна работа и посветеност

Собранието утре треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство.
Во биографијата пишува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.
Алиу е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
Владата од Алиу очекува макотрпна работа, посветеност и реализација на Програмата во делот на здравството.
„Можам да кажам дека Предлогот ќе биде утре во Собранието и дека ќе наиде на поддршка. Очекувам Алиу да биде посветен на ресорот здравсто, да направи добра реорганизација и да ги спороведе сите политики што се наш приоритет“, рече денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
На утрешната собраниска седница, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во неговата биографија се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наодите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага, очекуваме извинување од СДС

Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Митева: Обвинувањата на СДСМ за софтверот на МВР се ноторна лага

Портпаролката на Владата, Марија Митева, ги демантира обвинувањата на СДСМ дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушување.
Според Митева, се’ што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага.
„Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и се што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ“, кажа Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.