Македонија
Муцунски од Монтреал: Неопходно е да се изградат механизми за безбедно враќање на украинските цивили и депортираните деца

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изминатите два дена учествуваше на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Зеленски од Украина, што се одржа во Монтреал, Канада. Во фокусот на конференцијата беше третманот кон политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца.
Покрај обраќањето на воведната сесија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија говореше на сесијата на тема : „Механизми за безбедно враќање дома на заробените украински цивили и депортираните деца.“
Во говорот пред присутните тој ja нагласи неопходноста од почитување на принципите на безбедност, соработка и, пред сè, човечко достоинство, потенцирајќи ја итната потреба да се обезбедат безбедни, достоинствени и одржливи патишта за враќање на Украинците раселени од конфликтот, притоа нагласувајќи дека одговорот не смее да биде рамнодушен или со двоумење, туку јасна посветеност на акција.
Муцунски додаде и дека со заедничка работа и посветеност може да се изградат механизми кои не само што ќе го олеснат безбедното враќање, туку и ќе ги потврдат нашите заеднички вредности на сочувство, солидарност и издржливост.
„Нашето учество и посветеност денеска ќе испратат силна порака за тоа како можеме да работиме заедно не само за заштита на човековите права, туку и за да се осигураме дека секое патување кон безбедност и достоинство е почитувано и олеснето“, додаде Муцунски.
На маргините на конференцијата, министерот Муцунски оствари билатерални средби сo косовската министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала, српската министерка за евроинтеграции, Тања Мишевиќ, и потпретседателот на Европскиот парламент, Николае Штефанута. Фокусот на средбите беше ставен на актуелните меѓународни прашања, процесот на евроинтеграција и регионалните теми, вклучително и надворешно-политичките приоритети и состојбите во непосредното опкружување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред пратениците, Владата од него очекува макотрпна работа и посветеност

Собранието утре треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство.
Во биографијата пишува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.
Алиу е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
Владата од Алиу очекува макотрпна работа, посветеност и реализација на Програмата во делот на здравството.
„Можам да кажам дека Предлогот ќе биде утре во Собранието и дека ќе наиде на поддршка. Очекувам Алиу да биде посветен на ресорот здравсто, да направи добра реорганизација и да ги спороведе сите политики што се наш приоритет“, рече денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
На утрешната собраниска седница, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во неговата биографија се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наодите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага, очекуваме извинување од СДС

Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Митева: Обвинувањата на СДСМ за софтверот на МВР се ноторна лага

Портпаролката на Владата, Марија Митева, ги демантира обвинувањата на СДСМ дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушување.
Според Митева, се’ што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага.
„Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и се што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ“, кажа Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.