Свет
Унијата за Медитеранот: Загрижени сме поради хуманитарната катастрофа во Газа и Либан
Вчера, во Барселона се одржа состанок на министрите за надворешни работи на Унијата за Медитеранот,по што организацијата со своите 43 земји членки изрази длабока загриженост поради страшната хуманитарна катастрофа во Појасот Газа и поширокиот регион.
„Во мојата четиридецениска служба, бев сведок како се одвиваат безброј кризи и конфликти, но никогаш не сум наишол на толку длабока трагедија како онаа што моментално му се заканува на медитеранскиот регион“, рече Насер Камел, генерален секретар на Унијата за Медитеранот.
Тој ги повика собраните министри на итна акција.
Унијата за Медитеранот, основана во 2008 година и со седиште во Барселона, се занимава со дијалог и соработка во Медитеранот. Нејзините проекти се насочени кон подобрување на положбата на жените и младите, создавање работни места, олеснување на трговијата и поттикнување на одржливиот урбан развој, како и заштита на животната средина и борба против климатските промени.
Но, фокусот на годишниот форум на министрите за надворешни работи беше ставен на ситуацијата на Блискиот Исток, особено на Појасот Газа и Либан, кои се на удар на израелската армија.
„Побаравме уште еднаш итен прекин на огнот во Газа, деескалација на насилството, ослободување на затворениците и непречен влез на хуманитарна помош во Појасот Газа“, изјави шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес. „Немам повеќе зборови да ја опишам ситуацијата таму“, истакна тој.
Албарес повтори дека „единственото решение за траен мир“ е она на двете меѓународно признати држави, Израел и Палестина. Во оваа насока Мадрид годинава ја призна независноста на Палестина во границите од 1967 година.
Израел втора година по ред одбива да присуствува на министерскиот состанок на Унијата за Медитеранот.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека „мора да направиме сè за да го видиме спроведувањето“ на признавањето на Палестина, а не само на декларацијата. Тој, сепак, призна дека не постои единствен став меѓу 27-те членки на Европската унија и дека некои продолжуваат да го вооружуваат Израел.
„Во Појасот Газа во моментов има два милиони гладни жители, или 90 отсто од населението, а болниците се уништени. Нема меѓународни набљудувачи“, рече Борел, мислејќи на одлуката на Израел да не дозволи персоналот на ОН и новинарите да работат во Газа.
Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади рече дека „Израел продолжува да врши воени злосторства бидејќи меѓународната заедница го дозволи тоа“.
„Неказнувањето му дозволува да изврши воени злосторства“, истакна тој и додаде дека Израел „не се придржува кон повелбите на ОН или меѓународните резолуции“.
„На север од Појасот Газа не дозволува влез на медицинска и хуманитарна помош, ја уништи болницата, ги опколи жителите, уби деца, меѓу кои и детето на шефот на болницата. Израел врши етничко чистење“, тврдеше Сафади.
На новинарско прашање дали Европската унија размислува за воведување санкции кон Израел, Борел рече дека Шпанија и Ирска го покренале ова прашање, но дека „ЕУ сè уште ништо не одговорила“.
Сафади рече дека меѓународното право и неговото спроведување го „изгубиле кредибилитетот“.
Со Унијата за Медитеранот заеднички претседаваат ЕУ како претставник на северниот Медитеран и Јордан како претставник на јужниот дел. На прес-конференцијата затоа присуствуваа Борел и Сафади и домаќините во Барселона, Албарес и Камел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.
Свет
(Видео) Евакуиран аеродромот „Гетвик“, лондонската полиција го истражува безбедносниот инцидент
Лондонскиот аеродром „Гетвик“ е евакуиран, а на патниците им било кажано да „излезат веднаш и да се држат настрана“ додека полицајците го истражуваат безбедносниот инцидент.
Голем дел од јужниот терминал на аеродромот е евакуиран, а на патниците им е забранет влезот, објави британскиот весник „Сан“.
❗️London Gatwick Airport’s South Terminal Evacuated Due To ‘Security Incident’
📹 @SportsProNick pic.twitter.com/1SD5Bi8Y7S
— RT_India (@RT_India_news) November 22, 2024
Од аеродромот соопштија дека евакуацијата била мерка на претпазливост додека полицајците истражуваат безбедносен инцидент.
И Амбасадата на САД во Лондон е затворена поради безбедносна тревога.
Регион
Падна снег, дува силен ветер: делови од Хрватска без струја, автопатот затрупан
Снег паѓа во Горски Котар и Лика и во делот на континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот урива дрвја и телефонски столбови.
Поради снегот, во Горски Котар и Лика во моментот нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила што немаат зимска опрема.
Поради ветерот, на автопатот А7 Рупа – Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп-приколки.