Македонија
Халкидики патриот, татино синче и асистентче – Мицкоски и Апасиев со меѓусебни навреди во Собранието
Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Левица, Димитар Апасиев влегоа во вербален судир во Собранието, за време на пратеничките прашања.
Мицкоски му се обрати на првиот човек на Левица со зборовите: Потпишуваш амандмани со Северна Македонија од истата земаш плата и ја финансираш партијата, додека уживаш на егејските плажи и купуваш деловен простор во главниот град.
„Сериозно е дека фактот дека водиме држава, од истата таа држава од која ти земаш плата и добиваш финансирање на твојата партија и од која бараш документи за да ја интабулираш за да земеш кредит и да купиш нов деловен простор во центарот на главниот град за партијата Левица. Во меѓувреме ќе се подновиш со ново возило, ќе уживаш во комфорот“, изјави Мицкоски и додаде: Халкидики патриоти знам многу, но тука има луѓе кои се борат и ќе се борат за еден заеднички интерес тоа е интересот нас нашата заедничка татковина и сите граѓани од различни етнички припадности кои си ја сакаат својата татковина Македонија.
Апасиев пак, му рече дека е фрустрирано татино синче и асистентче.
„Кога веќе сакавте кукавички да си ја извадите вашата фрустрација, се надевам не сте поднапиен во овој момент, сакам дополнително да ве прашам: Како со обична професорска плата стигнавте до саат од 60 илјади евра, којшто кошта колку станот во којшто јас живеам? И дали е вистина дека планирате вашата сестра да ја вработите како доцентка на УГД, на Фармацевскиот факултет? Како успеавте со ваков вичен и правичен адвокат до Вас да го изгубите спорот со Левица? Јас ја разбирам Вашата фрустрација од тоа што не можете како за СДС, да извадите и за нас дека сме имале фирми во Сингапур, ваму, таму и сега ќе ни кажувате, одел Апасиев на одмор во Халкидики. Да! Оди. Оти е средна класа Апасиев не живее од хидроцентрали како тебе. Апасиев живее од професорска плата“, изјави Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: После повеќе од 60 години Охридскиот аеродром е легализиран
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран.
„На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран!
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работеше конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист.
Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста.
Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Зајкова: Во новата година посакувам храброст, достоинство и правда за држава со вредности, а не само со процедури
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи на македонските граѓани во новата година им посака храброст, достоинство и правда, за да имаме држава со вредности, а не само со процедури.
„Драги пријатели, сограѓани, зад нас оставаме година во која корупцијата не беше само вест, туку сурова реалност која во Кочани чинеше животи. Гледавме како реформите стануваат козметика, а законите се менуваат побрзо од календарот. Додека институциите брзаа со ‘итни’ и ‘скратени’ постапки, вистинското подобрување на животот на граѓаните остана во чекалната. Администрацијата е изгубена во хаос поради брзи неусогласени закони, судството во лажни ветувања, а довербата – е во колективна амнезија“, пишува Зајкова во својата објава.
„Во 2026 година, посакувам: храброст – да не се навикнуваме на ненормалното; достоинство – да не бидеме само бројка во нечиј експеримент и правда – која не се купува и не се договара во 5 до 12. Нека новата година не биде уште една ‘скратена постапка’. Заслужуваме држава со вредности, а не само со процедури“, додава Зајкова.
„Среќна и борбена Нова 2026 година! Да ве служи сите добро здравје, среќа и да… со Македонија да се гордееме на Светското првенство во фудбал“, завршува Зајкова во својата честитка до граѓаните.
Македонија
Коњановски: Заеднички да ја дочекаме Новата година кај Офицерскиот дом
На неколку часа сме пред Новата година, a старата за момент ни донесе ново новогодишно зимко руво. Снегот кој го имавме во текот на ноќта беше вистински украс на преубавата предновогодишна Битола. Ќе биде ладно, но топло во нашите срца, порача битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
„Време е заедно да одбројуваме и да ја дочекаме новата година. А има ли поубаво место од епицентарот на забавата-платото пред величествениот Офицерски дом. Денов изминува со детска програма за нашите најмлади и убава дружба со музичката програма во Старата чаршија.
Ве поканувам вечерва заедно да празнуваме, да се веселиме, да се дружиме
на главната сцена.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом започнува во 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“. Оттаму ќе ги испратиме планинарите и љубителите на планината кои
традиционално и годинава ќе бидат први на први на врвот „Пелистер“. Да бидеме заедно, обединети, во новогодишно заедништво“.

