Македонија
Стрелките на часовникот ноќеска се враќаат еден час назад

Од ноќеска во три часот по полноќ почнува зимското сметање на времето со кое стрелките од часовникот ќе се вратат еден час назад. Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: Изградбата на брзата пруга во Македонија ќе биде најзначаен инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа

Изградбата на брзата пруга во Македонија ќе биде најзначаен инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа, ќе донесе огромен економски бенефит и регионот и значително ќе го намали времето на патување од Скопје до Солун и до Атина, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
„Ние после долг временски период разговараме со Грција за поврзување, за економија, за бизнис, за она што го прави животот. Брзата пруга колку што е бенефит за Македонија, многу повеќе е од бенефит за Грција, особено што целосно ќе ги отвори пред се солунското и атинското пристаниште кон Централна Европа. Изградба на брза пруга на која што карго возовите ќе возат со 120км/ч, во само првата година откако ќе се изгради од сегашни 12 милиони евра колку што имаат приход двете железнички македонски претпријатија, ќе оди на 120 милиони. Истото ќе важи и за грчките пристаништа, што целосно ќе ја промени економијата во целиот овој регион”, рече Николоски.
Вицепремиерот информираше дека грчките власите се согласни, следната година почнат да градат двоколосечна пруга по примерот на Македонија од Солун до Гевгелија, а директорите на железничките претпријатија на двете земји веќе ги усогласуваат техничките детали.
„Тоа ќе значи дека од Скопје до Солун ќе се патува за 1 час и 20 минути, а до Атина за не повеќе од 4 часа и мислам дека тоа целосно ќе го смени начинот на живот на овој дел од Европа. Така што брзата пруга ќе стане најзначаен економски-инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа”, истакна заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
Македонија
За два дена над 200 прегледани лица во Трубарево, уште 8 упатени на Пулмологија

Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија спроведе дводневен скрининг на жителите на Трубарево, со цел навремено откривање на евентуални заболувања на дишните патишта по големиот пожар во складиштето за електроника.
„Само во текот на вчерашниот ден биле прегледани над 100 лица на двата пункта во населбата, од кои осуммина се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време не направиле контрола“, рече министерот Азир Алиу.
Скринингот опфати клинички преглед, мерење на пулс и сатурација, како и проценка на виталниот капацитет на пациентите.
„Овој скрининг имаше голем одѕив со над двесте прегледани пациенти во два дена и беше навистина добро прифатен од локалното население. Во следниот период продолжуваме да ја следиме состојбата во соработка со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции,“ изјави министерот.
Од тимовите на Клиниката за пулмологија информираат дека упатените пациенти имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите. Дополнително, биле детектирани и лица со висок крвен притисок, кои биле советувани да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања.
На првиот ден од скринингот, 11 лица беа упатени на Клиника.
Македонија
Пешаците и возачите на велосипеди и тротинети од денес под нови правила: нема слушалки и телефони

Од денес стапуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсети дека измените се насочени кон унапредување на безбедноста на најранливите категории учесници и намалување на бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од невнимание.
Со новите правила, пешаците ќе мора да преминуваат коловоз и велосипедска патека без користење на слушалки во двете уши, мобилни телефони, таблети, смарт часовници и други уреди кои им го одвлекуваат вниманието.
Исто ограничување важи и за возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, освен ако користат специјализирани комуникациски уреди вградени во заштитни шлемови. Новите одредби ги опфаќаат и возачите на електрични тротинети, на кои им е забрането користење електронски уреди за време на управување.
Советот истакнува дека ваквите измени поставуваат нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, со цел да се намали ризикот и да се заштитат човечките животи.
„Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите нас“, порачуваат.
Според законот, пешаците и возачите на велосипеди, мопеди и електрични тротинети кои користат слушалки на двете уши, телефони и слично при преминување на улица или велосипедска патека ќе бидат казнети со 40, односно 50 евра.