Македонија
Мицкоски ги повика граѓанските организации да учествуваат во градењето на поквалитетен национален образовен систем

Премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во соработка со ИРИ, како дел од проектот за дијалог со граѓанските организации оддржа средба со повеќе невладини организации.
„Образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети. Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја.“
Ова е пораката која премиерот Христијан Мицкоски ја испрати до младинските организации кои беа дел од денешниот настан во рамки на дијалогот помеѓу Владата и граѓанскиот сектор на тема образование и младинско учество, што го организираше Меѓународниот републикански институт.
„Жал ми е што морам да констатирам дека образованието во минатото ни е значително опаднато. Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата работи транспарентно и создава услови за услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.
Повика да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рече, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.
За време на дебатата, дел од младинските организации изнесоа свои предлози за мерки, проекти и системски решенија со кои, како што рекоа, ќе се задржат младите во својата земја и тука ќе го градат и реализираат својот потенцијал.
Беа повикани и сите останати здруженија да достават свои иницијативи во одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Владата, како и до надлежните министерства.
Обраќања имаа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Заеднички став е дека односите со граѓанскиот сектор се развиваат во добра насока и се очекува политиките кои се креираат преку меѓусебната соработка, да дадат позитивен исход.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костова: Тотален дебакл на Мицкоски во економијата, инфлацијата го изеде семејниот буџет

Се случува тотален дебакл на економски план, економската политика на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е целосно промашена. Последните податоци на Државниот завод за статистика, покажуваат инфлација од 3,3%, вели Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
Овие бројки, според неа, не се само статистика, тие се, како што вели, реалноста во секој македонски дом, во секое македонско семејство.
„Сѐ е поскапено. Животот за граѓаните со ВМРО-ДПМНЕ стана „купи ден – помини“.
Инфлацијата го јаде семејниот буџет, платите, но и самиот економски раст.
Ова е уште една потврда дека фалбите за некаков раст на БДП или дека сме биле 4 та економија во Европа нема никаква врска со реалноста, тоа е една голема лага.
Прво Мицкоски излажа за растот на БДП, не е 3,4% како што рече тој, туку 3%.
Но, кога ќе се спореди со поголемата инфлација од 3,3%, значи не само што нема раст, туку е негативен“.
Затоа, додава таа, и куповната моќ на македонските граѓани во споредба со целиот регион е најмала.
Како што оценува, македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53% и така натаму.
„Ова е тажната реалност. Животот во Македонија е неподносливо скап, народот има се помалку пари. Граѓаните преживуваат од ден за ден.
Купуваат се помалку, пресметуваат секој денар, одат во продавница со страв.
Наместо решенија и заштита на стандарот власта на ВМРО-ДПМНЕ реши да ги покачи платите ама само на функционерите.
За работниците – ништо, нема пари, власта има пари само за зголемивање на платите на фунционерите.
Без трошка срам министерката за финансии тврди дека повисоки плати ќе предизвикале инфлација“.
Ова, додава Костова, е врв на безобразие. Според неа, работниците не заслжуваат ваков однос, вакво понижување.
СДСМ, нагласи таа, бара итна промена на курсот, владата да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и да ги покачи платите на работниците.
Македонија
(Фото) Тошковски: Борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес учествуваше и се обрати на 16 сесија на Работната група 4 од Националната конвеција за Европската Унија во Македонија, платформа која низ годините се етаблира како сериозен и кредибилен простор за дијалог, анализа и препораки во процесот на европската интеграција.
Темата на дешната сесија „Предизвиците и перспективите на националнте политики за дроги и психотропни супстанци“ е тема која го засега секој сегмент од нашето општество.
„Во повеќе наврати досега, и во јавноста и пред институциите, јавно сум потенцирал дека борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на Министерството за внатрешни работи. Не само поради нејзините последици врз младите и општественото здравје, туку и поради фактот што овој феномен претставува клучен извор на моќ и ресурси за организираните криминални групи. Денешната сесија е потврда дека оваа борба мора да биде споделена, инклузивна и стратешки насочена.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски нагласи дека МВР како институција е на првата борбена линија во спречувањето на недозволената трговија со дрога и е секојдневно сведок на трансформациите и предизвиците кои ги носи овој феомен, од порастот на синтетичките супстанци и нивната достапност, до поврзаноста со организираниот крминал и транснационални мрежи.
„Но, токму затоа е важно да истакнеме дека борбата против дрогата не се води само со апсења и заплени. Таа се води и со податоци, со научно утврдени политики, со превенција во училиштата, со програми за третман и социјална поддршка, со меѓусебна доверба меѓу институциите, и со постојана комуникација со граѓаните и заедницата.“, потенцираше на крај министерот Тошковски.
Македонија
ДУИ: Во Агенцијата за храна и ветеринарство од вкупно 21 вработени нема ниту еден Албанец

Демократската Унија за Интеграција изразува длабока загриженост и остро го осудува систематското и намерно исклучување на Албанците од државните институции во Република Северна Македонија.
Според партијата на Ахмети, овој дискриминаторен феномен добива алармантни размери и претставува сериозно кршење на принципите на еднаквост и правична застапеност.
Како што појаснуваат, најновиот случај што јасно ја илустрира оваа загрижувачка реалност е Агенцијата за храна и ветеринарство, каде од вкупно 21 вработени, нема ниту еден Албанец.
„Станува збор за јавна институција што функционира со буџетски средства од даночните обврзници, вклучително и албанските граѓани, и целосното исклучување на цела заедница претставува неприфатлива и осудувачка пракса.
Ова не е изолиран случај. Тоа е дел од исклучувачка политика, која директно се коси со духот и буквата на Охридскиот рамковен договор, како и со темелните вредности на европската интеграција“.
ДУИ бара итна институционална реакција и започнување на независна истрага за да се обезбеди правична и пропорционална застапеност на Албанците на сите нивоа на јавната администрација, од раководните до извршните позиции.
„Дискриминацијата не смее да се нормализира. Молкот не е опција. Еднаквоста е ненадоместлива“.