Македонија
Почина македонската писателка Оливера Николова, авторка на книгата за деца „Зоки Поки“

Почина Оливера Николова – македонската писателка најмногу позната по култното дело „Зоки Поки“.
Таа е писателка за возрасни и за деца и е една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки.
Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (ТВ-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (ТВ-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (ТВ-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радиоигри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.
Добитничка е на Орден за заслуги за Македонија во 2024 година.
Орденот за заслуги го доби пред својот скорашен 88-роденден, кој претседателот ѝ го однесе лично во нејзиниот дом. Орденот се дава на особено истакнати интелектуалци во разни области, а како што истакна претседателот на државата, таа одамна требало да го добие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.
Македонија
Оставката на Папазов помина на владина седница

Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.