Македонија
Меџити се сретна со шпанскиот амбасадор Соријано Ортиз: позитивно оценети реформите што нашата земја ги прави за приближување кон ЕУ

Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Рафаел Соријано Ортиз.
Меџити и Ортиз ги оценија односите меѓу двете земји како одлични и со голем капацитет за проширување на соработката во многу области од заеднички интерес.
Меџити изрази благодарност за поддршката што Шпанија постојано и ја дава на Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во Европската Унија, притоа ценејќи ја многу интензивната соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, на билатерален план.
Амбасадорот Ортиз позитивно ги оцени реформите што ги прави нашата земја за приближување кон Европската Унија, додека средствата што Европската комисија ги издвојува за нашата земја како доказ дека земјата напредува. Исто така, тој додаде дека билатералната соработка, со 30-годишна историја, е одлична.
„Директното воздушно поврзување со Шпанија влијае на зголемениот број на посетители во двете земји“, изјави амбасадорот на Шпанија.
Првиот вицепремиер Меџити заблагодарувајќи му се на шпанскиот амбасадор за соработката, нагласи дека новата влада е про-бизнис ориентирана и ги покани шпанските компании да инвестираат во нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити: 65 милиони евра за Универзитетскиот кампус и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег во Скопје

Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти. Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!“, напиша Меџити.
Македонија
Фетаи: Ја зајакнуваме транспарентноста на институциите

На денешната седница на Владата, по предлог на заменик-претседателот на Владата Арбен Фетаи, беа усвоени одлуки за зајакнување на транспарентноста и отчетноста на државните институции.
„Според анализата на спроведувањето на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, координирана од кабинетот на вицепремиерот Фетаи, произлегува дека претходната влада СДСМ-ДУИ реализирала само една активност од 24 мерки и 56 активности предвидени во акцискиот план на стратегијата“, соопштија од Кабинетот на Фетаи.
Од таму велат дека со денешните одлуки, Владата го задолжи работното тело за спроведување на Стратегијата за транспарентност 2023–2026 во рок од 7 дена да подготви измени на акцискиот план, со утврдување нови рокови и надлежни институции за реализација на активностите.
„Меѓу преземените мерки, се издвојуваат три Министерствата и органите на државната управа во рок од 45 дена ќе ги објават сите информации од одговорените барања за пристап до информации од јавен карактер, анонимизирани, почнувајќи од 24 јуни 2024 година, органите на државната управа кои немаат веб-страници, ќе ги креираат во рок од 90 дена и министерствата и другите државни органи ќе ги објават на своите веб-страници внатрешните постапки за јавни набавки“, се наведува во соопштението.