Македонија
Ахмети до Мицкоски: Не бараме учество во Владата за да избегаме од било каква измислена одговорност
„Ние сме подготвени, како што побаравте од говорницата на Собранието, граѓаните да го кажат својот збор за сите овие прашања и да утврдат по една и пол година од вашата Влада за кој пат се“, напиша претседателот на ДУИ, Али Ахмети на неговиот фејсбук-профил како одговор на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски за заеднички парламентарни и локални избори во октомври 2025 година.
Демократската унија за интеграција, објави Ахмети, ја доби апсолутната поддршка од граѓаните во сите изборни процеси од 2002 до 2024 година. Како резултат на изборните победи низ годините, посочува, бевме во владини коалиции заедно со СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, но и со Алијансата за Албанците, Беса, Алтернатива, ДПА, додека другите експоненти беа дел од нашата одговорност во овие 22 години, во нашите заеднички коалиции. Заедно ги делевме обврските, сработеното и нестореното, објави Ахмети, додавајаќи дека ДУИ не ги смениле ставовите, туку сите други ги смениле позициите во зависност од околностите, како што пишува, дали се со нас во коалицијата или не.
„Затоа, не бараме учество во Владата за да избегаме од било каква измислена одговорност во континуитет во овие 22 години, која одговорност секогаш се споделувала со вас, туку да го почитуваме гласот на суверенот, да се престане со понижувањето на Албанците, да ја интегрираме земјата во Европската унија, за добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, за целосен ветинг на политичарите, судиите, обвинителите, олигарсите, процесот на приватизација, како и меѓународно мониторирана неселективна правда“, напиша на фејсбук Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

