Свет
Израелската армија: Хезболах користи возила на брзата помош за транспорт на терористи и оружје
Израелската војска тврди дека либанската група Хезболах „користи амбулантни возила за транспорт на терористи и оружје“ и предупредува дека Израел ќе ги таргетира возилата, без оглед на нивниот тип.
Не наведувајќи докази за ова тврдење, портпаролот на израелската армија Авихаи Адрае издаде изјава на арапски, во која изјави дека Израел ги повикува медицинските тимови да избегнуваат контакт со елементи на Хезболах и да не соработуваат со нив, пишува „Гардијан“.
Во соопштението израелската армија повторно им нареди на граѓаните на Либан да избегнуваат движење кон југот на земјата. Либанската влада објави дека 1,2 милион луѓе се раселени од своите домови поради ескалацијата на борбите и израелските воздушни напади врз земјата.
Десетици илјади Израелци исто така мораа да ги напуштат своите домови на северот на Израел поради континуираниот ракетен истрел врз Израел од јужен Либан, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Западот ја користи Украина за критични закани за безбедноста на Русија
Западот ја користи Украина за да создаде критични закани за безбедноста на Русија игнорирајќи ги виталните интереси на Руската Федерација, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
„Нарушени се принципите на еднаква и неделива безбедност. Меѓудржавните конфликти и внатрешните конфликти се подгреваат“, рече Путин при обраќањето на продолжениот самит на БРИКС во Казан, пренесе ТАСС.
Путин нагласи дека „пример за тоа е Украина, која се користеше и се користи за создавање критични закани за безбедноста на Русија игнорирајќи ги нејзините витални интереси, легитимните грижи и кршејќи ги правата на луѓето што зборуваат руски“.
Претходно денеска, Путин отвори пленарна средба во рамките на самитот на БРИКС во Казан, кој се одржува во проширен формат БРИКС+.
На состанокот беа поканети претставници на 36 земји, меѓу кои и шефови на Заедницата на независните држави, Азија, Африка, Латинска Америка, и шефови на меѓународни организации, пренесува „Танјуг“.
Свет
Лукашенко: Подготвен сум да користам нуклеарно оружје
Белорускиот претседател Александар Лукашенко даде интервју за Би-би-си на самитот на БРИКС во Казан. Интервјуто го водеше Стив Розенберг, уредник на Би-би-си за Русија, кој во текстот посочува дека малку светски лидери биле на власт 30 години како Лукашенко. Тој потсетува дека белорускиот претседател беше обвинет за изборна кражба, задушување на опозицијата и кршење на демократијата, а ЕУ и САД не го признаваат за легитимен лидер.
Розенберг забележува дека Лукашенко има уште еден квалитет што го издвојува – како некој што соработувал редовно со рускиот претседател Владимир Путин со години, тој веројатно го познава подобро од кој било друг светски лидер.
На прашањето дали мисли дека Путин е подготвен да користи тактичко нуклеарно оружје стационирано во Белорусија, Лукашенко одговори дека без негова согласност тоа оружје нема да се користи.
„Путин никогаш нема да користи нуклеарно оружје во Белорусија, без согласност на белорускиот претседател“, рече Лукашенко мислејќи на себе во трето лице. На прашањето дали е подготвен да употреби нуклеарно оружје, тој одговори:
„Јас сум целосно подготвен. Зошто инаку би го имале тоа оружје? Но само ако странска воена чизма стапне на тлото на Белорусија. Немаме планови да нападнеме некого“.
Свет
Новиот мандат на Трамп може да ја чини Германија до 180 милијарди евра
Доколку поранешниот американски претседател Доналд Трамп биде реизбран за претседател во ноември оваа година, неговиот четиригодишен мандат би можел да ја чини Германија до 180 милијарди евра поради трговската војна, се вели во извештајот на Германскиот економски институт (IW), пренесува „Анадолија“.
Ветувањето на Трамп дека ќе ги зголеми царините за да го намали трговскиот дефицит на САД може да предизвика значителни нарушувања во глобалната трговија.
Во извештајот на IW се вели дека Европската Унија развила контрастратегија против таквата закана наведувајќи дека доколку потенцијалната администрација на Трамп ги зголеми увозните царини на 10 отсто за ЕУ и 60 отсто за Кина, Брисел ќе возврати со еквивалентни зголемувања.
Институтот спроведе симулација за да ја процени потенцијалната штета за германската економија доколку тоа се случи и откри дека БДП на земјата ќе изгуби повеќе од 137,1 милијарди долари во текот на четири години.
Друга симулација покажа дека доколку потенцијалната администрација на Трамп и ЕУ ги зголемат увозните тарифи на 20 отсто, германскиот БДП ќе се намали 1,5 отсто, со загуба од 194,2 милијарди долари во текот на четири години.
Во извештајот се наведува и дека американската економија ќе претрпи загуба од 1,3 до 1,5 отсто од БДП во 2025 година, при што негативните ефекти најмногу ќе се почувствуваат во првите две години, а постепено ќе се намалуваат во следните две.