Македонија
„Изјавувам дека имам бугарскa самосвест и бугарско потекло“: министерката Божиновска пред 20 години ја потпишала изјавата, објавија бугарските медиуми

Пред две децении, еден од најблиските министри до премиерот, Христијан Мицкоски, го покажа своето убедување дека има бугарски идентитет и корени, пишуваат бугарските медиуми.
„Изјавувам дека имам бугарска самосвест и бугарско потекло. Ова во 2004 година го напишала актуелната македонска министерка за енергетика и бугарска државјанка Сања Божиновска“, пренесе Бгнес.
На 18 октомври годинава, како што анализира медиумот, Божиновска свечено соопштила дека „ниту еден граѓанин на Северна Македонија кој се стекнал со бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин“. Таа, потсетува Бгнес тврди дека поднела барање за бугарско државјанство, како и десетици илјади други Македонци, исклучиво од „економски причини“. Божиновска ја нарече постапката „измама со документи воведена од бугарската држава“, потсетува медиумот.
Во октомври 2004 година, пак, во изјавата кога аплицираше за бугарско државјанство, Божиновска изјави дека нејзината мајка и татко – Перо и Виолета – биле Бугари, се додава во написот на Бгнес.
„Така, пред две децении, еден од најблиските министри до премиерот Христијан Мицкоски го покажа своето убедување дека има бугарски идентитет и корени. Во декларацијата на Божиновска не се наведени „економски причини“ или „работа во странство“ како причина што таа ја тврди. Вакви основи за државјанство не постојат според бугарското законодавство. Згора на тоа, во 2004 година, Бугарија сè уште не беше членка на Европската унија. Сања Божиновска добро знаела за постапката, бидејќи покрај мајка и и татко и, нејзиниот брат Даниел е бугарски државјанин.
Како и премиерот Мицковски и вицепремиерот Александар Николовски, Божиновска е една од личностите кои тврдат дека во Северна Македонија има „неколку стотици Бугари“. Таа во својата објава вели: „Всушност, ова го видовме на македонскиот попис (2021) со изброен исклучително симболичен број Бугари (3.504)“. Во исто време, податоците во Бугарија покажуваат дека околу 200 илјади граѓани на Северна Македонија имаат бугарско државјанство, стекнато врз основа на нивното бугарско потекло. Тоа значи дека денес секој петти етнички Македонец има бугарско државјанство и има право на бугарски пасош.
Божиновска е кривично одговорна според бугарското законодавство доколку приложила лажни податоци во декларацијата што ја потпишала“, се нагласува во напишаното од страна на бугарскиот медиум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица

Не, ние немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица. Но, се согласувам со премиерот кога вели дека граѓаните имаат две опции,“ истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање.
„Едната е напредна, проевропска опција, која нуди чесни и добри кадри, луѓе кои покажаа како се работи за доброто на граѓаните, а тоа е СДСМ. Другата е ВМРО-ДПМНЕ, кои се служат со лажни кампањи, со лаги и клетви, и кои докажаа дека се неработници. Тие го блокираа и го запустија Скопје,“ нагласи Филипче.
Претседателот на СДСМ, Филипче, порача дека на следните избори граѓаните ќе одлучуваат помеѓу чесно и одговорно водење или враќање во времето на лаги, блокади и застој под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Филипче: Правда за Кочани нема да има, власта ги штити своите функционери

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во одоговор на новинарско прашање поврзано со новите откритија на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), за трагедијата во Кочани, изјави дека се потврди она што и СДСМ го зборувало во јавноста дека власта направила сѐ за да си ги заштити своите функционери.
„Ние изминатиот период видовме дека оваа власт направи сѐ да заштити свои функционери во истрагата за Кочани и еве сега гледаме дека практично тие биле многу чести гости и привилегирани гости на таа дискотека“, изјави Филипче.
Тој потенцираше дека токму поради јавните настапи и прес-конференции на СДСМ биле обелоденети значајни информации и факти, кои инаку не би биле дел од официјалната истрага.
„Да не беа нашите прес-конференции во коишто обелоденувавме многу работи и факти огромен дел и од тие што беа опфатени немаше да бидат опфатени со истрагата. Жалам што морам да констатирам дека вчера мислам дека го видовме најгрдото лице на оваа власт“, истакна Филипче.
Тој додаде дека СДСМ останува посветен на барањето за целосна, независна и неселективна истрага, со цел да се утврди вистинската одговорност и да се обезбеди правда за жртвите и граѓаните.
Македонија
Гаши на средба со в.д. амбасадорот на Катар

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Рашид Бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност амбасадор на Државата Катар.
Претседателот Гаши потенцираше дека особено ја цени улогата на парламентарната дипломатија, клучен механизам за продлабочување на билатералните односи, и затоа ја реафирмираше потребата од поблиска соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Советот на Шурата на Државата Катар.
Во текот на разговорот, Гаши го осудил неодамнешниот напад на Доха и истакнал дека оваа недозволива акција е кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Катар.
„Ваквите милитантни дејствија треба да бидат осудени од целиот демократски свет затоа што ризикуваат да ја ескалираат ситуацијата во регионот и да ги поткопаат напорите за постигнување на прекин на огнот во Газа“, рече Гаши.
Рашид Бин Саид Ал-Хајарин истакна дека во иднина очекува акцентот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар да биде ставен на унапредување на економската соработка, како и зајакнување на парламентарната допломатија.
Двајцата соговорници искажаа големо задоволство од средбата и истакнаа дека очекуваат пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат и унапредуваат.