Свет
Уапсен маж поради кражба на сирење од 360.000 евра, лажно се претставувал како дистрибутер и барал 22 тони

Маж (63) е уапсен под сомнение дека е вмешан во кражба на чедар (вид тврдо сирење), вредно 360.000 евра во областа Саутварк во Лондон и е обвинет за лажно претставување и ракување со украдена стока, соопшти денеска полицијата.
Полицијата ја истражува кражбата на сирење од млекарницата Нилс Јард, од која минатата недела измамник побарал да испорача 22 тони сирење, претставувајќи се како легитимен дистрибутер на големо на голем француски малопродажен синџир.
Во соопштението на полицијата се наведува дека осомничениот маж бил одведен во полициска станица во јужен Лондон каде бил сослушан, објави Скај њуз.
Полицијата, исто така, соопшти дека мажот бил ослободен по сослушувањето во очекување на дополнителна истрага.
Млекарницата „Нилс Јард“ објави дека открила дека идентитетот на лицето бил лажен дури откако биле испорачани вкупно 950 сирења, вклучително и три вида занаетчиски сирења: Хафод Велш, Весткомб Чедар и Чедар Пичфорк.
Тие сирења се продаваат по цена од 8,5 до 15,5 евра за мало парче.
Млекарницата Нилс Јард, со седиште во Лондон, продава британски и ирски сирења од 1980-тите и има четири продавници во градот, како и онлајн.
Компанијата додаде дека нивните сирења имаат освоено бројни награди и се меѓу најбараните занаетчиски сирења во ОК, и дека нивната висока парична вредност ги направила „посебна цел на крадците“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Само што ми се јави Вучиќ, Интерпол одби да издаде налог за апсење против мене

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, објави дека Интерпол одбил да издаде налог за негово апсење и на претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ.
„Претседателот Александар Вучиќ штотуку ми се јави да ми каже дека добил известување од Дирекцијата на Интерпол дека жалбата на Србија е прифатена и дека Интерпол го отфрлил барањето на Судот на БиХ да издаде потерница за мене и Стевандиќ. Благодарност до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за неговата поддршка и јасната и принципиелна жалба до претседателот на Интерпол, разбирајќи ја политичката позадина на судскиот прогон на кој сум изложен“, напиша Додик на мрежата X.
Судот на БиХ побара распишување меѓународна потерница за Додик и Стевандиќ, откако тие ја преминаа државната граница додека по нив беше распишана внатрешна потерница. Судот на БиХ го поднесе барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево.
Граничната полиција на БиХ истражува како Додик ја поминал границата, со оглед на тоа што има информации дека делегацијата со ротација, без задолжително застанување, го поминала граничниот премин Рача.
Претходно, Стевандиќ ја мина и државната граница, кој замина во Србија на денот на големите студентски блокади на 15 март. Тој по неколку дена се врати во БиХ, а на јавноста и е непознато како се вратил во земјава.
Свет
Нов земјотрес го погоди Мјанмар со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала

Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди јужниот брег на Мјанмар, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки институт.
Земјотресот се случил на оддалеченост од околу 142 километри од градот Јангон, а епицентарот на земјотресот бил на длабочина од десет километри.
Минатиот петок, земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Мјанмар.
Загинаа повеќе од 3000 луѓе, повеќе од 4.520 беа повредени, а повеќе од 400 се водат како исчезнати, според владејачката воена хунта во земјата.
Свет
Русите го ракетираат родниот град на Зеленски: Украинците објавија вознемирувачки фотографии

Најмалку четири лица загинаа, а уште тројца тешко се повредени во руски ракетен напад денеска врз Криви Рих, град во јужна Украина, кој е и роден град на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинската служба за итна помош соопшти дека лекарите се борат за животите на ранетите, кои по нападот се пренесени во болница. Според локалните власти, една од жртвите загинала во сопствениот автомобил, кој бил погоден со проектил додека бил на пат.
Службите за итни случаи објавија фотографии од местото на нападот на кои се гледаат разурнувања и жртви. Фотографиите се вознемирувачки, на нив се гледаат мртви тела и тешко ранети цивили.
Нападот дојде додека во регионот продолжуваат секојдневните руски ракетни и беспилотни напади врз цивилни цели, инфраструктура и станбени области низ Украина. Самиот град Кривиј Рих веќе неколку пати беше цел на напади – последниот голем напад се случи во декември, кога беше погодена станбена зграда, а неколку цивили беа повредени.