Македонија
Амбасадорот Рокас на претседателката Адеми ѝ го предаде извештајот на ЕУ: Активностите на Врховниот суд се позитивно оценети
Амбасадорот на Европската Унија, Микалис Рокас, во Врховниот суд на Република Северна Македонија на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, ѝ го предаде новиот извештај на Европската комисија.
Во извештајот се нотираат активностите на Врховниот суд за унапредувањето на судската практика и конзистентноста на судските одлуки, објавувањето на новата Збирка на судски одлуки, утврдувањето на начелните ставови и за одлуките на судот во однос на прашања од висок јавен интерес и заштитата на законитоста.
Во делот за независноста на судството извештајот се осврнува и на постапката за разрешување на претседателката на Врховниот суд поведена поради јавните изјави за надворешните политички влијанија во работата на судот, која беше запрена.
Исто така, во извештајот се нотираат деловничките измени за јавност на општата седница и унапредувањето на транспарентноста и заложбите и активностите на Врховниот суд за заштитата на животната средина преку расправата за начелниот став како конкретен придонес во заштита на здравјето и спречувањето на загадувањето на воздухот.
Амбасадорот Рокас во своето обраќање пред судиите на Врховниот суд на Република Северна Македонија ги образложи клучните констатации и препораки во извештајот на Европската комисија, кои се однесуваат на владеењето на правото, осврнувајќи се при тоа на активностите на Врховниот суд.
Амбасадорот во таа насока ја истакна важноста на владеењето на правото и спроведувањето на потребните реформи додавајќи дека од суштинско значење е посветеноста кон нивното спроведување.
Претседателката Адеми нагласи дека извештајот на ЕУ има посебно значење за Врховниот суд поради искрената посветеност кон исполнувањето на европските стандарди.
„Извештајот на Европската Унија за нас преставува вистинска мотивација. Препораките за судството се пријателски совети. Особено сум благодарна за позитивните оценки за Врховниот суд. Ќе продолжиме со исполнувањето на европските стандарди, кои се на браникот на владеењето на правото“, истакна претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

