Македонија
ЦУК: Десет пожари на отворено – гореле гуми, стрништа, депонија

Во последното деноноќие имало регистрирано десет пожари на отворено на територија на цела држава. Тројца пожарникари од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје вчера, од 12:30 до 6:05 часот, со едно возило гаснеле пожар на отворен простор во атарот на скопското село Брест. Пријавата била од службено лице на ЕВН Македонија. За пожарот биле известени БППЗ на Град Скопје, Општина Чучер Сандево и ЈП „Национални шуми“.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), скопските пожарникари вчера, од 15:45 до 16:35 часот, гаснеле запалено ѓубре и гуми во населбата Долно Лисиче кон село Јурумлери.
Двајца пожарникари од ТППЕ Битола вчера гаснеле запалено стрниште, ниска вегетација и шталско ѓубре од добиток и во изминатото деноноќие имале уште две помали интервенции во градот и околината.
ТППЕ Струмица синоќа, од 18:30 до 20:15 часот, гаснела запалена силна маса и дрвја околу Габровски водопади (Општина Струмица), а ТППЕ Гевгелија од 18:00 до 20:00 часот гаснела запалени капини и трски во месноста „Ачикот“ кај село Николиќ, Општина Дојран.
Двајца пожарникари од ТППЕ Кочани вчера со едно противпожарно возило гаснеле запалено стрниште во атарот на селата Чешиново и Облешево (Општина Чешиново Облешево), а вчера интервенирале со возило и со механизација на затрупување на запалената депонија кај Кочани.
ТППЕ Виница во изминатото деноноќие имале две помали интервенции на запалени ниви.
– Како последица од палењето отпадоци, ѓубре, депонии во близина на населени места се загадува дополнително амбиенталниот воздух во и околу населените и урбани места. Поттикнати и од таквите палежи, граѓани од Кочани и од околни населени места, трет ден продолжуваат со блокада на патот кон Пониква, што води и кон комуналната депонија во близина на селото Бели. РЦУК Кочани информира дека со почеток од 5:30 часот на регионалниот пат Зрновци – Пониква поточно на месноста викана „Белска крстосница“, околу 50 граѓани со околу 20 патнички возила, последните три денови, одржуваат 24 часовен јавен протест и блокада на патот, што според нивните најави, ќе трае и во наредните неколку денови. Сообраќајот се одвива по една коловозна лента кон Пониква и кон село Бели – се вели во соопштението.
ЦУК информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.789 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,33 отсто, а 37,67 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 71,25 отсто, кон итната медицинска помош 21,25, а кон пожарникарите 4,06 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекршочни постапки за ТВ 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк

Врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за поведување прекршочни постапки на денешната 14 седница одлучи да поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од Локалните избори 2025.
„Спротивно на Изборниот законик, ТВ Компани 21-М на 18 октомври, првиот ден од изборниот молк, емитуваше реприза на посебната информативна програма Клик плус – Изборни дебати, премиерно емитувана на 17.10.2025, реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите.
ТВ Шутел на 18 и 19 октомври за време на двата дена од изборниот молк, емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите, односно емитуваше музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари“, соопштија од Агенцијата.
Македонија
(Видео) Уапсени две лица од Крушево за поткуп при избори и гласање

Две лица се уапсени, а пет се повикани на разговор во полиција во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање, соопшти МВР.
Во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело „поткуп при избори и гласање“, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
Генерално, од МВР велат дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава.
Од таму велат дека се преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и дека до сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.
Македонија
(Видео) До 13 часот гласале 20,12 отсто од избирачите

До 13 часот од добиени информации од 3.207 избирачки места од 1. 666. 298 запишани гласачи, гласале 335.244 или 20,12 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија.
Најголема излезеност има во Богданци, Вевчани, Градско, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Кратово, Крива Паланка, Лозово, Новаци, Ранковци и Чашка.
Најмала излезеност досега има во Босилово, Врапчиште, Гази Баба, Гостивар, Дебар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Пласница, Радовиш, Струга и Шуто Оризари.
До 13 часот во Град Скопје гласале 20,07 отсто од избирачите. За споредба, на локалните избори во 2021 до 13 часот гласале 20, 76 отсто од гласачите.
До моментот на одржување на прес- конференцијата, до ДИК нема никакви дојави за неправилности и нерегуларности.