Култура
МНТ со „Народен непријател“ учествува на интернационалните театарски средби „Брчко дистрикт“, БиХ
Македонскиот народен театар со претставата „Народен непријател“ на 21 октомври ќе биде дел од Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“, БиХ.
Според селекторот на фестивалот, Горан Дамјанац, кој во изминатиот период имал можност да изгледа повеќе претстави, но по изборот на продукциите, решава оваа година селекцијата да биде насочена кон поединечни, големи мајстори на театарската уметност. Тој вели дека театарот е колективна уметност, ефемерна магија која пркоси на сѐ. Да се биде уметник во ова време е да не се гледа во часовникот, да се негува својот талент. Тој е подготвен да им даде поттик на своите помлади колеги.
Во претставата од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.
Фестивалската програма ќе трае од 17 до 25 октомври, а за Македонскиот народен театар ова е второ учество на овој фестивал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на графики од Трајче Блажевски во Струмица
Вечерва со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи отворањето на изложбата на графики од Трајче Блажевски во Н.У. Центар за култура „Антон Панов“ во Струмица. Авторот ќе се претстави со триесетина уметнички дела – графики изработени во периодот 2017-2024 година.
„Да се патува по 45-годишната творечка траекторија на д-р Трајче Блажевски претставува деликатна и многу сложена авантура. Неговата обемна био-библиографија на извесен начин, сама по себе, априори претставува доволна индикација дека станува збор за еден од најактивните и најзначајни македонски графичари кој повеќе се презентирал на интернационалната, отколку на домашната ликовна сцена“, ќе напише ликовната критичарка Конча Пиркоска во каталогот за претстојната изложба на Трајче Блажевски.
Уметникот Трајче Блажевски реализирал повеќе од 60 самостојни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Германија, Италија, Словенија, БиХ, Црна Гора, Полска и Романија. Учествувал во над 600 домашни и странски изложби. Добитник е 16 домашни и 5 странски награди во текот на неговата творечка кариера. Бил професор во Училиштето за применета уметност, технички уредник во дневниот весник „Нова Македонија“, поседувал статус на слободен уметник, предавал во Трговско-училишниот центар, работел во Културно-информативниот центар во Скопје и бил редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од каде заминува во пензија.
Изложбата на графики на уметникот Трајче Блажевски се организира од Н.У. Центар за култура „Антон Панов“-Струмица, а е финансиски поддржана од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година на Министерството за култура и туризам.
Култура
Двојна изведба на раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ на сцената на Националната опера и Балет
На 30 октомври и 2 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“.
Претставите ќе се изведат под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, a раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка.
Во улогите на Маргарита и Арманд на 30 октомври ќе настапат првенците: Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз (Шпанија), а на 2 ноември: Наташа Трендафилова Гицев и Валери Љубенко (Украина).
Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Не е првпат тажната приказна во „Дамата со камелии“ да ги инспирира кореографите. Заедно со костимографот и сценограф, Павол Јураш, сакав претставата да ја направиме класична, традиционална, но и наша оригинална, различна од другите.“ – Василиј Медведев, кореограф
Култура
Финската современа кинематографија првпат пред македонската публика на МФФ „Киненова“
Традиционално МФФ Киненова претставува една кинематографија преку програмата „Фокус на…“ Оваа година тоа е за нас далечната, северна и студена земја, но според филмовите кои се прикажуваат на Киненова, прилично потентна кинематографија, финската, рече директорот на фестивалот Киненова, Небојша Јовановиќ при претставувањето на финската кинематографија на кое присуствуваше Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Финска во Македонија, Никлас Линдквист, како и бројни љубители на филмската уметност.
На овогодишното 9. издание на МФФ Киненова за прв пат е претставена финската современа кинематографија пред македонската публика. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа.
На програмата се два феноменални филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали: „Девојки“ и „Караоке рај“.
„Девојки“ во режија на Али Хапасало раскажува приказна за три млади жени кои се обидуваат да му пркосат на постојаниот зимски мрак во Финска и се движат меѓу соништата, реалноста, пријателството и врските, обидувајќи се да разберат сè. Улогите ги толкуваат: Аму Милоноф, Елеонора Кауханен, Линеа Леино
Номинации и награди: Берлинале, Санденс, Мотовун
Али Хапасало е финска режисерка и сценаристка. Добила признание за пишување и режија на проектот „На тенок мраз“, кој е нејзин дипломски филм на познатото филмско училиште за уметности „Тиш“ на Универзитетот во Њујорк. Оваа приказна потоа освои неколку награди во САД и беше номинирана за наградата „Европа“ во 2012 година. Хаапасало магистрирала ликовни уметности на истиот универзитет, а поседува и диплома за уметности од филмската школа на Универзитетот во Алто. „Love and Fury“ (2016) е нејзиниот прв игран филм.
„Караоке рај“, пак, на режисерот Инари Паканен прикажува места, луѓе, песни отпеани за ослободување, фрагменти од среќа, понекогаш смешни, понекогаш болни спомени… Овие моменти од животот се снимени со камера за време на караоке настапи низ финскиот пејзаж. Радоста и меланхолијата се спојуваат како дел од пријателскиот пристап на овој филм, кој ќе остави траен впечаток на неговата публика.
Номинации и награди: Visions Du Reel, „Јуси“ награди – Најдобар документарен филм, ДОКС Барселона
Инари Паканен е режисер кој се фокусира на човечки приказни и на нивно топло и интимно раскажување. Неговите филмови се прикажани на фестивали како CPH:DOX, Sheffield DocFest и Visions du Reel. Неговиот последен документарец „Караоке рај“ влезе во потесниот избор за најдобар документарен филм на Европските филмски награди и ја освои наградата „Јуси“ за најдобар фински документарен филм. Инари е магистер по документарна режија од ESCAC во Барселона. Учествувал во програмите IDFAcademy, Twelve for the Future, Ice & Fire, MFI’s Script 2 Film и Berlinale Talents – и бил член на одборот на Финскиот документарен еснаф помеѓу 2015-2020 година.