Македонија
Лефков: Советот на судии дрско изврши упад во Академијата за судии и јавни обвинители
Судскиот совет и Советот на Јавни обвинители продолжуваат да преземаат чекори и да делуваат кон намалување на довербата на народот во правосудството, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека Советот на судии дрско изврши упад во Академијата за судии и јавни обвинители, и наместо да назначи судии за членови на УО на Академијата, истиот назначи свој член на таа позиција.
„На 24.10.2024 година Судскиот совет ја назначи Антоанета Димовска, која е член на Судскиот совет за член на УО на Академијата. Членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал.
Членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица, и не можат да вршат функција во органи на управување како што е Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Важно е да се напомене дека Антоанета Димовска покрај тоа што е именуван функционер е и сестра на пратеничката од СДС Снежана Калевска Ванчева. Законот е јасен. Антоанета Димовска не може да биде член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители.
Дали нејзината роднинска врска со пратеник од СДС го мотивирала Судскиот совет да ја назначи за член на УО на Академијата, иако не смеел тоа да го направи?
СДС треба да кажат која е нивната вмешаност во изборот?
Антоанета Димовска треба да си даде оставка од позицијата, а Судскиот совет колективно да ја понесе одговорноста за овој упад во системот“, се вели во реакцијата на Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

