Регион
Потресно сведочење на судењето на масовниот убиец во Белград: „Се преправав дека сум мртва“
Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжи судењето на Урош Блажиќ за масакрот во селата Дубона и Мало Орашје. На самиот почеток сведочеше Андријана Митровиќ, која беше тешко ранета во масакрот.
„Јас и мојот пријател таа вечер отидовме во Дубона, Младеновац. Бевме таму десет минути. Во близина се слушаа истрели, не знаевме каде. Далибор Тодоровиќ праша кому му се родило дете. Не поминаа пет минути, Урош застана со автомобилот и влезе во училишниот двор и рече: ‘Раце горе или лежете долу, ќе пукам“. Далибор или Милан му рекоа да почека, но тој почна да пука. Тогаш паднав и се преправав дека сум мртва, потоа изгубив свест, не знам што се случи потоа. Ме разбудија во амбулантата“, изјави Андријана Митровиќ.
Потоа зборуваше Милосав Тодоровиќ, таткото на жртвата Далибор.
„Имам приговор за судењето. Вие сте премногу попустливи како судија, во се. Барам во име на сите родители Блажиќ, кој не се појавија на првото рочиште, да бидат казнети со 150.000 динари за тоа“, рече тој. Родителите на убиецот не се појавија на првото рочиште кога требаше да дадат исказ, а потоа не сакаа да сведочат.
Судењето на Урош Блажиќ за масакрот во селата кај Младеновац и Смедерево почна во мај годинава, но првото рочиште веднаш беше прекинато кога родителите на убиените деца го нападнаа убиецот. По тој инцидент, судењето беше преместено во Белград, во зградата на Специјалниот суд. Досега во постапката сведочеа голем број сведоци, обвинетиот, како и родителите на жртвите и преживеаните од масакрот.
Во масакрот загинаа девет лица, додека неколкумина беа ранети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

