Македонија
Се снимал и сликал со бомби кашикари во раце, ОЈО бара притвор
Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против жител на Мала Речица кој неовластено држел експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети.
Две рачни бомби кашикари ги снимил и фотографирал со својот мобилен телефон, како ги држи во рака. На телефонот имал и означена локација во селото Доброште.
Потоа се упатил со автомобил кон локацијата, но на влезот од селото селаните веднаш го забележале како сомнително непознато лице. За да не биде откриен, бомбите ги извадил и ги оставил покрај патот, па продолжил да вози. Меѓутоа, локални жители му го попречиле патот, го пријавиле во полиција, по што бил лишен од слобода.
Истрагата е поведена за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик, а јавниот обвинител предложи на осомничениот да му биде определена мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: СДС и ДУИ седум години не направија ниту еден автопат
„СДС и ДУИ седум години не направија ниту еден автопат, а се што правеа беа само калкулации за криминал и профит на поединци. Автопатот од Скопје до Блаце во должина од само 10 километри е испроектиран по траса која ќе ја чини државата 300 милиони евра“, реагира Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Каде е проблемот? Избрана е траса по која одредени луѓе непосредно пред да почне проектот купувале имоти. Очигледно е дека врвот на ДУИ и СДС сакал сериозно да профитира од експропријацијата и траса со многу тунели. За ова е информирано ЈО и очекуваме постапки. Народот очекува одговори дали претходната власт сакала да инкасира милиони преку блиски лица. ЈО да покрене постапка и даде одговори.
Македонија нема 300 милиони евра за фрлање на автопат од само 10 километри. Трасата треба да се препроектира и да се добие автопат по далеку помала цена.
Загуба за државата нема да има никаква, ќе има само за луѓето блиски до поранешната власт кои сакале да инкасираат милиони. Недозволиво е да се трошат стотици милиони евра за проекти кои може да чинат многу помалку.
СДС и ДУИ не работеле за да направат автопат туку за да профитираат. Неодговорното и неспособното однесување заврши со нив“, се вели во реакцијата на Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кузеска: Измама која ги штити трговците е намалувањето на маржите
По само неколку недели од воведувањето, анализите покажуваат дека владината мерка за намалување на цените на основните производи е целосно неефективна. Голем дел од цените не се намалени, некои се намалени минимално, а за некои производи цените дури и се зголемени, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
„Оваа мерка се покажа како голема измама на Владата, која очигледно ги штити трговците, а не граѓаните. Според реалните теренски анализи, освен ПР кампањата на Владата со налепници „загарантирана цена“ во маркетите, ништо друго не се променило. Еве ги бројките. Во октомври, синдикалната кошничка е намалена за само 57 денари во споредба со претходниот месец. Тоа е заштедата за граѓаните за еден месец од мерките на Мицкоски. Денес, на едно четиричлено семејство му се потребни 61.249 денари за основните потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1.000 денари откако Мицкоски стана премиер. Овие индикатори покажуваат дека животниот стандард на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат сè помалку пари во џебовите. Економистите со право ја критикуваат Владата за неуспешната економска политика. Никој не препознава план или знаење кај оваа Влада да го подобри стандардот на граѓаните ниту да ја зајакне економијата. Додека граѓаните живеат сè полошо, Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 450 евра. Со потсмев им вели на граѓаните ‘да почекаат, ќе бидат задоволни’. Чекаат работниците за повисоки плати, а граѓаните за ефективни мерки за намалување на цените.“, вели Кузеска.
Таа додава дека сите чекаат Владата да се смилува и да преземе нешто што ќе значи директна поддршка за семејствата и родителите кои се борат да ги покријат основните потреби.
„Наместо да манипулира со лажни кампањи, Мицкоски треба да се охрабри и да ги продолжи добрите политики на СДСМ. Јасно е дека нема економски концепт и дека со неговите политики сите осиромашуваат. Време е да признае дека вака веќе не може и да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата. Ова е решение кое ќе донесе бенефит за сите работници, ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата. Секое семејство ќе има повеќе пари“, изјави Кузеска.
Македонија
Земјоделците може да аплицираат за финансиска помош за набавка на специјални комбајни за жнеење на ориз
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка за набавка на специјални комбајни за жнеење на ориз со сецкалици и/или мобилни сушари за ориз.
Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува 600.000 денари, а крајниот рок за доставување на барањата е 14 ноември.
– Право на користење на средства имаат земјоделските стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Критериуми кои треба да ги исполнуваат барателите е минимум производствен капацитет од над 1 ха површина под ориз, наведуваат од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.