Регион
Силен земјотрес во Грција
Силен земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала го погоди Крит, јавува Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.
Земјотресот е регистриран на 47 километри од градот Сити, на длабочина од 18 километри, во 8.31 часот.
Да потсетиме, завчера имаше земјотрес со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала кај брегот на Лефкада. Земјотресот се случил околу 00:40 часот во близина на западната страна на островот.
Тоа е дел од островот каде што има бројни популарни плажи и одморалишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Јотова: Лично ги видов документите на Божиновска во кои таа изјавува дека има бугарска самосвест
Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова тврди дека лично ги видела документите на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во кои таа изјавува дека има бугарска самосвест и потекло, јавува БТА.
Илијана Јотова во обраќање од Ќустендил ги повика и своите македонски колеги со поголемо разбирање да ги читаат европските вредности.
Таа кажа дека почитувањето на човековите права е клучно во преговорите за членство во ЕУ, особено во првото поглавје.
Јотова рече дека ако една земја членка смета дека од страна на земјата кандидат не се почитуваат човековите права и правата на малцинствата, процесот кон ЕУ не може да продолжи.
Регион
Пожар во хотел во Словенија, евакуирани 160 гости
Околу 1.30 часот избувнал пожар во еден од хотелите на Блед, Словенија.
Брзата помош ги евакуирала сите лица од хотелот, кои, според првите податоци, биле речиси 160. Три лица настрадале од вдишување чад и им била укажана помош на самото место, а потоа се префрлени на домашна нега. Пожарникарите го изгаснале пожарот нешто по три часа, а истрагата за причините за пожарот е во тек.
Како што објасни претставникот за односи со јавноста на полициската управа Крањ, Роланд Брајиќ, според првичните информации, пожарот избувнал во подрумот на хотелот. Според досега познатите информации, наводно изгорел дел од комплексот кај базенот.
Полицијата ги замоли луѓето при интервенцијата да не излегуваат на местото на настанот и да не се задржуваат во близина, а околните жители поради пожарот и чадот да ги затворат прозорците на своите станови и куќи.
Причината за пожарот сè уште не е позната и ќе биде предмет на дополнителна кривична истрага. Во пожарот е причинета голема материјална штета.
Регион
Двајца работници се повредени во експлозија во воената фабрика „Слобода“ во Чачак
Во воената фабрика „Слобода“ во Чачак, во централна Србија, одекна експлозија, при што се повредени двајца работници, од кои едниот има изгореници на телото, потврдија од компанијата.
РТС јавува дека 36-годишен работник добил изгореници на лицето и вратот и повреда на раката, а другиот, по прегледот, е отпуштен на домашно лекување.
Од болницата во Чачак потврдија дека работникот со изгореници е ставен на интензивна нега, а од компанијата „Слобода“ соопштија дека тој е во стабилна состојба.
„Утринава, во осум часот, дошло до технолошка експлозија на линијата на лабораторијата за артилериски гранати, во која се повредени двајца работници, на кои веднаш им била укажана лекарска помош“, соопштија од компанијата „Слобода“.
Пред три години во оваа фабрика се случија две експлозии со разлика од две недели кога беа повредени неколку работници.