Македонија
Лимани: Новата детска градинка во Ѓорче Петров ќе обезбеди влез на нови 100 деца во предучилишното воспитание и образование
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицковски, градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, министерот Мисајловски, заменик-министерот Велковски, и други присутни пратеници, советници и граѓани, симболично го означи почетокот на изградба на новата детска градинка во населеното место Стопански Двор, Ѓорче Петров.
„Оваа детска градинка претставува значајна инвестиција во иднината на нашите деца. Нови 100 деца добиваат можност да посетуваат градинка во своето место на живеење. Истовремено, ова претставува двојна придобивка, и за родителите, кои може да се вклучат на пазарот на труд со згрижувањето на своите деца, подобрување на економската состојба на семејството, а и за нас како држава со зголемување на бројката на вработени граѓани“, посочи Лимани.
Новата детска градинка, која е дел од ЈОУДГГ „Росица“, се гради со одлука на Владата за распределба на средства обезбедени со потпрограма „ЗА – изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита“ во вредност од 60 милиони денари.
„Ова е само почетокот на нашите заложби за подобрување на животните услови на најмладите. Веруваме дека со заеднички напори ќе создадеме подобра и посветла иднина за нашите деца. Во периодот кој следува засилено ќе инвестираме во изградба на нови градинки, со цел намалување на листите на чекање за влез во предучилишните установи. Затоа што секое дете треба да има можност да биде дел од предучилишното воспитание и образование,“ истакна Лимани.
На крајот, порача дека Владата и Министерството остануваат отворени за сите предлог-решенија што ќе бидат за подобрување на нивната благосостојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ГРОМ: Најостро го осудуваме хулиганското упаѓање во редакцијата на „Инфомакс“
Граѓанската Опција за Македонија-ГРОМ најостро го осудува вчерашното хулиганско упаѓање во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емисија во живо од страна на, како што велат, хулиган-симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со овој флагрантен чин, практично се поместува границата на кршење на демократските права на граѓаните, а тоа е да слушнат поинакво мислење од секојденвните самофалечки вести на власта преку дузината свои медиумски мегафони. На ваков начин, Христијан Мицкоски се обидува неговата пропаганда преку своите апологети да ја претстави Македонија како рај на земјината кугла. За жал, премиерот Мицкоски секојдневно упатува кон некого закани: уметници, институции, медиуми, неистомисленици и со ова јасно ставајќи им до знаење на неговиоте слепи послушници дека тие треба да го следат во заканите и дека токму тие ќе бидат наградени за притисокот врз неистомислениците. Ако овој хулиган се дрзна насилно да влезе во медиум и тоа опозиционен, а за волја на вистината еден од водечките, да се обидува физички да се пресмета со сопственикот на медиумот, да ја прекине емисијата која оди во живо, истото тоа да го прави кон гостинот во емисијата, покажува како власта и неговите симпатизери се однесуваат кон неистомислениците на своето работно место, во комшилукот, во кафеана или било каде. Овој чин без преседан беше крајно непријатен, а пораката е јасна, да се заплаши сопственикот на медиумот, а исто така и гостинот, нашиот лидер Стевче Јакимовски“, велат од ГРОМ.
Ако физички е нападнат претседателот на ГРОМ и поранешен градоначалник, велат од таму, јасно е дека ова не е упатено само кон него, туку кон сите потенцијални гости на Инфомакс да го избегнуваат учеството во емисии, а уште повеќе да внимаат што зборуваат.
„Владеачката партија и Христијан Мицкоски, полека но сигурно се движат кон демократското дно. Ни ги украдоа изборите, купуваа гласачи, правеа бугарски возови, користеа нарко дилери и ракетари во нивната нечесна битка, како и уцени и закани и конечно се докопаа до власта во Карпош. Но очигледно тоа не им било доволно, сега влегуваат во нова фаза, а тоа е да не замолчат, да немаме критички однос кон нивните политики и да ни остават две опции на располагање, или да замолчиме или да се приклучиме кон пофалбите на „успешните “ политики на владетелот. Овој филм, Христијан Мицкоски заедно со неговата партија може да го гледа од секого но не и од ГРОМ“, се наведува во соопштението.
На крајот, велат од ГРОМ, пофалби до полицијата за навремената реакција.
„Но имаме сериозна забелешка на официјалното соопштение на МВР кое целиот настан го претставува како оштетување на две врати, прекин на емисија со обид за релативизирање на овој гнасен чин за наводно непресметливост и поранашни психијатрески лечења на сторителот. Вчера во Инфомакс имаше упатување на удари кон сопственикот и гостинот, обид да бидат погодени со тврди предмети, закани по живот на присутните и семејствата, вулгарни навреди, пцовки, плуканици и што уште не. Затоа ГРОМ смета дека ова е настан без преседан, лицето мора да заврши зад решетки, а во исто време бараме да уследи промена на кривичниот закон со кој секој насилник кој спречува медиум, политичар или партија кој ја вирши својата фунција за која е основан мора драстично да биде санкциониран“, велат од ГРОМ.
Македонија
Утврдени неправилности на Зимзоленд: Град Скопје нема дадено дозвола
Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Како што соопшти градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.

