Македонија
Платформата за родова еднаквост регира: Сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се вметнати ниту во предлог-законот за средното образование
МОН постапува спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој ги содржи дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет и кој налага законодавството да се усогласува со овие одредби, реагира Платформата за родова еднаквост на предлогот на Министерството за образование и наука за закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование.
Нивната реакција ја пренесуваме во целост:
Платформата за родова еднаквост најостро реагира на предлогот на Министерството за образование и наука за закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, во кој го промени членот за заштита од дискриминација на начин што ги отстранува дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет. Дополнително, со загриженост реагираме и на постапката на Министерството, со која во предлогот ја отстранило родовата еднаквост заменувајќи ја со зборовите „еднакви можности“.
Овој чекор претставува преседан. За жал, сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се вметнати како дискриминаторски основи ниту во предлог-законот за средно образование.
Со овие одлуки МОН постапува спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој ги содржи дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет и кој налага законодавството да се усогласува со овие одредби.
Платформата за родова еднаквост смета дека оваа постапката на Министерството праќа јасна порака дека одредени групи не се заштитени од дискриминација, дури ни во најсензитивните области, како што е образованието. Законот за основното образование се менува со цел да спроведе пресудата на ЕСЧП – Елмазова и други против Северна Македонија, со која требаше да се донесат законски измени за да се спречи сегрегацијата на Ромите во основното образование. Платформата за родова еднаквост ја поздравува и поддржува првичната намера за измена на законот, но реагира на искористувањето една доблесна иницијатива за озаконување на дискриминацијата и нејзино користење како параван за охрабрување на дискриминацијата врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација, како и за одржување на родовите стереотипи, насилство и нееднаквост. За жал, констатираме дека ваквата постапка нè враќа пред 1946 година и води единствено кон зацврстување на патријархалното насилство и континуираното исклучување на најранливите деца.
Оваа постапка претставува најгрубо кршење на правата на децата, како и директно загрозување на нивниот ментален и физички интегритет. Кога институциите системски ќе исклучат и избришат одредени групи ученици, тогаш тие директно даваат сигнал дека се охрабруваат понатомошното исклучување и опресијата во општеството на овие групи. Дополнително, ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од кои жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжение на тоа како институциите ги третираат овие групи нормализирајќи го нивното насилство.
Преку овој чин Министерството за образование и наука се обидува да замижи и избрише кои се најчестите жртви на насилство и додека се спроведуваат кампањи за спречување на врсничко насилство во образовниот систем, може да заклучиме дека ова се залудно потрошени пари, вложени ресурси и залажување на јавноста за наводната безбедност на децата. Во суштина, со сегашниот предлог-закон проблемите не може нити да бидат именувани со вистинското име, а најмалку да бидат адресирани корените и да бидат решени предизвиците со ученичкото меѓуврсничко насилство.
Наспроти дискриминаторските политики на МОН, реалноста на терен потврдена и алармирана во повеќе релевантни истражувања во земјата, која ги отсликува искуствата на младите ЛГБТИ-деца и девојчињата, и која зборува за потребата од преземање итни мерки за превенција и заштита од насилство и врсничко силеџиство токму врз основа на сексуална ориентација, род и родов идентитет.
Потсетуваме дека МОН има обврска да го усогласува законодавството со Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, што подразбира дека сите дискриминаторски основи помеѓу кои родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет треба доследно да бидат вметнати“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.
Македонија
Гужви на границите, Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез
Од 11:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез. На ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања за влез во државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.
Македонија
Наместо текстовите на СДС да им ги пишува Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите, вели Манасиевски
Наместо текстовите на СДС да им ги пишува Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица, вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање дали се точни обвинувањата на СДСМ за злоупотребите на директорот на СОЗР Томовски и каков е ставот на ВМРО-ДПМНЕ на тврдењата дека семејната фирма на Томовски добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра?
„Тимот за одбрана на криминалот на Заев и Филипче кои го претставуваат за антикорупциски тим мислат дека сега ја открија Америка. Големото откритие е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, како и илјадници други, а податоците се и јавно достапни. Прашањето е каде е тука криминалот? Јасно е дека нема. Наместо текстовите да им ги пишува Зоран Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица. Тие ќе им кажат дека ваквата реторика освен правење на димна завеса за прикривање на криминалот на Зоран Заев, нема никаква друга релевантност“, рече Манасиевски.
Кажа дека е лага дека фирма на Томовски добила милионски тендери.
„Вистината е дека Томовски нема фирма и нема никакви приходи од споменатата компанија која и таа самата тоа го потврди. Втора лага: СДС велеа дека главниот број на фирмата е бројот на Томовски. Вистината е следна: службените броеви на компанијата се други, а личниот број на Томовски е негов со години. Трета лага: СДС тврди дека Томовски бил донатор на ВМРО ДПМНЕ и тоа било потврда дека тој имал бизниси. Вистината е следна: јавен и никогаш скриен податок е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, и тоа не значи кршење на било каков закон“, рече тој.
Манасиевски упати прашање до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дали не е криминал тоа што додека тој бил министер, негов министер и колега вицепремиерот Кочо Анѓушев му ги градел модуларните болници од кои една се запали и загинаа 14 луѓе.
„Кога тимот за одбрана на криминалот на Венко и Заев ќе го испита овој случај? Тоа треба да одговорат“, рече Манасиевски.

