Европа
(Видео) Трагична сообраќајна несреќа во Германија: загинаа мајка и две деца кога автомобил удрил во нив на тротоар
Германија вчера ја потресе трагична сообраќајна несреќа. Пешак и нејзините два сина биле удрени од автомобил во Еслинген кај Штутгарт, а сите тројца загинале на местото на несреќата. Истрагата е во тек, а полицијата интензивно трага по сведоци на трагедијата.
39-годишна жена и нејзините два сина на возраст од шест и три години загинаа кога автомобил удрил во нив на тротоарот во Еслинген покрај реката Некар откога 54-годишниот возач од непозната причина излетал од патот и ги прегазил.
Во моментот на несреќата возачот удрил и во друго возило, чиј возач исто така бил пренесен во болница.
Drei Tote: Fußgänger von PKW erfasst in #Esslingen – #Weil https://t.co/DJuKGnyiH9 pic.twitter.com/V42LdiWJgk
— 7aktuell (@7aktuell) October 22, 2024
По наредба на Државното правобранителство во Штутгарт, ангажиран е вештак за расветлување на околностите и причината за несреќата. „Засега нема индикации за намерно дело“, изјави портпаролот на полицијата.
Локалната заедница ја потресе трагедијата, а очевидци велат дека полицајците плачеле кога ги виделе сцените од оваа трагедија.
На местото на настанот, покрај многуте полицајци, пожарникари и итните служби, имало и неколку стручни лица за итна психосоцијална помош, кои им дале поддршка на сведоците и членовите на семејството.
Истрагата треба да даде одговори на прашањето зошто се случила несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски стигна во Берлин, ќе се сретне со американскиот преговарачки тим
Украинскиот претседател Володимир, Зеленски, пристигнал во Берлин, каде што во текот на денот треба да се сретне со американскиот преговарачки тим за да разговара за предлогот за постигнување мир во Украина.
– Се фокусираме на тоа како сигурно да ја гарантираме безбедноста на Украина, така што искуството со Будимпештанскиот меморандум и руската инвазија никогаш повеќе нема да се случи. Сметаме на конструктивни разговори – рече Зеленски во објава на платформата X.
Тој рече дека сè уште не добил официјален одговор од Соединетите Американски Држави на најновите предлози за мировен план.
Пред неговото пристигнување, Зеленски нагласи дека сака да ги убеди Американците да ја поддржат идејата за замрзнување на фронтовската линија во Украина во нејзината сегашна состојба пред било какви преговори со Москва.
Американската делегација ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп.
Извори од германската влада за „Билд“ изјавија дека разговорите со претставниците на Украина во Берлин ќе траат два дена , а дека денес ќе се одржат прелиминарни разговори со советници за надворешна политика, вклучувајќи ги и претставниците на САД и Украина.
Европа
Речиси три четвртини од Европејците ја поддржуваат ЕУ, рекордна поддршка за еврото и за заедничка одбрана
Речиси три четвртини од граѓаните на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека нивната земја имала корист од членството во Унијата, покажува најновиот Евробарометар.
Според податоците, 59% од Европејците се оптимисти за иднината на ЕУ, а 73% се чувствуваат како граѓани на Унијата. Довербата во институциите останува висока, при што 48% изјавиле дека им веруваат на европските институции.
Анкетата покажува и рекордна поддршка за еврото – 74% од испитаниците го поддржуваат воведувањето на единствената валута, а во Еврозоната процентот изнесува 82%.
Во однос на заедничката одбрана и безбедност, 79% од граѓаните го поддржуваат воспоставувањето на заедничка политика меѓу земјите-членки, што е втор највисок резултат од 2004 година. Повеќе од две третини (67%) сметаат дека ЕУ е „место на стабилност“ во свет полн со немири, а 83% веруваат дека Унијата треба да ги диверзифицира трговските односи за да ја зајакне економската независност.
77% од Европејците сметаат дека инвазијата е закана за безбедноста на ЕУ, додека 73% ја поддржуваат економската блокада на Русија. Повеќе од три четвртини (81%) го поддржуваат приемот на бегалци од Украина, а 57% се согласуваат со финансирање на набавката и испораката на воена опрема за Киев.
Граѓаните сметаат дека главните приоритети на буџетот на ЕУ треба да бидат вработувањето, социјалните прашања и јавното здравје (42%), образование, култура и медиуми (36%) и одбрана и безбедност (35%).
Истражувањето, спроведено помеѓу 9 октомври и 5 ноември 2025 година во сите 27 земји-членки, вклучуваше 26.445 интервјуа лице в лице.
Европа
ЕУ замрзна 210 милијарди евра руски пари за да ја поддржи Украина, Москва го оцени потегот како „објава на војна“
Европската унија одлучи да ги замрзне средствата на руската централна банка во вредност од околу 210 милијарди евра на неопределено време, со цел тие да се користат за финансиска поддршка на Украина, јавува Ројтерс. Каматата на замрзнатите средства ќе биде наменета за Киев, додека главниот капитал останува блокиран.
Според Ројтерс, Украина ќе мора да го врати заемот само кога Русија ќе ги исплати воените репарации. Од 27-те земји членки на ЕУ, само Унгарија и Словачка гласаа против мерката.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку социјалната мрежа X порача дека одлуката е „силна порака до Русија“. Таа нагласи дека мерката е јасен знак дека додека продолжува бруталната војна во Украина, трошоците за Русија ќе продолжат да растат, и дека ЕУ ќе направи сè за да го направи својот сосед посилен „и на бојното поле и на преговарачката маса“.
Москва го оцени потегот како „кражба“ и „објава на војна“. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев го нарече планот потенцијален „чин на војна“. Амбасадорот на Русија во Германија, Сергеј Нечаев, исто така, го оцени како „кражба“, додека портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, објави дека Русија ќе даде „најстрога реакција“.
Кремљ веќе презеде правни чекори: руската централна банка поднесе тужба против белгиската финансиска куќа „Евроклир“, која управува со околу 185 милијарди евра од замрзнатите руски средства. Останатите 25 милијарди евра се сместени во банки во Белгија и Франција. Русија ја обвинува „Евроклир“ за нелегално спречување пристап до средствата.
Во посебна изјава, руската централна банка го нарече планот на ЕУ за користење на средствата за помош на Украина „нелегален и спротивен на меѓународното право“.
ЕУ го нарекува овој инструмент „заем за репарација“, кој треба да се утврди на претстојниот самит, а замрзнувањето на средствата претставува значителен притисок врз Кремљ, кој досега се обидува да најде правни и дипломатски начини за реакција.

