Македонија
Потпретседателката Камала Харис испрати писмо до македонската заедница во САД
Пред неколку недели, Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) испрати прашалник до кампањите на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп и до актуелната потпретседателка на САД Камала Харис со релевантни приоритети и барања од македонско-американската заедница.
„Ова е можност директно да се слушне од претседателските кандидати за прашања што се важни за македонските Американци“, велат од ОМД.
„Прашањата се однесуваа околу прогласувањето на септември за месец на македонско-американското наследство, засилување на стратешкиот дијалог и партнерство меѓу САД и Македонија, за потенцијален договор за двојно оданочување меѓу САД и Македонија, како и за вклучување на Македонија во програмата за укинување на визи за САД.
Се проценува дека во САД живеат над половина милион Американци со македонско потекло.
ОМД, непартиска, неполитичка и невладина организација, не поддржува и не може да поддржува политички кандидати за јавни функции. Како водечки глас за Македонците во САД, ОМД ги едуцира креаторите на политики за прашања од интерес за Македонците, а споделувањето на одговорите што ги добиваме се од информативна природа и не претставуват поддршка или охрабрување на еден или друг кандидат“, соошти ОМД.
Во продолжение писмото од потпретседателката Камала Харис што го доби ОМД.
„До македонско-американската заедница:
Со изминување на септември, месец посветен на македонско-американското наследство, сакаме да го искористиме овој момент за да оддадеме почит за огромните влијание и богата култура што македонско-американската заедница ѝ ги донесе на нашата нација. Минатиот месец беше особено значаен, бидејќи се одбележа независноста на тогашната Република Македонија од Југославија на 8 септември 1991 година – извонредно достигнување што ја отелотворува издржливоста и трајниот стремеж како единствена земја која ги достигна својата независност и слобода по мирен пат.
Повеќе од еден век, македонските имигранти бараат заштита и можности во САД, водени од клучните историски настани како што се Илинденското востание, Балканските војни и глобалните конфликти во 20 век. Од 1880-тите, десетици илјади Македонци најдоа нов дом овде, придонесувајќи за богатата разноликост на нашата нација. Денес, околу 500.000 поединци со македонско потекло прогресираат и придонесуваат во заедниците низ нашата држава.
Силното присуство на Македонци во држави како Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Флорида, Пенсилванија и Калифорнија, говори доволно за трајниот придонес. Македонските Американци се истакнаа во различни области – независно дали се работи за бизнис, технологија, уметност или медицина. Претприемачите ја зајакнаа нашата економија, спортистите донесоа дома олимписки медали, а уметниците го збогатија нашиот културен пејзаж, истакнувајќи ги неверојатните таленти што произлегуваат од оваа заедница.
Покрај придонесите кон економијата и културата, македонските Американци активно се вклучуваат во нашата демократија. Многумина служат во законодавните тела и граѓански организации, рефлектирајќи ги принципите на слобода и заедница што ја прават нашата држава посилна. Нивната посветеност во граѓанскиот сектор е инспирирачка и клучна за здравјето на нашата демократија.
Ги славиме не само извонредните достигнувања на Македонците, туку и богатото наследство што вие продолжувате да го градите. Ајде да се здружиме за да го признаеме длабокото влијание на македонските Американци во обликувањето на разновидниот дух на САД. Вашите придонеси ја подобруваат силата и карактерот на нашата нација и со нетрпение очекуваме да го продолжиме овој пат заедно“.
ОМД се` уште чека одговор од поранешниот претседател Доналд Трамп и ќе го сподели со јавноста штом ќе го добие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

