Македонија
Трендафилов: Тешко е да преживеете со 370 евра кога минималната кошничка е над 1.000 евра, раст на минималната плата да има и годинава

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) очекува да го разгледа предлог-буџетот за следната година во делот за раст на платите, но очекува раст на платите да има и во следните два месеца на вработените во секторите чии плати годинава не беа покачени. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилот, вели дека го охрабрила сменетата реторика на Владата.
„Тоа што мене лично ме охрабрува, а и ССМ како организација на работниците, е тоа што од реториката – нема, нема, нема, нема, полека почнуваат да се изнаоѓаат средства за раст на платите на вработените во оние сектори што не добија оваа година. На последната седница на Економско-социјалниот совет добивме ветување од претседателот на Владата и од министерот за економија и труд дека по поминувањето на првичниот филтер во Владата и сработеното во собраниската комисија, кога ќе го вратат буџетот со забелешки и предлози по амандманите од страна на пратениците, ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која ќе ги гледаме ставките во буџетот што се однесуваат на растот на платите, кои се потребни да се реализираат и оваа, меѓутоа и наредната година“, вели Трендафилов.
Покрај проекциите во буџетот за следната година, во следните два месеца Трендафилов смета дека треба да се покачи и минималната плата, а покачување да има и в година.
„Се разбира дека и растот на минималната плата, кој треба да се реализира побргу, треба да биде предвиден и во новиот буџет, меѓутоа ќе треба да се предвидат средства, веројатно, и оваа година доколку се случи тоа што е можно побргу имајќи предвид дека животот на работниците и животот на граѓаните станува сѐ поскап. Тешко е да преживеете со 370 евра денеска кога минималната синдикална кошничка веќе изнесува повеќе од 1.000 евра“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ уште во мај побара еден од приоритетите на новата Влада да биде покачување на минималната плата на 450 евра. Минималната плата за оваа година, според последните пресметки на Државниот завод за статистика, изнесува 22.567 денари или 366 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.