Култура
Започна првата читачка проба на претставата „Замисли нов свет“
Започна првата читачка проба на претставата „Замисли нов свет“ – колаж од делата на Горан Стефановски, во режија на Нела Витошевиќ, а по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во претставата играат: Игор Ангелов, Верица Недевска, Дамјан Цветановски, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски.
Во креативниот дел се потпишуваат: композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски, костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона, овојпат со продукција „Сектор филм“ во копродукција со Македонскиот народен театар, а продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Koнцерт – Пијано дуо Мимоза Ќека и Јована Трајчева
Во сабота во Салон 19:19, во 19:19часот ќе се одржи Koнцерт – Пијано дуо на Мимоза Ќека и Јована Трајчева.
Мимоза Ќека и Јована Трајчева заедно настапуваат од 2018 година. Тие остваруваат успешни проекти како хуманитарниот концерт „Есенска бајка“ за СОС Детско Село, концертните турнеи „Пијанистички звуци“ и серијалот „Празнична рапсодија“ во Филхармонија. Во 2023 година настапија со концерт за две пијана „ФИДАН“ како дел од сезоната на Македонската филхармонија.
Мимоза Ќека е македонска пијанистка со меѓународна кариера, посветена на класичната музика, предавањето и музичкото истражување. Нејзиниот репертоар вклучува дела од барок до современа музика, а во 2022 година го издала својот соло албум „Non-Fungible“ со дела од Бах, Скрјабин и Барбер. Во 2021 година Мимоза ја одбранила својата докторска дисертација на тема „Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката изведба“, истражувајќи нови методи за анализа на музичките изведби што претставува значаен придонес во музичката наука. Студирала под водство на маестра Лилја Зилберштајн, со која го стекнала магистерскиот степен. Низ годините, таа настапувала на престижни фестивали како Охридско лето, Siena Summer Festival, Франкофонски Фестивал Солеј, Златна Лира, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености, а под диригентската палка на Саша Николовски Ѓумар го има изведено Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од К. Сен Санс. Концертирала и во градови ширум светот, меѓу кои Париз, Рим, Бристол, Милано, Прага, Трст, Сиена, Скопје, Њујорк и Истанбул. Нејзиното учество во проектот TEME и усовршувањето на Академијата „Киџана“ во Сиена, Италија, дополнително ја збогатиле нејзината кариера.
Јована Трајчева започнала со музичко образование на седумгодишна возраст во класата на проф. Кармен Костова, а го завршила во класата на реномираниот руски педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Во 2015 година дипломирала на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова, а во 2017 година го стекнала магистерскиот степен по музичка интерпретација со истата професорка. Јована успешно настапува на фестивали како Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva и Есенски Музички Свечености, а остварува и солистички концерти во македонските градови Скопје, Охрид и Тетово. Особено значаен е нејзиниот рецитал во црквата „Св. Софија“ во Охрид во 2017 година. Надвор од Македонија, Јована настапува во Рим, Ибица, Милано и во Cite des Arts во Париз, а има соработувано и со Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Од 2015 година, Јована е активно вклучена во педагогијата, работејќи како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“
Култура
Kонцерт на џез триото АУМ
Во петок, во 20 часот во Салон 19:19 ќе се одржи концерт на Џез триото АУМ.
Џез триото АУМ (AUM) е формирано во 2024 година. Со својата авторска музика ги исполнува и преминува стандардните рамки на фри џез, дум џез и современа класична музика. Како звук, зборот „АУМ“ е синоним за почетокот на Универзумот, за првиот космички звук од кој потекнува креацијата на нашата реалност. Триото АУМ со своите оригинални теми и слободни импровизации, создава уметничко искуство што ги спојува редот и хаосот, претставувајќи израз на неограничената креативност во музиката. Овој настап е планиран да биде снимен со аудио и видео, како би се продуцирал и издал и првиот албум на АУМ со име „АУМ – во живо, КИЦ 2024“ („AUM – live in KIC 2024”).
Триото е составено од Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Драган Теодосиев (тапани). Членовите на триото се дел од повеќе состави кои редовно настапуваат на концерти и фестивали, а зад себе имаат оставено многубројни ЦД изданија кои се високо рангирани на светски ранг листи. Некои од другите состави во кои тие учествуваат се: Taxi Consilium, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Зарина Првасевда, Cobalt Code Unit, Shock Troopers, како и многу различни формации како дел од проектите „Impromptu Meetings“ и „Џез за чудаци“.
Благојче, Драган и Константин се активни џез музичари на македонската и на европската сцена и често настапуваат на домашни и странски фестивали и концерти. Меѓу највлијателните се издвојуваат „Скопје Џез Фестивал“, „Пин Конференција“ и „MENT Ljubljana“ на кои настапуваат веќе неколку пати во различни состави. Драган Теодосиев ја добива наградата „Златен Орикс“ за најдобар џез музичар во 2023та година, доделена од Скопскиот Џез Фестивал.
Култура
Ново издание на „Скомрахи“ од 1 до 5 ноeмври
Студентските средби Скомрахи на Факултетот за драмски ументости (ФДУ) и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја престават од 1-ви до 5-ти ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка, заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ. Прграмата на 32 издание на Скомрахи 2024 вклучува и изложба за ре-употреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.
Парлалено на програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите, а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ ќе учествуваат сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инжинеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ- Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театрска педагогија на Академијата за уметност Фонтис од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег сцена.
Годинешните Скомрахи, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако припаѓаат на далечната историја Дионизиите се повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и насилството на денешниот свет. Наспроти нив студентите на Скомрахи повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување преку свечено заедништво.
Скомрасите ги повикуваат сите да се вклучат во „Дионизија сега“, започнувајќи од 1 ноември во Драмскиот театар – Скопје, со изведба на „Кралот Иби“ на Алфред Жари од студентите на ФДУ. Настаните на Скомрахи се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на www.instagram.com/skomrahi и www.facebook.com/skomrahi. Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура на РСМ и Europe House.