Македонија
Наутро услови за појава на магла, преку денот сончево
Времето денеска, наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, особено изразен преку ноќта кон недела. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла, а преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец кој во делови од котлината повремено ќе засилува. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и суво време со појава на магла или ниска облачност по одделни котлини. Под влијание на постудена воздушна маса од север во недела ќе има зголемена облачност, ќе дува умерен до засилен северен ветер и дневната температура ќе опадне за 6 до 8 степени.
Во текот на следната работна седмица утринските температури на повеќе места ќе се спуштаат под нула степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Обвинителството да го истражи и стажот на директорот на АНБ, Бојан Христовски
Освен сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, за којшто медиуми и во Македонија и во Бугарија покажаа дека е фалсификат, Обвинителството треба да го истражи и стажот, велат од СДСМ.
„Документи доставени од свиркачи до СДСМ покажуваат сериозни пропусти. Според изводите од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, може да се оспори еден од клучните услови кој што е потребен а тоа е стаж од 5 години на раководна функција. Многу лесно може да се утврди дека го нема. Значи Христовски свесно употребил фалсификуван документ за да ја добие оваа позиција, што претставува кривично дело. Очигледно и свесно навел само години без прецизни датуми за неговиот стаж на раководни позиции. Затоа обвинителството треба да го истражи и овој аспект. Во контекст на овој скандал со партизација на АНБ, јавноста веќе е запознаена дека две директорки се казнети за лажни сертификати од истото место – компанијата Јулија ЦО ЛТД, од каде што е и сертификатот на Христовски“, се вели во соопштението на партијата.
Додаваат дека ова се сериозни законски и етички прекршувања кои бараат итна реакција од надлежните институции.
„СДСМ повикува Министерството за внатрешни работи веднаш да покрене кривична пријава против Христовски, а Јавното обвинителство да го расчисти случајот во најкраток можен рок. СДСМ ќе продолжи да инсистира на законитост и одговорност, за да ги зачуваме професионалците и функционалноста на безбедносните структури на државата“, додаваат од опозициската партија.
Македонија
Во сопствениот дом била убиена 29-годишната жена од Штип
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип изврши увид на лице место каде според првичните информации, во близина на сопствениот дом била лишена од живот една 29-годишна жена.
„Едно лице е задржано во полициска станица. При увидот беа подигнати траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење со цел утврдување на околностите. По наредба на јавен обвинител, врз телото на починатата ќе биде извршена обдукција“, соопштија утрово од ОЈО Скопје.
Како што објавивме, вчера околу 20.15 часот во ПС Штип дошол Ф.З. (25) од Штип и пријавил дека ја убил неговата партнерка Е.П. од Штип и посочил дека телото се наоѓа во објект во Штип.
Македонија
Левица обвинува за скандалозни назначувања во Академијата за судии и јавни обвинители
Последните скандалозни и нетранспарентни назначувања во Академијата за судии и јавни обвинители ја доцементираат довербата од 2% во правосудството, реагираат од Левица.
„Согласно членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, во Управниот одбор на Академијата, двајца члена се назначуваат од страна на Судскиот совет од редот на судиите, како и двајца членови кои се назначуваат од редот на јавните обвинители од страна на Советот на јавните обвинители.
Меѓутоа, наместо судии и јавни обивнители, деновиве Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за членови на Управниот одбор на Академијата скандалозно назначија луѓе од сопствените редови. Ова претставува сериозно законско прекршување и ЗЛОУПОТРЕБА на службената положба од страна на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, со оглед дека на истите во моментот на извршувањето на нивните функции во Советите им мируваат судиските и обвинителските функции, поради што немаат право да бидат членови и на Управниот одбор на Академијата.
Дополнително, назначувањето се извршени и на крајно нетранспарентен начин, без образложение за ваквото незаконско постапување. Без каков било процес за изразување на интерес на судии и јавни обвинители, јавно презентирање на програми на кандидати итн., назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата било извршено на седница на Советот на јавните обвинители која траела само 11 минути, додека пак Судскиот совет назначувањето го извршило на таинствен начин под точката „разно“.
Партиите на власт повеќе од три децении го узурпираат правосудството преку раководни лица во правосудството кои се верни на партиско-бизнис интересите на елитистичките партии кои криминално владејат со Македонија 33 години. Оваа контрола над правосудните органи партиите особено ја остваруваат преку Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, во чиј состав за жал претежно се поставуваат луѓе блиски до власта и партиски и бизнис интереси“, се вели во соопштението на Левица.
Левица ја повикува Државната комисија за спречување на судир на интереси и корупција да реагира на ваквото скандалозно постапување на овие органи, кои се најголеми виновници за очајната состојба во правосудството и ниската доверба на граѓаните од 2%.
„Потсетуваме, дека годишниот извештај на Европската комисија, ги потврди ставовите на Левица по однос на судството, и констатираше дека државата нема никаков напредок во оваа сфера“, велат од партијата.