Свет
(Видео) Доаѓа бурата Ешли: се очекува ветер до 300 километри на час и бранови до 12 метри
Првата бура во сезоната во северноатлантската зона наскоро треба да стигне до бреговите на Ирска и Шкотска. Атлантските бури се вообичаени за време на доцна есен и зима и ја погодуваат западна Европа.
Силните бури се поретки и мора внимателно да се следат поради потенцијалот за големи влијанија врз населените и крајбрежните области. Невремето што доаѓа се вика Ешли. Во текот на вчерашниот ден, почна да се формира позначајно во средината на Северен Атлантик. Ветровите од горното ниво дополнително ќе се зајакнат бидејќи невремето ќе се приближи до Ирска и Шкотска денеска. Ова се должи на силниот притисок и температурен градиент помеѓу системот со висок притисок над континентална Европа и длабокото горно корито, и брзата површинска цикогенеза што се формира над Атлантикот. Разликата во притисокот ќе ги создаде овие силни ветрови на височина, за кои се предвидува дека ќе надминат 300 километри на час.
Со висок притисок над континентална Европа и длабок низок притисок над Атлантикот, меѓу двете структури се формира силен млазен поток. Низ Западна Европа ќе се прошири засилен југозападен правец, а во повисоките предели ќе дува засилен ветер. Развојот на новото невреме се очекува да биде доста брз и значаен.
Исто така, постои голема можност бурата да го достигне врвот на силните ветрови познат како млаз со убод. Ветерот би можел да биде особено силен во одредени области. Друга закана се значајните бранови кои обично се поврзуваат со најинтензивните бури во Северниот Атлантик. Високи бранови ќе зафатат делови од Ирска, Шкотска и Хебридите. Највисоките бранови би можеле да достигнат висина од 10-12 метри и да доведат до поплави на крајбрежјето. Бурата постепено ќе се движи кон северо-исток во недела на 20 октомври, најверојатно патувајќи низ северозападна Шкотска кон Фарските Острови. Дополнително, се очекуваат големи количини на врнежи.
Жолто предупредување е издадено за цела Шкотска и Северна Ирска и делови од северозападна Англија и Велс. Властите во северозападниот дел на Шкотска предупредуваат на опасност по животот од големите бранови и силните ветрови. Покрај тоа, постои голема можност за прекини на електричната енергија во областа, што може да влијае на покриеноста на мобилната мрежа. Веројатни се прекини или откажувања на патниот, железничкиот, воздушниот и траектниот сообраќај, како и затворање на патишта и мостови.
Да потсетиме , не поминаа ни десет дена откако невремето Кирк ја погоди Западна Европа, поточно Португалија. Шпанија, Германија и Франција. Кирк најпрво беше голем ураган што помина помеѓу Бермудите на Карибите и Азорските Острови во средината на Атлантскиот Океан во текот на викендот, дури накратко достигна статус на категорија 4 на скалата Сафир-Симпсон. После тоа, таа остана многу силна додека се развиваше во силна северноатлантска бура, каква што често ја гледаме над Северен Атлантик и Западна Европа во текот на есента и зимата, пишува „Вечерњи лист“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Русија преговараат за продолжување на нуклеарниот договор
Соединетите Американски Држави и Русија се приближуваат до договор за продолжување на почитувањето на ограничувањата од нуклеарниот договор Нов СТАРТ и по неговото истекување, објави Аксиос, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Разговорите се воделе во Абу Даби во изминатите 24 часа, но засега не е постигнат конечен договор. Белата куќа не го коментираше извештајот. Во меѓувреме, американската војска соопшти дека САД и Русија се согласиле да го продолжат воениот дијалог на високо ниво.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со Вашингтон доколку има „конструктивен одговор“ на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата од договорот Нов СТАРТ. Договорот, потпишан во 2010 година, веќе еднаш беше продолжен за пет години, а секое ново продолжување бара посебна извршна одлука.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе одлучи за следните чекори поврзани со контролата на нуклеарното вооружување, а истовремено изрази желба Кина да се вклучи во идни договори, што Пекинг досега го одбива.
Американската војска оцени дека одржувањето на воениот дијалог е важно за глобалната стабилност и деескалација, нагласувајќи дека повторното воспоставување на комуникацијата доаѓа по средбите на високи воени претставници во Абу Даби.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.
Свет
Трамп на Молитвениот појадок: Веројатно ќе одам во рајот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека верува оти „веројатно ќе одам во рајот“.
„Навистина мислам дека ќе стигнам таму. Не сум совршен кандидат, но направив многу добро за совршени луѓе“, рече Трамп за време на говорот на Молитвениот појадок во хотелот „Вашингтон Хилтон“, објави CNN.
На настан на кој присуствуваа неколку членови на Претставничкиот дом и Сенатот, Трамп рече дека „сè уште се шегува“ за своето „патување во рајот“.
Тој тврдеше дека често избира да биде „саркастичен“ кога комуницира со медиумите, велејќи дека се обидува да се потсмева на начинот на кој се пренесуваат неговите изјави.
Трамп го нарече републиканскиот претставник од Кентаки, Томас Маси, кој се спротивставува на некои од клучните законски предлози на Трамп, „кретен“, додавајќи дека Маси би гласал против речиси секој закон што ќе биде донесен во Претставничкиот дом.
„Тој автоматски вели „не“ без разлика што е. Нешто не е во ред со него“, вели Трамп, пренесува медиумот.
Прославата по повод Молитвениот појадок за прв пат се одржа во 1953 година, а претходно вклучуваше појадок и посебен настан во Конгресот, додека оваа година се слави заедно со членовите на Сенатот со цел да се продолжи „традицијата на единствена молитва“, пренесува Танјуг.

