Економија
Компанијата „Зегин“ е дел од најуспешните во македонскиот деловен свет
Проектот „Бизнис лидер“ чиј главен фокус е да им оддаде признание, да ги инспирира и поврзе бизнис лидерите, претприемачите, инвеститорите и иноваторите, го прослави успехот на македонските компании кои придонеле за економскиот раст и развој на државата, истакнувајќи ги успешните приказни и нивните достигнувања за 2023 година.
Корпорацијата ЗЕГИН се здоби со 3 признанија и награди:
• Зегин ДОО Скопје- лидер во категоријата „Трговија на големо со фармацевтски производи“
• Зегин Фарм и Моја аптека- лидери во категоријата „Аптеки“.
Целта на проектот е да го поттикне развојот и зајакнувањето на позитивна деловна клима преку промоција на висока деловна пракса на најголемите и најпрофитабилните компании, како и најголемите работодавачи.
За секоја компанија претставува чест и гордост да биде препознаена како визионерски бизнис лидер чиј извонреден придонес има значително влијание во индустријата.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии за учебната 2024/2025
Седумнаесетта година по ред Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Изборот на стипендистите за учебната 2024/2025 година, кој е во согласност со објавениот јавен конкурс, е одобрен од Управниот одбор на Фондацијата по предлог-прелиминарната листа од комисиите за распределба на стипендии, составени од претставници на Фондацијата, на двата факултета, како и од претставници од редовите на студентите.
За новата академска година се доделуваат 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. И оваа година Фондацијата доделува еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација на двата факултета. Добитници на оваа награда годинава се Фросина Димоска од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,72) и Aнастасија Петличковска од Медицинскиот факултет (со просек 9,92). Првенците се досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
„Вложувањето во млади таленти од сферата на науката, особено во делот на фармацијата и медицината, е долгорочна инвестиција во поздраво општество. Фондацијата ’Трајче Мукаетов’ во изминатите 17 години е дел од успешната академска приказна на 699 стипендирани студенти на државниот универзитет во Скопје. Навистина ми е драго што досега 110 oд стипендираните студенти одлучиле да започнат да ги градат своите кариери во некои од одделите на ’Алкалоид’. Високата селективност при ангажирањето стручен кадар и континуираните вложувања во истражување, развој и нови технологии и постојаното стручно надоградување придонесоа ‘Алкалоид’ денес конкурентно и достоинствено да се носи на глобалниот фармацевтски пазар“, изјави г. Живко Мукаетов, Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и Генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Во седумнаесетте години постоење Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендирала вкупно 699 студенти по фармација и по медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и инвестирала близу 141 милион денари по основ на стипендии и на еднократни парични награди за првенците на генерација.
Oд ноември 2022 година износот на стипендијата изнесува 7.000 денари во текот на 12 месеци и се пресметува линеарно за постојните и за новите стипендисти, сѐ до нивното формално завршување на студиите.
ПР текст
Економија
(Видео) Митева: Економската и политичката стабилност на Владата дава резултати, Македонија за 2024 година бележи рекорден прилив од странски директни инвестиции
Според владината портпаролка Марија Митева, странските директни инвестиции во Македонија во периодот јануари-септември достигнале 838,2 милиони евра, што, според неа е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период минатата година и убедлив рекорд во изминатите дваесет години.
Како што предочи Митева, после долги години на дното, за прв пат државата има можност да стигне до прилив од странски директни инвестиции до 1 милијарда евра оваа година.
„Податоците покажуваат дека само во третиот квартал од годинава, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281,6 милиони евра. Ваквиот прилив се должи на економската и политичката стабилност која ја покажуваме како Влада, на предвидливоста и стабилноста која ја имаат компаниите, на посветеноста и заложбата во процесите и пристапот кон нулта толеранција за корупција кои беа индикатори за намалени инвестиции годините наназад. Во овој период се бележи зголемен нето-прилив врз основа на меѓукомпаниски долг што во годините претходно можеше да се забележи како одлив и овој прилив е во вредност од 219,5 милиони евра. Имаме и прилив врз основа на сопственички капитал во вредност од 39,9 милиони евра и реинвестирана добивка од 22,2 милиона евра“.
За само неколку месеци владата успеала да склучи договори со многу инвеститори како „Алказар Енерџи“ – ветерниот парк, каде ќе има 55 ветерници и ќе се гради меѓу три општини Карбинци, Штип и Радовиш. Во текот на изградбата на ветерниот парк се очекува да бидат отворени 630 нови работни места. „Епсотек“, новата германско-белгиска инвестиција, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра и отворени нови 110 работни места. Новата инвестиција на „Костал“ од 45 милиони евра со нови 250 вработувања, информира Митева.
Нагласи дека ова се само дел од инвестициите кои оваа влада успеала да ги реализира, а во следниот период очекуваат многу нови инвестиции и продолжуваат со привлекување на странски директни инвестиции.
„Инвестираме во домашните компании преку кредитната линија од 250 милиони евра и сите овие економски политики ќе донесат забрзан раст, зголемено производство и подобар животен стандард на граѓаните“, дополни таа.
Економија
Посета на гувернерката Ангеловска-Бежоска на Банката на Грција за зајакнување на регионалната соработка
Делегација на Народната банка, во состав од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова, е во работна посета на Банката на Грција, во рамките на заложбите за унапредување на регионалната соработка со централните банки и утврдување на заедничките економски и финансиски приоритети. За време на посетата, гувернерката Ангеловска-Бежоска оствари средба со својот колега, Јанис Стурнарас, гувернер на централната банка на Грција, а делегацијата се сретна и со заменик-гувернерката, Кристина Папаконстантину и генералниот директор за супервизија и решавање банки, Јоанис Цикрипис.
За време на средбата беа разработени повеќе теми од заеднички интерес на двете централни банки. Притоа акцентот беше ставен на одржувањето на финансиската стабилност како предуслов за економски раст. Беше заклучено дека во услови на неизвесност во светски рамки, од големо значење е да се гради отпорноста на банкарските системи, вклучително и преку обезбедување заштитни слоеви на капиталот. Исто така, беа разгледани теми поврзани со модернизацијата на финансиските системи и дигитализацијата.
На средбата беше нагласена заложбата на двете централни банки за продлабочување на соработката преку иницијативи за размена на знаења и искуства и зајакнување на билатералните односи.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска го истакна значењето на регионалната соработка за утврдување на сложените предизвици: „Во денешната, интегрирана светска економија, соработката помеѓу централните банки е од суштинско значење за обезбедување нa финансиската стабилност, поттикнување одржлив раст и регионален напредок. Со продлабочувањето на соработката со Банката на Грција можеме заеднички да делуваме во корист на финансиската стабилност и економскиот развој на нашите земји и регионот“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерот Јанис Стурнарас ги прими на работна средба гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералната директорка на Секторот за супервизија, Викторија Глигорова. „Разговаравме за макроекономските и финансиските случувања во нашите земји, како и за начините за подобрување на соработката во однос на банкарскиот сектор и за заштита на финансиската стабилност во регионот“, рече Јанис Стурнарас.
Оваа работна посета е уште еден доказ за посветеноста на Народната банка на градењето регионални партнерства, придонесувајќи кон стабилноста во регионот на Југоисточна Европа.