Македонија
Потврден нов случај на птичји грип во скопско Злокуќани, во сила и решение за заштитни мерки за болеста син јазик, објави АХВ
Со лабораториски наод од Националниот институт за храна и ветеринарство при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМ) од 28.10.2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди нов случај на болеста високопатогена авијарна инфлуенца H5N1 (птичји грип) кај една пцовисана дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс „Свети Јован“ во скопско Злокуќани. Направено е лабораториско тестирање на две живи птици (лебеди) кај кои не е утврдено присуство на вирусот. Денес се преземаат мерки за заловување на другите птици во комплексот кај кои ќе се врши лабораториско тестирање за утврдување на присуство на болеста, информираат од АХВ.
АХВ, како што појаснуваат, донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување заштитни и контролни мерки со цел спречување ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување затекнати диви птици на локацијата, освен птиците што се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување присуство на птичји грип, и наредено е спроведување дезинфекција на одгледувачницата, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувачницата, без одобрение на официјален ветеринар.
Покрај овие мерки, наредено е и затворање на живината/птиците во нивните одгледувачници, земање мостри од пцовисани птици за утврдување присуство на вирусот, забрана за одржување саеми, изложби, пазари и други собири на живина или птици од наведеното епизотиолошко подрачје.
„Задолжително е пријавувањето промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината и дивите птици до надлежен официјален ветеринар, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности во одгледувачницата.
Болеста најчесто се шири преку птиците преселници, кои се сметаат за нејзин резервоар. Се работи за зооноза, од која првенствено заболуваат птиците, но и луѓето, и затоа АХВ апелира на внимателност и преземање заштитни мерки за категориите лица што се изложени на ризик (близок контакт со заразени птици или во висококонтаминирана средина).
АХВ донесе решение и за воведување заштитни мерки во однос на болеста син јазик кај говеда, овци и кози на целата територија на земјав, по лабораториска потврда на присуство на болеста во две одгледувачници во Демир Капија. Таму од 190 животни, пцовисанисе 7, а десеттина се со клиничка слика карактеристична за оваа болест и со зголемена телесна температура.
Станува збор за болеста која задолжително се пријавува. Луѓето не заболуваат. Болеста син јазик е неконтагиозно вирусно заболување кај домашните и дивите преживари. Претежно се јавува кај овците, но заболуваат и говедата, козите, биволите, кај антилопите, елените, срните и камилите. Се пренесува преку инсекти (комарци) од видот Culicoides. Болеста не се пренесува од животно на животно. Векторите се заразуваат со вирусот по цицање крв од инфицирано животно.
До донесеното решение забрането е движење на сите преживни животи во и од одгледувачницата најмалку 30 дена по последниот случај на болеста, спроведување епидемиолошко испитување во заразената одгледувачница за утврдување на можниот извор на инфекцијата, местата на присутност и распространетост на векторот (преносителот), преземање мерки за спроведување редовна дезинсекција на заразените одгледувачници најмалку еднаш неделно, како и третман на животните со репеленти. Хумано убивање на заболените животни со тешка клиничка слика ќе се врши по налог на официјален ветеринар по претходно мислење од доктор по ветеринарна медицина од надлежното ветеринарно друштво.
Задолжително е пријавување на секој сомнеж на болеста и пцовисување на животните до овластените ветеринарни друштва, односно до официјалниот ветеринар. Сточарите имаат обврска за поставување мрежи за заштита од инсекти на прозорците на фармите, секојдневно чистење на одгледувачниците и заштита со најлонска фолија на исчистеното ѓубре и простирката, отстранување на местата на кои има заостаната вода, а кои се подобни за размножување на векторите, како и забрана за напасување на добитокот во временски период од 17 до 9 часот наутро кога нивната активност е најголема“, се потенцира во информацијата од Агенцијата.
Во информацијата се дополнува дека на целата територија на земјава се забранува движење на сите преживари – говеда, овци и кози во и од одгледувалиште, освен ако животните се упатуваат во кланица, а се забранува и работа на добиточните пазари, изложби или друг вид настани за сите видови преживари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.
Македонија
(Видео) Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
„Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна“.
Како што рече, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот.
„Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата.
Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот“.

