Македонија
Коцевски: Имав обврска да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство – Скопје, до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители
Како јавен обвинител на Република Северна Македонија ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство – Скопје, а за што до овој момент не е презентиран ниту еден доказ, вели јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
„Согласувајќи се дека јавноста има право да ја знае целосната вистината, укажувам дека:
- Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон.
- Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам.
- Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавнообвинителската организација. Тоа и ќе го направам. Сите сознанија до кои ќе дојдам по извршената контрола и сите информации кои деновиве продолжуваат да пристигнуваат до мене имам намера да ги објавам веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство.
- До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда“, изјави Коцевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

