Македонија
Судскиот совет одлучи по претставката на ЗНМ: јавен укор за судијката Спировска-Панева

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска одржа прес-конференција на која беше јавно презентирана одлуката на Судскиот совет, која претставува важен чекор за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија.
На 10 октомври годинава Судскиот совет донесе дисциплинска мерка – јавен укор за судијката Јованка Спировска-Панева, со која се потврди дека таа незаконски ѝ забранила на јавноста да го следи соочувањето на рочиштето помеѓу бизнисменот Кочо Анѓушев и колешката Цветковска за случајот „’Фероинвест’ против медиумот ИРЛ“, постапка со која новинарите беа спречени да ги информираат граѓаните за овој важен судски процес.
Во одлуката на Судскиот совет јасно е наведено дека „исклучувањето на јавноста за време на судските рочишта претставува груба повреда на транспарентноста и правото на информирање, што е од суштинска важност за слободата на медиумите“.
Драган Секуловски, директорот на ЗНМ, истакна дека со постапката на судијјата за отстранување на новинарите од судницата директно се напаѓа медиумската слобода, причина поради која одлуката на Судскиот совет е позитивен пример за заштита на слободата на изразување.
„Оваа постапка на судијјата Спировска-Панева се смета за сериозна професионална грешка и директен напад врз медиумските слободи во спротивност со Законот за парничната постапка. Токму затоа одлуката претставува пресвртница за медиумската заедница. Со ова се испраќа јасна порака дека слободата на информирање мора да биде заштитена. Истовремен, рече Секуловски.
На 19 октомври 2023 година ЗНМ поднесе претставка до Судскиот совет барајќи одговорност од судијката Спировска-Панева поради исклучувањето на јавноста од рочиштето од горенаведениот случај, како и поведување дисциплинска постапка. ЗНМ активно учествуваше на сите четири расправи пред Комисијата составена од тројца судии презентирајќи релевантни докази што го потврдуваат неправилното постапување на судијата.
Одлуката на Судскиот совет покажува дека безбедноста и слободата на новинарите се од суштинско значење за демократските процеси, а транспарентноста на судските власти е неопходна.
ЗНМ вложи многу напори во овој случај и конечната одлука е потврда за значењето на јавниот интерес и правото на информирање од судски рочишта, што треба да биде порака кон сите судии.
За потсетување, случајот се однесува на сторијата „Заговор против воздухот“, објавена на 24 октомври 2023 година од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Реакциите по овој случај доведоа до протести од страна на новинарите и медиумските работници, кои јавно го изразија својот револт против неправдите.
Исто така, пресудата против ИРЛ, со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар, предизвика бурни реакции од страна на Европската федерација на новинарите.
Токму затоа сметаме дека одлуката на Судскиот совет за донесување дисциплинска мерка ќе служи како поттик за судските власти во иднина да ги препознаат и заштитат важноста на слободата на изразување и јавниот интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чизмите им останале заглавени во стопен шеќер, повредени неколку пожарникари, пожарот во „Винчини“ под контрола

Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата додека го гаснеле големиот пожар во фабриката „Винчини“. Тие се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните, а во обид да се одглават, нивните чизми останале заглавени и згазнале во стопената смеса. Пожарот е ставен под целосна контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека огнените јазици зафатиле три производни линии означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини.
„Сите три погони имаа сончеви панели на покривот и се целосно опожарени. Благодарение на навремената интервенција на пожарникарите, спасени се линиите од 1 до 5. Во гаснењето учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Пожарот е ставен под целосна контрола и нема опасност од негово ширење“, изјави Ангелов.
Според информациите, спасени се и дел од магацините со готови производи и суровини, со што спречена е поголема материјална штета.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) првично информираа дека пожарот во фабриката позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
Македонија
Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите

Родителите на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска по 21 пат излегоа на улиците на Кочани, барајќи правда и побрза реакција од институциите.
Протестниот „Марш за ангелите“ повторно ја помина добро познатата траса – од „Паркот на револуцијата“, покрај Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, сè до Основниот суд и Обвинителството.
Од таму, роднините се обратија директно до судиите и обвинителите, потсетувајќи дека веќе три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.
„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка“, изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.
Протестот се одржа само еден ден откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата во „Пулс“. Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
Со ова, случајот „Пулс“ добива нова димензија, додека семејствата на жртвите продолжуваат да бараат одговорност и правда – јавно, гласно и упорно.
Македонија
Петровска откри зошто декласификацијата предизвикува нервоза кај власта

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, изјави дека барањето за целосна декласификација на документите предизвикало паника и нервоза кај власта, која наместо да одговори транспарентно – се обидела да се претстави како жртва.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставуваат. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се прикажат како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат“, изјави Петровска во гостување во „Дневник“ на Сител телевизија.
Таа потсети дека претседателот на комисијата, Скендер Реџепи, го поднел барањето за безбедносен сертификат уште кон крајот на 2024 година, но шестмесечниот рок одамна е пробиен.
„Тоа отвора сериозни прашања за законитоста на надзорот“, додаде Петровска.
Пратеничката истакна и дека неколку пати биле закажувани и откажувани седници на кои требало да претседава Реџепи, а потоа тој самостојно закажал седница, што според неа создало негативен впечаток за работата на Собранието.
„Надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со јасна одговорност од сите. АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку столб на државата. Реформите мора да продолжат, но со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“, нагласи Петровска.
Таа посочи дека Собранието нема истражна функција и пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата.