Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот португалски амбасадор, Жозе Руи Вележ Каросо: Португалија целосно го поддржува влезот на нашата земја во ЕУ
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Жозе Руи Вележ Каросо, новоименуваниот амбасадор на Португалската Република, со седиште во Белград.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката истакна дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји и посочи дека постојат бројни можности за натамошно искрено продлабочување на соработката, како на билатерален, така и на меѓународен план, со посебен интерес за интензивирање на економските врски.
Нагласувајќи дека континуираната поддршка од Португалската Република за интеграцијата на земјите од регионот во европските структури, а во тие рамки и на нашата држава, секогаш била од голема важност, Сиљановска Давкова истакна дека е значајно истата да продолжи со уште поголем интензитет во периодот којшто следи.
„Заслужуваме да ги отпочнеме преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одложување. Сакам да повторам дека и јас и Владата остануваме целосно посветени на неопходните реформи поврзани со нашата интеграција во ЕУ. Сепак, овој процес мора да се спроведе во согласност со критериумите од Копенхаген. Ако нашиот процес на интеграција во ЕУ не се дебилатеризира, верувам дека тоа ќе постави штетен преседан за сите идни земји кандидати. Другите држави можат да користат билатерални спорови како изговор за блокада на патот на земјите кандидати“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Португалскиот амбасадор Жозе Руи Вележ Каросо во своето обраќање истакна дека заедничките вредности што ги обединуваат двете земји, како и соработката во рамки на НАТО, во корист на евроатлантската безбедност, се од особено значење за обезбедување на слободата и демократијата. Тој нагласи дека Португалија целосно го поддржува влезот на нашата земја во ЕУ, како и на другите земји кандидати од Западен Балкан додавајќи дека со реформската агенда и Планот за раст, ова е момент на можност за сите кој не треба да се пропушти.
„Во овие времиња на предизвици со кои сега се соочуваме на глобално ниво, со агресивната војна во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и со многу други штетни, насилни и страшни трагедии ширум светот, императив е заеднички да се бранат правдата и мирот, со мултилатерална перспектива, според принципите на Повелбата на Обединетите нации“, рече новоименуваниот португалски амбасадор на церемонијата на предавање на акредитивите.
Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорот Жозе Руи Вележ Каросо му посака успех во извршувањето на одговорната функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

