Спорт
Јелена Ѓоковиќ: Новак е шампион на обичните луѓе, а не на богатите
Јелена Ѓоковиќ смета дека статусот на нејзиниот сопруг Новак меѓу обичните луѓе е далеку поважен од бројните титули најдобар тенисер во историјата на „белиот спорт“.
„Кога гледаме што се случува во светот, тенисот е толку мала призма на животот, но на луѓето им носи среќа, радост и надеж. Сакам да го гледам како шампион на обичниот човек, а не на богатиот, бидејќи тој е обичен човек кој потекнува од многу скромно семејство на работници и сонувачи. Патувајќи низ светот, гледате многу луѓе кои се инспирирани од неговата приказна, бидејќи и тие се слични на него“, изјави Јелена во опширното интервју за аргентинскиот „Насион“.
Таа нагласи дека тенисот е многу луксузен спорт кој речиси исклучиво се поврзува со богатите луѓе потсетувајќи на етимологијата на прекарот „бел“.
„Сепак, навивачите на Новак се нормални луѓе со нормална работа и не можат секогаш да си дозволат билети за неговите натпревари. Затоа, кога ќе одите по улица и ќе видите работници на градилиште или во која било гранка, тие викаат: „Еј, Новак!“ Сите го запираат. Мислам дека ти дава сила и енергија да продолжиш. Иако веќе има постигнато се, мислам дека најголема победа му е тоа што е народен шампион. Да… Тој е народен шампион“, подвлече Јелена Ѓоковиќ.
Новак освои 99 титули во сингл, од кои 24 Грен слем, 40 Мастерс, седум финалиња на АТП, а летово го додаде и олимпиското злато од Игрите во Париз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Добри вести за Црвена звезда, повредата на Боломбој не е сериозна
Добри вести за тренерот, играчите и навивачите на Црвена звезда 12 часа по повредата на Џоел Боломбој на натпреварот со Будуќност во Подгорица. Американецот со руски пасош со помош на соиграчите го напушти теренот.
Во третата четвртина од дерби натпреварот од 5. коло на АБА лигата, Боломбој поради кондензација се лизна на инаку лизгавиот паркет, во таа прилика го истегна коленото што не ветуваше добро.
Со помош на соиграчите, еден од најдобрите играчи на тимот од почетокот на сезоната го напушти паркетот, а потоа беше однесен во соблекувалната, поради што многумина, меѓу кои и тренерот Јоанис Сферопулос, стравуваа дека станува збор сериозна повреда на лигаментите или менискусот.
„Боломбиј се здоби со хиперекстензивна повреда на десното колено со поголема модринка на коската без повреди на менискусот и лигаментите. Во овој момент повредата не бара оперативно лекување, туку одмор и конзервативна терапија. Прогнозата за враќање на теренот ќе биде соопштена по прегледот од клупските лекари“, објави Црвена звезда.
Српските медиуми шпекулираат дека кошаркарот кој во Евролигата има просек од 12 поени и 9,2 скока ќе паузира околу еден месец. .
Инаку, Црвена звезда во драматична завршница ја победи Будуќност со 75:73.
Спорт
Мурињо во Истанбул живее во хотел, досега на ноќевања потрошил 171.000 евра
Жозе Мурињо (61) од јули го предводи Фенербахче. Целта му е да го освои првенството на Турција, но на тимот во моментов не му оди најдобро. Фенер е четврти со 17 бодови, осум помалку од водечкиот Галатасарај.
Од Турција стигна веста дека Мурињо се уште нема купено куќа во Истанбул. Се навикнува на животот во Турција и моментално живее во хотел.
Мурињо престојува во луксузниот хотел „Four Seasons“ на брегот на Босфорот. Најевтината соба во овој хотел за едно ноќевање чини 1.200 евра. Португалецот е во Истанбул веќе 141 ден, што значи дека досега потрошил 171.000 евра за живеење во хотел.
Неговиот скап стан се наоѓа на европската страна на Истанбул, каде доминираат навивачите на Галатасарај. Погледот од хотелската соба се протега кон азиската страна на градот, каде доминантни навивачи се на неговиот Фенербахче.
За Мурињо ова е втор пат во кариерата да престојува во хотел. За време на неговиот престој на клупата на Манчестер јунајтед, тој живеел во хотелот „The Lowry“, исто така на брегот на реката.
Мурињо е еден од најголемите тренери во историјата. Тој ги водеше Бенфика, Леирија, Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Рома.
Спорт
Челниците на Леверкузен се свесни дека Алонсо ќе го напушти клубот
Челниците на Баер Леверкузен се помириле со фактот дека тренерот Чаби Алонсо најверојатно ќе го напушти клубот на крајот од сезоната.
Шпанскиот стручњак, кој на тимот му ја донесе првата титула во историјата, е на мета на неколку големи европски клубови.
Едно е сега сигурно, клубот кој најмногу го посакуваше пред само половина година, Ливерпул, повеќе нема да биде опција.
По одличниот почеток на Арне Слот на „Енфилд“, веќе никој во клубот не ја спменува опцијата дека Алонсо би можел да биде долгорочно решение за клупата на „црвените“.
Наводно за него се заинтересирани Манчестер сити под услов Пеп Гвардиола да го напушти клубот, но ова е речиси невозможно, токму поради Ливерпул. Чаби Алонсо е поранешен фудбалер на „црвените“.
Најлогично е тој да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, доколку Карло Анчелоти реши да стави крај на кариерата во Реал Мадрид. „Проблем“ е што договорот на Италијанецот истекува во 2026 година.
Леверкузен на големо го бара наследникот на Алонсо, прв кандидат е тренерот на Штутгарт, Себастијан Хенес, а втор е помошникот на селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, Сандро Вагнер.